• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Шоу-бизнис

Јована Спасиќ: Театарот, музиката и кабарето се дел од мојата сценска приказна

29 октомври 2026, 14:04
  • cподели
Јована Спасиќ

Некои актери ја избираат сцената, а некои едноставно не можат без неа. Јована е од оние вторите. Театарот, музиката, мјузиклот и кабарето се простори во кои таа постојано се надградува, експериментира и го бара својот следен предизвик.

Во разговор со Јована, зборуваме за нејзините досегашни искуства, соработката со искусни актери и улогите што посакува да ги оживее на сцената.

Јована, како дел од ансамблот на Драмски театар Скопје, за релативно кратко време успеваш да изградиш свое место на театарската сцена. Колку е предизвик за една млада актерка да го пронајде сопствениот уметнички глас во ансамбл со силна традиција и големи актерски имиња?

Во нашата професија голем фактор игра среќата

Сметам дека во нашата професија голем фактор игра среќата, односно приликите што ни доаѓаат на пат. Нашата умешност/уметност доаѓа на површина во зависност од тоа колку вешто ќе се справиме со истите. Така што, сѐ што не среќава на патот е предизвик, потребата предизвикот да се совлада е одговорност и задоволство а да се игра во таков ансабл е привилегија. Да се биде дел од ансамбл со таква традиција значи и да се учи од луѓето околу себе, но и постепено да го пронаоѓаш сопствениот израз. 

Јована Спасиќ

За улогата во „Куршуми над Бродвеј“ ја доби наградата за најдобра главна женска улога на фестивалот „5РЕ“ во Велес. Што значеше ова признание за тебе и дали наградите во раната фаза од кариерата носат дополнителна самодоверба или, можеби, уште поголема одговорност за она што следува?

Наградите претставуваат потврда дека одреден предизвик е совладан добро, па во конкуренција со други ролји, некако успеал да се издвои. Наградата на „5ре“ ми донесе признание дека ликот на Оливија сум го изнела квалитетно, судејќи по реакциите на публиката и комисијата, како и одговорност за претстојните улоги. Секако, една награда не значи ништо, потребна е напорна работа во секој нов процес и одново преиспитување и надоградба. Играњето на Оливија ми предизвикува задоволство на неколку нивоа. Кога играм, кога ги примам реакциите од публиката, а наградата е само последица од задоволството. 

Јована Спасиќ

Во моментов си дел и од мјузиклот „Као какао“, каде од тебе се бара истовремено актерско и вокално присуство. Колку мјузиклот ти овозможува да покажеш една поинаква страна од себе и каде лично се чувствуваш најслободно – во драмската игра, музиката или токму во нивниот спој?

Не можам точно да одредам дали музиката ме донесе до театарот или обратно. Само знам дека одлично се чувствувам правејќи ги двете и не можам да ги одделам. Взаемно се поврзани и претставуваат симбиоза од она што сум. На театарот и на пеењето заедничко им е сцената, емоцијата, енергијата… а јас сум среќна дека имам прилика да ги употребувам и двете уметности кои водат кон емоционално ослободување и кај мене како изведувач и кај публиката.

Во „Као какао“ си дел од една од највпечатливите сцени во претставата, рамо до рамо со големи и искусни театарски имиња. Какво е чувството како млада актерка да влезеш во таква сцена и што учиш од партнерството со актери кои зад себе имаат децении сценско искуство?

Да застанеш на сцена со најголемите актерски имиња во Македонија и да учиш од нив е огромна чест. Не постои поголема професионална сатисфакција од тоа да ја делиш сцената со некој кој бил причина зошто си сакал да се занимаваш со професијава. Ако за нешто сум среќна по прашање на мојата досегашна кариера, тоа е можноста да ја делам сцената/ кадарот со најголемите македонски актери од кои секогаш имам што да научам. 

Јована Спасиќ

Публиката во Gold Felicia во Битола и Тетово те запознава во уште едно издание – како церемонијален мајстор, но и како пејачка. Што ти овозможува кабаретската сцена да покажеш од себе што можеби не можеме да го видиме во една класична театарска претстава?

Кабаретската сцена ми овозможува за момент да бидам пејачка на начин на кој не сум во други сценски форми. Во мјузикл пристапот е поинаков - на песната ѝ се пристапува актерски. Сепак, често ми е тешко целосно да се одвојам од актерството, па и мојот израз во пеењето останува актерски. 

Кога станува збор за мојата улога како церемонијал мајстор, кабаретската сцена ми овозможува непосредна комуникација со публиката, за разлика од однапред научениот текст во театарот. Тоа е постојан тренинг на мислата, изразот, хуморот, креативноста… Мораш целосно да бидеш присутен во моментот за успешно да одговориш на задачата, а јас секогаш сум отворена за нови проблесоци што произлегуваат од спонтаноста.

Јована Спасиќ

Како церемонијален мајстор во кабаре немаш „четврти ѕид“ зад кој можеш да се сокриеш – публиката е непосредно пред тебе, а нејзината реакција ја добиваш веднаш. Колку токму таа директна размена со публиката влијае врз твојата енергија и начинот на кој ја водиш вечерта?

Успешна комуникација со публиката значи добро завршена работа

Влијае многу. Секоја вечер и секоја публика е различна па затоа постои простор за нешто неочекувано. Успешна комуникација со публиката значи добро завршена работа, особено кога на сцена ќе се роди нешто ново, нешто што спонтано ќе ми текне и ќе наиде на добра реакција. Кога таквиот момент ќе се покаже, знам дека идејата може понатаму да се развива. Така се отвора неисцрпна можност за нови збогатување и освежувања на сцената.

Јована Спасиќ

Актерка, пејачка, мјузикл, кабаре – твојата досегашна кариера како да покажува дека не сакаш да останеш во рамките на само една форма на сценско изразување. Дали оваа разновидност е свесен избор и каков тип уметник сакаш да изградиш од себе во годините што доаѓаат?

Секој нов предизвик отвора свет во кој можеш да се понајдеш

Тешко е да одбереш еден пат и да го трасираш. Некогаш предизвиците те наоѓаат неподготвен, но ако во нив препознаваш инспирација, вреди да се препуштиш. Секој нов предизвик отвора свет во кој можеш да се понајдеш. Забавно ми е да се испробувам во различни форми и светови, но не дека јас ги бирам и барам, понекогаш тие ме наоѓаат мене. 

Јована Спасиќ

Во период кога професионално ти се случуваат многу нешта, од признанија и нови претстави до мјузикл и кабаретска сцена, што сè уште може вистински да ја возбуди Јована пред да излезе пред публика? И која е сцената што сè уште ја сонуваш, а допрва треба да ја освоиш?

Времето минува а со тоа и можностите нешто да одиграм. За 10 години нема да можам да ја играм Нина Заречна на пример, ќе можам да ја играм Ана Петровна да речеме. Како „стареам“ ми се смалува обрачот за играње на одредени улоги. Во оваа фаза би сакала да ја играм Антигона. Нескромно 😊 Би сакала да играм сè што ме предизвикува да излезам од сопствените рамки, од она што сум приватно. Улоги што бараат истражување, промена, напор и соочување со делови од себе што сè уште не ги познавам доволно. Токму таквите улоги ме возбудуваат.

А меѓу сите улоги што допрва ја очекуваат, една желба веќе има име – Антигона.

Tags
Јована Спасиќ

Најнови

  • Јована Спасиќ: Театарот, музиката и кабарето се дел од мојата сценска приказна

    Thu, 10/29/2026 - 14:04
  • Жаре од „Еден на еден“: „Тоше беше друга димензија, таква енергија, да почувствуваш емотивна поврзаност иако не го знаеш човекот“

    Thu, 10/29/2026 - 13:55
  • Имате полн плакар, а „немате што да облечете“? Есенски комбинации за нови идеи

    Thu, 10/29/2026 - 13:33
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.