„Имало безброј ‘штипни ме - дали сонувам?’ моменти, како фотографирањето за Ели Сааб во Париз“: Македонскиот фотограф Badstef за светскиот успех
Од Куманово до Милано, Париз и Њујорк, патот на Стефан Соколовски е внимателно градена кариера со години труд, ризик и јасна визија. Денес, талентираниот фотограф, познат како Badstef, е име што се движи низ модните метрополи со истата леснотија со која зад објективот лови детали, енергија и стил.
Фотографира за светски модни куќи како Elie Saab и Philipp Plein, работи со врвни модели, балкански и светски ѕвезди, а неговото остро око за мода одамна е препознатливо и надвор од кадарот, па така тој е секогаш одлично стилизиран, сигурен во својот израз и комфорен во светот на луксузот.
Но, зад гламурот, црвените килими и патувањата во Кан, Венеција, Милано или Њујорк, стои приказна за трпение и постојано движење напред.
„Со фотографија се занимавам повеќе од 13 години. Првите две-три години беа чист експеримент, но интересот од околината беше огромен и тогаш сфатив дека ова веќе не е хоби, туку професија“ – раскажува Стефан за Фемина.
Светската кариера почнал сериозно да ја гради пред пет-шест години, во моментот кога почувствувал дека локалната сцена повеќе не му нуди инспирација:
„Сфатив дека на нашите простори веќе немам мотивација да се докажувам и дека морам да излезам надвор.“
Денес, неговата агенда е резервирана месеци однапред, а зад себе има моменти што и самиот тешко ги прераскажува без неверување.
„Имало безброј ‘штипни ме – дали сонувам?’ ситуации. Би ги поделил на моменти на чист гламур и луксуз – модни недели, Кан, Венеција, гала-настани – и моменти на лични кариерни победи.
За мене, фотографирањето за Elie Saab во Париз беше таков момент. Дури и ден потоа не можев да поверувам дека навистина се случи. И секако има и моменти кои не можам да ги споделам со јавноста, а тоа се приватни дружби и афтер парти забави со многу познати личности каде што понекогаш и самиот јас се прашувам како се случуваат истите.“
Иако неговиот Инстаграм е полн со светла, мода и луксуз, реалноста е далеку поинтензивна.
„Многу работа, дисциплина, енергија и огромни инвестиции. Социјалните мрежи ги прикажуваат само убавите моменти, но не и напорот зад нив. Секоја работа со луѓе е крајно тешка и макотрпна, а замислете го сето тоа со плус луѓе од секакви држави, националности, различни религии и вкусови. Навистина сериозен предизвик, кој со планирање станува начин на живот.“
Успехот, вели, не го вообразил – напротив.
„Искрено јас мислам дека многу повеќе ме приземји од порано. Односно секое враќање во Македонија после кое било патување ми е буквално шлаканица и враќање во реалноста. Доколку некогаш објавувам моја автобиографска книга, ќе се обидам на навистина сликовит и крајно професионален начин да ги доловам тие мигови и контрасти во реалноста, каде што од светски гламур се враќам во средина каде што воопшто нема никаква естетика и мотив за каква било убавина и мода. Додека секако од друга страна, самата работа на себе ме научи да си ја вреднувам својата енергија и работа и да бидам уште многу поселективен со кој соработувам и на кои проекти ќе го ставам своето име.“
Иако работи со големи имиња и на сцена каде конкуренцијата е светска и немилосрдна, Стефан останува воден од сопствената интуиција.
„Сѐ е енергија и доверба. Кога на уметник ќе му дадеш слобода, тогаш го добиваш максимумот од неговата креативна визија. 80% од фотосесиите се супер, само единствено нешто што не сакам и не преферирам е глумење. Тука веќе добиваат друга верзија од мене како фотограф и наместо 100% се давам помалку од 50%.“
Неговите неостварени желби сè уште се високо поставени – од светски икони како Линдзи Лохан, Парис Хилтон, Мадона, Шер и Меланија Трамп, до модни куќи како Alexander McQueen, Vivienne Westwood, John Galliano и Tom Ford.
Патувањето на луксузни дестинации е неговото ново „нормално“:
„Секако дека станува некој начин на нормала, што понекогаш знае да биде претешко и едноставно самиот тој стандард го бараш понатака низ целиот тек на животот и во сите сфери на самото живеење, и во твојата блиска средина, и во твоите пријателства, секојдневие и сѐ останато.
Како човек ме менува само тоа што знаеш да вреднуваш, да препознаеш и да очекуваш квалитет околу себе. Самиот раст и успех си носи своја цена кој не секој може да ја приушти.“
А кога ќе му затреба пауза од светскиот гламур?
„Најмногу сакам да одморам во Македонија, со мои луѓе, на мајчин јазик, без никаква глума и претенциозни работи. Добар хотел, спа и масажа на лице – тоа навистина ме враќа во живот.“
На крајот, како порака до младиот Стефан од Куманово, како и до сите што сонуваат големи соништа, вели:
„’Just keep going’. За сѐ е потребно многу време, така да многу трпение секако. Многу труд и дисциплина. Многу инвестиции и вложување во секој аспект од кариерата и секако, да творат и работат што повеќе од границите на нашата држава.
Да внимаваат и да бидат многу селективни во врска со своите соработници, да бидат свои и дека личен печат е првата почетна точка во сѐ и никогаш да не се споредуваат со други луѓе од индустријата.
И за крај – да знаат дека соништата имаат многу скапа цена и дека доколку се одлучат навистина да ги следат, треба многу да работат за тоа.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk