„Границите се таму каде што самите ќе ги поставиме“: Беира, која е целосно слепа, истрча 21км на Скопскиот маратон
Беира Салифоска инспирираше многумина со своето учество на Скопскиот маратон.
Иако од раѓање има глауком и е целосно слепа, таа истрча 21 километар на Скопскиот маратон и беше громогласно поздравена и на стазата, но и на социјалните мрежи.
„Идејата да трчам маратон ја имав уште пред многу години, само што поради оштетувањето на видот сама не би можела да трчам. Кога Димче ми стана асистент, разговаравме за мојата желба и си ветивме дека еден ден ќе трчаме заедно.
Со подготовките започнавме во 2020 година, но тогаш започна пандемијата и немавме можност да ја реализираме идејата. Откако сè се врати во нормала, во 2023 година за првпат истрчавме 5 километри на Скопскиот маратон.
Така што, ова не ми е првпат да учествувам на маратонот, но овој пат предизвикот беше многу поголем, да истрчаме 21 километар“ – раскажа за Фемина, девојката која е родена во Пласница, а речиси две децении живее во Скопје.
За разлика од првиот пат, кога предизвикот бил само 5 километри, сега Беки и нејзиниот персонален асистент Димче Миланов требало да се подготват за четирипати поголема дистанца. Иако трчањето било заеднички подвиг, подготовките барале дисциплина и од двајцата.
„Ќе зборувам во множина, бидејќи за овој подвиг заедно се подготвувавме со мојот асистент Димче. Интензивно се подготвувавме шест недели. Во тренинзите беа вклучени трчање, пешачење на Водно и возење велосипед. Секако, телото памти, во текот на годината имавме тренинзи, но не со ист интензитет како во периодот непосредно пред маратонот.
Ме прашавте кој ми беше најголема поддршка. Секако, тоа е Димче. Без него немаше да можам да го реализирам овој подвиг. Тој не беше само мој асистент, туку и мој соработник во овој предизвик, моја поддршка и мотивација.
Да бидам искрена, во текот на подготовките имаше моменти кога едноставно не ти се станува и не ти се трча. Но, токму тука со Димче се надополнувавме. Кога едниот немаше доволно мотивација, другиот го поттикнуваше. Бевме свесни дека не треба да ги одложуваме тренинзите и дека секој тренинг нè носи еден чекор поблиску до целта“ – открива воспитувачката во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје.
На денот на полумаратонот, храбрата Беки имала огромна желба да го заврши она коешто го започнала... И успеала.
„Да, фала му на Господ, истрчавме 21 километар. Поминав прекрасно. Искрено, тоа чувство тешко може да се опише со зборови, треба едноставно да го доживееш.
Атмосферата беше одлична, а јас и Димче бевме многу расположени и позитивни во текот на целата трка. Кога сето тоа позитивно ќе се собере... подготовката, желбата, поддршката и добрата атмосфера... резултатот навистина е прекрасен“ – споделува таа.
Дали некогаш помислила да се откаже? Салифоска вели дека таква опција за неа едноставно немало.
„За откажување, искрено, ниту во еден момент не сум помислила, а уште помалку сум посакала да се откажам“ – сподели таа.
Таква е Беки, неуморна и позитивна. Има дипломирано на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на УКИМ, а нејзиниот дипломски труд на тема „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на Ковид-19 пандемијата“ е прв дипломски труд во земјава напишан на Брајово писмо. Живее сама во сопствен стан, сама се движи наоколу, важи за прекрасна пријателка и иако се соочува со различни предизвици, не дозволува тие да ја дефинираат.
„Сите ние секојдневно се соочуваме со различни предизвици. Некои од нив се исти за сите луѓе, а некои се различни.
Мислам дека најмногу зависи од нас самите, како ќе се поставиме кон предизвиците, дали ќе дозволиме тие да нè ограничат или ќе најдеме начин да ги надминеме. За мене, токму овој маратон е доказ дека границите многу често се таму каде што самите ќе ги поставиме“ – вели Беки.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk