• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Кога жртвата еднаш ќе се разочара, често се повлекува и останува сама“: Маја Ацевска за семејното насилство

6 март 2026, 23:10
  • cподели

Трагедијата во која згаснаа младите животи на жена и нејзината 6-годишна ќерка ги разгоре дискусиите за семејното насилство и негрижата за жртвите. Јавноста оправдано се прашува зошто нивните крици за помош завршуваа во лавиринтите на институционалната тромост без да добијат соодветна заштита.

За жал, овој суров прекин на два живота не е изолиран случај. Тој е само најболниот потсетник дека семејното насилство континуирано се одвива зад затворени врати додека жртвите пречесто остануваат целосно сами, обземени од страв и немоќ. И покрај сите закони напишани на хартија, реалноста на терен е сурова и премногу често – фатална.

За да ги разложиме системските пукнатини, но и да понудиме светлина за оние кои сè уште се во мрак, разговараме со Маја Ацевска, претседателка на Кризниот центар „Надеж“, организација која е првиот штит за многу жени со Националната СОС линија за жртви на семејно насилство 15-315 и Центарот за итно згрижување на жртви во рок од 24 до 48 часа.

Маја Ацевска, претседателка на Кризниот центар „Надеж“
Маја Ацевска, претседателка на Кризниот центар „Надеж“

Ацевска говори за тоа каде точно потфрламе како држава и заедница, каква е реалната слика кога жртвата ќе собере храброст да пријави и што мора итно да се промени за никогаш повеќе да не броиме жртви на системска негрижа.

Случајот со мајката и ќерката кои трагично ги загубија животите по долгогодишно семејно насилство ја потресе јавноста. Каде според Вас потфрли системот – институциите, заедницата или механизмите за заштита?

Случајот навистина нè потресе сите и лично, а особено и професионално, имајќи во предвид дека веќе долги години работиме на оваа тема, на превенција, на подигнување на свесноста за пријавување на насилството, на заштита на жртвите на семејно насилство.

Сигурно дека некаде има пропусти, особено што со последните измени во Кривичниот законик сторителот треба да се гони по службена должност, без оглед на тоа дали жртвата ќе се откаже од пријавата. Пропустите најчесто се комбинација од наведените – институционална реакција која не е доволно брза, недоволна координација меѓу надлежните институции полиција-ЦСР-здравство-обвинителство- судство и механизми кои постојат на хартија, но не се применуваат строго (проценка на ризик, итни мерки и контрола на сторителот), додека заедницата често гледа, но молчи – што ја зголемува изолацијата на жртвата.

Доколку насилството било пријавувано со години, како е можно да не се спречи ваков епилог? Дали станува збор за институционална неефикасност, недоволна координација или нешто трето?

Најголем проблем е што случаите се третираат одделно, а не како континуиран ризик кој ескалира

Кога има пријави кои се повторуваат со години, а сепак се случува трагедија, тоа најчесто значи дека проценката на ризик не била направена или не била третирана како висок ризик. Мерките не биле итни или биле краткотрајни и недостасувало следење дали сторителот ги почитува.

Во пракса, најголем проблем е што случаите се третираат одделно, а не како континуиран ризик кој ескалира. Така се случи и со случајот во Велес, кој заврши со двојно убиство и самоубиство, иако сторителот бил пријавуван многу пати, сепак не бил казнет. Исто беше и со случајот во Шуто Оризари кој заврши со убиство, а сторителот бил пријавуван многу пати.

Во вакви случаи, кој прв треба да реагира и каква треба да биде постапката за да се спречи ескалација до трагедија?

Мерките да бидат итни и да има следење за да се обезбеди реална заштита

Прво, итно треба да реагира полицијата, особено кога има непосредна опасност, истовремено треба да се вклучат и Центрите за социјална работа, за да се обезбедат мерки за заштита и проценка на ризик, додека обвинителството треба да постапува без одложување кога има елементи на кривично дело. Она што е најважно, треба мерките да бидат итни, да бидат координирани и да има следење за да се обезбеди реална заштита.

Стоп за семејното насилство
Дали жртвите навистина добиваат итна и реална заштита кога ќе пријават насилство? Колку брзо системот реагира во пракса?

Кај нас, сѐ има на хартија, постојат итни мерки, но во пракса не е сосема така како што е напишано. Некои случаи се решаваат за ден до два, но има и случаи каде постапките се одолговлекуваат, а особено кога нема јасна проценка дека станува збор за висок ризик.

Колку често Ви се обраќаат жени кои со години трпат насилство, но не добиваат соодветна институционална поддршка?

Полицијата бара докази за сторено дело, па жртвите се обесхрабруваат и се враќаат во насилната средина

На месечно ниво имаме во просек 40–45 повици, а дел од жените се јавуваат по повеќегодишно насилство, кога веќе ескалирало. Најчесто, причините за толку доцно пријавување се страв од сторителот или нивната економска зависност, недоверба дека институциите ќе реагираат, срам од околината.

Има случаи кои се јавуваат и кажуваат дека биле да пријават во полиција, но оттаму не добиле соодветен одговор, особено ако станува збор за психолошко или економско насилство, бидејќи од полиција бараат докази за сторено дело, па жртвите најчесто се обесхрабруваат и се враќаат во насилната средина.

Што конкретно нуди Кризниот центар „Надеж" – од првиот повик на Националната СОС линија 15-315 до згрижување во рок од 24–48 часа? Како изгледа тој процес чекор по чекор?

Кога жртвата е во висок ризик, се згрижува за период од 24 до 48 часа и ѝ се обезбедуваат сите основни услови

Кога ќе се прими повик на СОС линијата, операторот кој го прима повикот упатува на пријавување во соодветните институции, бидејќи како граѓанско здружение немаме надлежности за решавање на случаите. Доколку таа што повикува не е во можност да пријави, ние пријавуваме во нејзино име до соодветниот Центар за социјална работа. Доколку жртвата е во висок ризик – ризик по безбедноста и животот, се згрижува за период од 24 до 48 часа и во тој период ѝ се обезбедуваат сите основни услови – храна, хигиенски средства, лекарства доколку се потребни, психо-социјална и правна поддршка, советување и упатување и се обезбедуваат информации за следни чекори, правата на соодветна заштита, се прави и координација со соодветниот Центар за социјална работа, со полиција - инспектори за семејно насилство, сѐ до преземање од КЦ Надеж и натамошна заштита.

Има случаи кога жените не сакаат да пријавуваат во соодветните институции, од причина што немаат доверба во институциите и сметаат дека ништо нема да им го реши случајот, или пак имаат обезбедено долгорочно сместување, па оттука заминуваат на место каде што се чувствуваат безбедни. Доколку немаат обезбедено сместување, Центрите за социјална работа ги сместуваат во другите засолништа, каде што е овозможен престој од 3 до 6 месеци.

Дали имате капацитет да одговорите на сите повици и случаи? Со што најчесто се соочувате – недостиг од ресурси, правна поддршка, институционална поддршка?

На месечно ниво, за згрижување имаме 6-10 лица (жени и нивните деца)

Да, во моментов успеваме да одговориме на сите повици, бидејќи не сите повици стигнуваат на нашата СОС линија, во просек имаме 40-45 повици на месечно ниво, а исто така нè контактираат и преку емаил, или порака на социјалните мрежи. Повиците или пораките вообичаено се за информирање, консултации, совет или упатување, не секогаш се бара и згрижување истовремено. Во просек, за згрижување има 6-10 лица (жени и нивните деца) на месечно ниво. Често работиме и на волонтерска основа.

Недостатокот најчесто се гледа во финансиската поддршка, која ја добиваме од Министерството за социјална политика, демографија и млади на годишно ниво, но е многу мала, па дополнително работиме и на проекти кои ќе обезбедат средства и за ангажираните лица и за други активности. Комуницираме со Центрите за социјална работа често, имаме соработка со нив и поддршка во насока на заштита на жртвите.

Маја Ацевска, претседателка на Кризниот центар „Надеж“
Дали жените што ви се обраќаат добиваат долгорочно решение или само привремено засолниште?

Кај нас добиваат привремено засолниште, особено кога постои ризик по животот и безбедноста. Паралелно работиме на план за безбедност и упатување кон долгорочни решенија преку институциите и партнерските сервиси. Секако добиваат и психо-социјална поддршка, дури и по заминување од нашето засолниште, честопати ни се обраќаат за совет, за информации и за консултации.

Што треба да се промени во законската рамка или во практичната примена на законите за да не се повторуваат вакви трагедии?

Треба да се казнуваат сторителите. Кај нас, иако ги имаме сите правни механизми за заштита уредено во законите, сепак сторителите не се казнуваат. Најчесто, доколку дојде до судски процес, сторителот може да добие условна или парична казна, што сметаме дека никако не е соодветно казнување, бидејќи сторителите и по добивање на таква казна, најчесто го повторуваат делото, а жртвата е повторно во опасност, дури и да е одвоена од сторителот.

И покрај постоењето на механизми за заштита, зошто жртвите често остануваат незаштитени до последен момент?

Причините за ова се повеќеслојни: културата и традицијата кои го нормализираат „трпењето“, економската зависност, страв од одмазда, но и институционални пропусти – нееднаква реакција од случај до случај, недоволна проценка на ризик и недоволно следење на сторителите. Кога жртвата еднаш ќе се разочара, често се повлекува и останува сама.

Што им порачувате на жените кои сѐ уште молчат од страв, економска зависност или срам?

Не сте сами, помош постои

Не сте сами и не сте виновни. Ако се плашите, направете мал чекор – јавете се на СОС линија, разговарајте со лице од доверба, направете план за безбедност. Помош постои и имате право на заштита.

Семејно насилство
Како најблиските (семејството, соседите, колегите) можат да препознаат дека некоја жена е жртва и каде да пријават?

Може да се препознае по знаци како изолација, страв, контрола од партнерот, повреди за кои секогаш има објаснување, чести отсуства, нагли промени во однесувањето. Ако некој се сомнева дека некоја жена е жртва, треба да разговара со неа ненаметливо, да понуди придружба до институција или да пријави во полиција/ЦСР во нејзино име, или да се јават за совет на СОС линија.

По оваа трагедија, што како општество мора итно да направиме за да не дозволиме уште една жена и дете да ја изгубат битката со системот?

Секоја пријава да се третира како потенцијален висок ризик

Она што итно треба да се направи е нулта толеранција на насилство, секоја пријава да се третира како потенцијален висок ризик, да има силна координација меѓу институциите, да се донесуваат брзи мерки за заштита и контрола на сторителот, да се гонат и казнуваат сторителите, како и да се обезбеди континуирана поддршка за сервиси како СОС линии и засолништа.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
семејно насилство
Маја Ацевска
кризен центар „Надеж“

Најнови

  • Маја Ацевска, претседателка на Кризниот центар „Надеж“

    „Кога жртвата еднаш ќе се разочара, често се повлекува и останува сама“: Маја Ацевска за семејното насилство

    Fri, 03/06/2026 - 23:10
  • Дејана Бачко

    „Девојката со крилја“ го изгуби нероденото дете: „Бебето немаше развиени горни екстремитети и сериозна срцева мана“

    Fri, 03/06/2026 - 18:04
  • Offline Tea & Book Club

    Дигитален детокс со чај и книги: Како помина првиот Offline Tea & Book Club во Скопје?

    Fri, 03/06/2026 - 17:40
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.