Раскошот на високата мода наскоро ќе стане подостапен. Ели Сааб, модната куќа чии блескави креации со децении се синоним за гламур на црвениот тепих, ги здружува силите со H&M во возбудлива соработка која веќе е хит.
Романтичната женственост, раскошните везови, светкавите детали и силуетите создадени да го слават женското тело се темелот на креативната визија на либанскиот дизајнер, а токму таа естетика ќе се преслика и во долгоочекуваната колекција за H&M.
ELIE SAAB x H&M ќе опфати женска и машка облека, како и низа модни додатоци, меѓу кои и обувки. Во фокусот ќе бидат раскошно украсени фустани, светкави парчиња кои лесно можат да се комбинираат и прецизно скроени костими. Фината тантела, градиентните светки и препознатливите монограми на куќата ќе внесат дополнителна доза префинетост во колекцијата.
Од H&M не го кријат возбудувањето што токму Ели Сааб се приклучува на долгата листа големи дизајнерски имиња со кои брендот соработувал.
„Возбудени сме што ја најавуваме оваа значајна соработка со ELIE SAAB. Господинот Сааб е дизајнер кого отсекогаш сме го почитувале – патувањето од мајстор за венчаници во Бејрут до центарот на париската мода е неверојатна, богата приказна и пресреќни сме што ќе имаме можност да го истражиме неговиот свет. Нашите купувачи можат да очекуваат магична, раскошна и гламурозна колекција“ – изјави Ен-Софи Јохансон, креативна советничка на H&M и директорка за дизајн на женската линија.
За Сааб соработката е можност неговиот препознатлив моден универзум да допре до многу поширока публика.
„Оваа колекција е создадена за сите кои му се восхитуваат на светот на ELIE SAAB и се надевам дека ќе биде прифатена со истиот ентузијазам со кој беше создадена. Многу сум среќен поради оваа соработка и начинот на кој работевме заедно со тимот на H&M за да ја оживееме колекцијата. Тоа беше навистина заеднички и инспиративен процес. Секое парче е создадено со внимание и посветеност, спојувајќи комплетна гардероба која одговара на секој момент од животот на една жена“ – изјави Сааб.
А судејќи според очекувањата на самите креатори, љубителите на модата ќе треба да бидат брзи кога колекцијата ќе пристигне во продажба на 22 октомври глобално онлајн и во селектирани продавници. На прашањето колку време очекува да биде потребно за ELIE SAAB x H&M да се распродаде, Сааб одговори: „Мислам 30 минути“. Јохансон веднаш го поправи со уште поамбициозна прогноза: „Не, тоа е премногу долго! Би рекла 18 минути, да бидеме прецизни“.