Гордана Сиљановска-Давкова заигра оро како гостинка на Галичка свадба, им честиташе на младенците и им даде подарок
Гордана Сиљановска-Давкова беше дел од овогодишната „Галичка свадба“, на која присуствуваше како покровителка на манифестацијата.
Претседателката на нашата држава беше пречекана од најмладите галичани со домашна нафора и сол, а на социјалните мрежи ги сподели своите впечатоци.
На младенците Мартина Михајлова и Александар Пендароски, Сиљановска-Давкова лично им го честиташе бракот и им подари галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија, симбол на плодноста и богатата македонска свадбена традиција.
Денеска, на „Галичка свадба“, најмладите галичани ме пречекаа со домашна нафора и сол, а потем проследив дел од свадбарските обичаи што со векови се пренесуваат низ мијачкиот крај, како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство.
На овогодинешните младенци, Мартина Михајлова и Александар Пендароски им го честитав бракот и во својство на покровителка им подарив галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија, којашто е симбол на плодноста и македонското свадбено богатство.
Им посакав заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа.
Од година во година, манифестацијата привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство, останувајќи еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет.