„Кога имотот оди кај синот, на ќерката ѝ праќате порака дека е гостин во сопственото семејство“: Дора Попова Узуновски за болната семејна тема
Прашањето за поделба на имотот меѓу синот и ќерката на Балканот не е само правно или материјално прашање, тоа е длабока емоционална анатомија на нашето општество, каде „редот“ честопати е поважен од правдата, а традицијата посилна од љубовта.
Денес, во 21 век, сè уште дебатираме дали љубовта кон децата може да биде еднаква ако распределбата на она што го оставаме зад себе е нееднаква. Дали преку имотот, всушност, несвесно испраќаме порака за тоа колку навистина вреди секое од нашите деца?
Токму затоа, кога Дора Попова Узуновски, лиценциран психолог, магистер по клиничка психологија и европски сертифициран гешталт психотерапевт, ја отвори оваа тема на социјалните мрежи, предизвика лавина реакции: од силна поддршка до жестоки несогласувања. Нејзиниот став како со хируршки нож засече во колективната совест за една пракса која многумина ја чувствуваат како неправда, но ретко кој ја именува гласно.
Како професионалец кој преку својот Центар за ментално здравје „Дора“ секојдневно се соочува со последиците од ваквите семејни динамики, таа за Фемина детално ги споделува своите стручни гледишта на оваа болна и сè уште актуелна тема.
Што ве мотивираше да ја отворите оваа тема јавно, знаејќи дека сè уште е табу на Балканот, дури и во 21 век?
Мотивот лежи во потребата да се освести она што сите го чувствуваат, а малкумина го изговараат. Табуата опстојуваат додека не се осветлат. Во 21 век, ако се стремиме кон емоционална зрелост и здрави семејства, не смееме да дозволиме застарените обичајни норми да ја диктираат вредноста на поединецот во семејството.
Зошто сметате дека еднаквата поделба на имот меѓу син и ќерка е психолошки важна?
Децата ги гледаат постапките, а не зборовите
Ако љубовта е еднаква, а распределбата на ресурсите не е, се создава когнитивна дисонанца. Децата ги гледаат постапките, а не зборовите. Кога имотот се насочува само кон синот, се сугерира дека ќерката е „гостин“ во сопственото семејство, што е директна контрадикција на тврдењето за еднаква љубов.
Ако велиме дека ги сакаме децата подеднакво, зошто тоа не се гледа и во имотот? Дали родителите навистина се свесни за емоционалната штета што ја прават со нееднаква поделба?
Повеќето родители не се свесни за длабочината на штетата, бидејќи и самите се жртви на истиот модел. Тие често мислат дека со „мирното прифаќање“ на ќерката, проблемот е решен. Но, тие не ја гледаат тивката тага и чувството на неадекватност што се таложи кај неа.
Зошто ќерките често се очекува да „разберат“, а синовите да „наследат“?
Жената се учи да биде чувар на емоциите, а мажот чувар на капиталот
Од ќерките се бара емпатија и жртва за „повисокото добро“ (семејната чест, името), додека од синовите се очекува статус и моќ. Ова е класична родова стапица: жената се учи да биде чувар на емоциите, а мажот чувар на капиталот.
Дали молчењето на браќата ги прави соучесници во неправдата? Зошто не инсистираат на рамноправна поделба?
Инсистирањето на рамноправна поделба од страна на братот е највисок чин на љубов кон сестрата
Молчењето на браќата е пасивна форма на соучесништво, но често е резултат на научена привилегија. Инсистирањето на рамноправна поделба од страна на братот е највисок чин на љубов кон сестрата и интегритет кон себеси. Со тоа, тој покажува дека му е поважен односот со сестрата отколку материјалниот ќар.
Што е поважно: мир во семејството или праведност? И дали тие навистина се спротивставени?
Лажниот мир изграден врз неправда е само одложена војна. Вистинскиот семеен мир е можен само таму каде што постои праведност. Тие не се спротивставени, праведноста е темелот на кој се гради долгорочен и искрен мир.
Дали ваквите одлуки создаваат тивка дистанца што трае со години? Дали постојат долгорочни последици врз односите во семејството кога имотот не се дели рамноправно?
Нееднаквата поделба создава „тивка дистанца“. Дури и ако нема отворена кавга, се јавува чувство на емоционална изолираност. Ќерката може да продолжи да доаѓа на ручеци, но довербата дека нејзините родители ја гледаат како еднаква е трајно нарушена. Тоа влијае и на односите меѓу браќата и сестрите, создавајќи јаз што тешко се премостува.
Кога родителите велат „така е редот“, чиј ред е тоа всушност?
Тој „ред“ е патријархален остаток од времиња кога жените немале право на глас, работа или образование. Денес, тој ред е само одраз на стравот од промени и стравот од тоа што ќе каже околината.
Дали ова е љубов со услови и каква порака им се праќа на ќерките? Ако го побараат своето, многу често се етикетирани како скржави или бесчувствителни... Но, колку е всушност ситуацијата обратна?
Кога на ќерката ѝ се замерува ако си го побара својот дел, тоа е класичен пример за емоционална уцена
Кога на ќерката ѝ се замерува ако си го побара својот дел, тоа е класичен пример за емоционална уцена. Пораката е сурова: „Твојата љубов кон нас се мери преку твојата подготвеност да се откажеш од себе.“ Ситуацијата е всушност обратна — скржавоста не е кај оној што бара правда, туку кај системот кој сака да задржи сè за себе. Ова е љубов со услови, бидејќи ја прифаќа ќерката само додека таа е „послушна“ и „скромна“. Ако се избори за себе, одеднаш станува „бесчувствителна“. Тоа е емоционална уцена.
Ако ќерката е еднакво вложена и еднакво сакана во семејството, зошто не е еднакво вреднувана?
Ќерките често емоционално ги негуваат родителите во староста и ги носат на лекар, а имотот оди кај синот
Ова е болниот парадокс на Балканот. Ќерките често се оние кои емоционално ги негуваат родителите во староста, ги носат на лекар и се присутни во секојдневието, додека имотот оди кај синот.
Причината е архаичниот страв од „туѓа крв“ (стравот дека имотот ќе отиде во друго семејство преку зетот). Родителите тука несвесно го вреднуваат „презимето“ повеќе од реалната личност и реалниот труд на нивното дете.
Како родителите можат да пристапат кон ова прашање без да создадат конфликти меѓу децата?
Најдобриот начин е транспарентност и радикална искреност додека се родителите во добро здравје.
Конфликтите настануваат во тишина и претпоставки. Родителите треба:
- Да ги седнат двете деца заедно.
- Јасно да кажат: „Ве сакаме подеднакво и затоа ве третираме подеднакво.“
- Да не оставаат простор за „договори“ по нивната смрт. Конфликтот не го создава еднаквата поделба, туку чувството на неправда. Кога децата гледаат дека родителот е принципиелен, просторот за кавга меѓу нив се намалува.
Што би им порачале на младите жени кои се чувствуваат неправедно третирани во вакви ситуации? Како да постапат?
Порака до младите жени кои се соочуваат со неправда:
- Вредноста не се мери преку жртвата. Младите жени треба да разберат дека нивната вредност како личности не зависи од тоа колку се подготвени да се жртвуваат за зачувување на застарените семејни традиции.
- Гласно говорење за правдата. Наместо пасивно да чекаат некој друг да се сети на нивните права, тие треба храбро и гласно да го отворат разговорот со своите родители додека сè уште има време за праведно решение.
- Ослободување од наметнатата вина. Барањето на законскиот и морален дел од имотот не е чин на алчност, туку суштински чин на самопочитување и признавање на сопственото место во семејната хиерархија.
- Поставување цврсти граници. Доколку семејството се обиде да ги етикетира како „скржави“ затоа што бараат еднаквост, тие треба да знаат дека таквите напади зборуваат за вредностите на оние кои етикетираат, а не за карактерот на жената која се бори за својата праведност.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk