„Голем број на 'добри' Black Friday зделки се само маркетиншки трикови“: Катерина Илијовска за одржливоста наспроти прекумерното купување
Во време кога Black Friday попустите ја диктираат глобалната потрошувачка, а брзата купопродажба станува речиси рефлекс, сè погласно се јавуваат гласовите кои повикуваат на промена – промена што не значи „купувај помалку“, туку „живеј попаметно“. Оваа година Македонија за првпат се приклучи кон светското движење „Циркуларен понеделник“, иницијатива што расте од 2017 и се залага за онбовување, повторна употреба и одговорно консумирање. Зад овој исчекор стои Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан, но и бројни локални ентузијасти кои со години ја туркаат идејата дека одрживоста не е тренд – туку неопходност.
Меѓу нив е и Катерина Илијовска, проектен асистент во Хабот и ко-основачка на здружението „Yes for Less“, која веќе подолго време алармира за прекумерната потрошувачка и ги промовира алтернативите што прават разлика и за луѓето и за планетата. Таа за Фемина зборува за тоа што значи „Циркуларен понеделник“, зошто Black Friday веќе одамна не е симбол на вистински попусти, како изгледа циркуларната економија во македонски рамки и кои мали, но важни промени секој од нас може да ги направи уште денес.
Што за вас лично значи концептот „Циркуларен понеделник“ и зошто е важен контрапункт на Black Friday?
Како проектен асистент кој цела оваа година работи на развивање на Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан, воден од Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), лично бев многу среќна кога добивме покана директно од една од основачките на движењето да станеме дел од „Циркуларниот понеделник“.
Од здружението „Yes for Less“ на кое сум ко-основачка, веќе 2-3 години по ред алармираме за прекумерната потрошувачка за време на Black Friday. Поттикот на Хабот да се приклучиме кон светската кампања претставува мотив за здружување на силите на разни бизниси и организации кои зборуваат на оваа тема и потенцијал истата да добие уште поголемо значење и да се допре до повеќе луѓе. Важноста на движењето е токму во неговата масовност - лани учествуваа повеќе од 1400 бизниси, организации и инфлуенсери од 40 различни земји, а вкупниот број на прегледи од кампањата беше околу 40 милиони.
Зошто сметате дека прекумерната потрошувачка станува проблем на нашето секојдневие?
Денес човештвото користи ресурси како да имаме околу 1.75 планети, што значи земаме повеќе отколку што природата може да обнови. Голем дел од она што го купуваме многу брзо станува отпад. Само околу 9% од пластиката навистина се рециклира, додека остатокот завршува во природата, загадувајќи ја почвата и водата и дополнително нарушувајќи ги планетарните граници.
Додека глобалната потрошувачка продолжува да расте, сè поголем број потрошувачи и бизниси почнуваат да се прашуваат дали бескрајното купување навистина носи среќа, или само исцрпеност. Податоците се јасни: купуваме повеќе од кога било досега, но се чувствуваме помалку задоволни, повеќе задолжени и сè пооддалечени од она што навистина е важно. „Циркуларниот понеделник“ како движење верува дека е време да преиспитаме што навистина значи „повеќе“. Можеме ли да изградиме нова традиција што ќе слави поправка, повторна употреба и одговорност наместо попусти и поседување на купишта непотребни работи?
Македонија годинава првпат се приклучува кон ова глобално движење. Што претставува тоа за локалната сцена и за навиките на потрошувачите кај нас?
Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан годинава за прв пат поттикна не само македонски, туку и балкански бизниси и организации да се вклучат во движењето и овогодинешната кампања на „Циркуларниот понеделник“. Благодарение на Хабот, македонски и балкански бизниси и организации годинава за прв пат се најдоа на светската „Circular Monday“ база за циркуларни решенија. Една од целите на движењето е да се испрати порака дека постојат одржливи алтернативи на производите кои ги користиме секојдневно и дека тие не мора да се штетни за планетата. Преку промоцијата на циркуларни производи и услуги се едуцира целото население, а циркуларните бизниси и иницијативи добиваат на видливост.
Гледаме доста позитивни реакции од публиката на содржините поврзани со „Циркуларниот понеделник“, што се надеваме дека ќе помогнат во менувањето на навиките на дел од населението.
Кој е најголемиот мит за Black Friday што треба да го разбиеме?
„На Black Friday има попусти како што нема на ниеден друг ден“ - Оваа невистина полека почнаа да ја сфаќаат и самите купувачи кај нас кога видоа дека на одредени производи претходно им е покачена цената, за потоа да изгледа како да се на попуст. Исто така, многу брендови имаат акции како купи 2, третото гратис или на X% попуст, што кога ќе размислиме подобро, не нè тера на заштеда, туку севкупно на трошење повеќе пари, бидејќи сме купиле повеќе парчиња отколку што првично сме планирале. Голем број на „добри“ Black Friday зделки се всушност само маркетиншки трикови и илузии.
Што може секој од нас да направи уште денес за да живее поодржливо – без да се чувствува дека се „жртвува“ или се откажува од комфор?
Економијата на споделување (sharing economy) е еден од бизнис моделите во склоп на циркуларната економија кој им овозможува на бизнисите да продолжат да функционираат и прават профит, но наместо преку нудење на нови производи кои луѓето би ги купиле, тоа да биде преку позајмување, споделување и циркулирање на работите кои моментално голем дел од луѓето ги поседуваат, но не ги користат. Што значи тоа? Наместо да купуваш шатор за кампување кој би го искористил еднаш годишно, истиот може да го позајмиш за помала цена и да го вратиш откако ќе го употребиш, без притоа да ти зафаќа простор дома.
Во Македонија постојат неколку организации и бизниси кои ја промовираат оваа поинаква економија - Центарот за поправки „Ништо Ново“ на АРНО и здруженијата „Комбо“ и „Yes for Less“, се само дел од нив. Со посетување на некој од нивните настани и активности, секој може да види како ова изгледа во пракса. Викендов се случува токму еден таков настан наречен „Добар ден“, кој „Комбо“ го организира оваа недела (30.11) од 12-16:00ч.
Дали очекувате ова движење да расте и наредните години и што би требало да биде следниот чекор за поголемо влијание?
Движењето „Циркуларен понеделник“ постои од 2017 и расте од година во година, a тоа го потврдуваат и овогодинешните импресивни резултати. Од 1 до 27 ноември 2025, во светската кампања се вклучиле 1484 циркуларни бизниси, организации и инфлуенсери од 58 различни земји, меѓу кои и Македонија, а вкупниот број на прегледи се проценува на 108 милиони. Движењето е инаку целосно предводено од волонтери.
Хабот за циркуларна економија на Западен Балкан годинава мапираше стотици успешни циркуларни бизниси и решенија од регионот, секој од нив со вредна приказна за да се сподели. Наредната година идејата е да се продолжи со регрутирање на разни чинители кои работат и делуваат во областа на циркуларната економија за да се вклучат во „Циркуларниот понеделник“, бидејќи успешноста на кампањата е токму поради сите различни вклучени страни кои го промовираат движењето и неговите вредности во своите заедници и пред својата публика.
На крај – која е вашата лична порака до сите кои едвај го чекаа Black Friday за нов „must have“ производ?
Како јас свесно пристапувам кон Black Friday последниве години, е анализирајќи се и правејќи си листа неколку недели однапред на она што навистина ми треба. На Black Friday проверувам дали тие производи кои сум мапирала каде може да ги најдам, се на попуст, и доколку се – ги купувам. Тоа се обично мал број на производи кои ми се навистина неопходни и сум ги мислела подолго време, но не бидејќи се тренд, туку бидејќи за нив имам вистинска потреба. Мојот совет е – разгледајте што имате во домот, преиспитајте ги вашите потреби и не потпаѓајте под маркетиншките влијанија.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk