Балансирана исхрана, безбедно и ефективно вежбање, управување со стресот, редовна контрола на крвниот притисок и шеќерот, примена на стратегии за откажување од пушење, се дел од советите на лекарите за избегнување на нездравите навики и подобрување на општото здравје.
Практичните совети кои се лесно применливи во секојдневниот живот за тоа како граѓаните може да го зачуваат и подобрат своето физичко, но и ментално здравје, може да се најдат во водичот „Како до здрави навики“ што го подготви и издаде Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС).
Овој практичен водич покрај на македонски јазик, како што првично беше промовиран, сега е достапен и на албански и на англиски јазик, за да допре до поширока публика и да ги пренесе сознанијата до кои лекарите дошле низ нивната пракса, работата со пациенти, како и врз основа на научните докази и светските практики. Водичот е дел од проектот „Стоп за лоши навики“ што го спроведува ЗЛС, а чија главна цел е да влијае врз промена на свеста на граѓаните за значењето на примарната превенција за нивното здравје и да ги охрабри да ги сменат животните навики на индивидуално, но и на колективно ниво како нација.
Поради големиот интерес што го предизвика меѓу лекарската заедница, но и кај пошироката јавност, водичот „Како до здрави навики“ овој викенд ќе биде промовиран и пред учесниците на меѓународниот Симпозиум на млади лекари што во петок и сабота (5 и 6 декември) ќе се одржува во Скопје. На овој симпозиум, кој првенствено е наменет за едукација, собирање искуство и вмрежување на младите лекари од земјава, ќе учествуваат над 150 лекари од земјава и реномирани гости од странство кои ќе ги споделат најновите искуства, сознанија и техники во различни медицински области. Меѓу другото, тие ќе отворат и дијалог за најчестите незаразни болести кои влијаат врз квалитетот на здравјето на граѓаните.
Авторите на Водичот истакнуваат дека генералната опасност по здравјето на нашите граѓани доаѓа од растечката пандемија на дебелина, особено кај младата и тинејџерската популација, нискиот интерес за редовна физичка активност, како и од злоупотребата на алкохол и пушењето.
Водичот содржи едноставни и практични совети кои се лесно применливи во секојдневниот живот. Притоа, тие мали промени во животниот стил и секојдневните избори директно влијаат врз подобрување на општото здравје и превенирање на многу болести. Овој водич е водилка низ мали, но значајни промени во исхраната, движењето и грижата за менталното здравје, сознанија до кои како лекари сме дошле во повеќегодишната пракса, искуствата од поискусните колеги, но и научните докази на светско ниво – вели д-р Никола Манев, еден од авторите на водичот „Како до здрави навики“.
Водичот е изработен од специјалистите и специјализантите од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), асс. д-р Никола Манев, д-р Александра Георгиева, д-р Симона Сапунџија, д-р Наташа Петровска и фитнес тренерот Марио Јовановски.