Музиката е јазик кој не познава граници, а тоа на прекрасен начин го покажаа учениците од Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ во Скопје.
По повод Меѓународниот ден на знаковниот јазик, популарниот дует „Океани“, во изведба на Next Time и Слаткаристика, доби посебен превод.
Додека Мартин и Стефан Филиповски пееја, ученички ја пренесуваа нивната песна на знаковен јазик. На тој начин, песната можеше да ја почувствуваат и разберат и лицата со оштетен слух.
Станува збор за дел од настанот „За јазикот кој спојува светови“ со кој на 23 септември „Партенија Зографски“ го одбележа Меѓународниот ден на знаковниот јазик, ден кој потсетува дека комуникацијата може да има различни форми, но желбата да бидеме разбрани и поврзани е иста.
Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ е специјализирано за образование на ученици со оштетен слух и говор. Во него се образуваат глуви и наглуви ученици од целата држава, а покрај образованието, училиштето обезбедува и воспитување, рехабилитација и професионално оспособување.