Галена и Софи го освоија Скопје: Со слатки пораки оставени на автомобили ги разнежуваат сограѓаните
Деновиве, кога постојано слушаме вести за врсничко насилство, омраза и негативни случувања, две мали девојчиња од Скопје нè потсетуваат дека добрината и емпатијата сè уште живеат меѓу најмладите.
Станува збор за две другарки кои одлучиле да им приредат пријатно изненадување на сопствениците на паркираните автомобили во нивната улица. Имено, креативните девојчиња рачно цртаат ливчиња со инспиративни пораки, кои ги оставаат на шофершајбните на автомобилите.
Стефанија Насеска Попадинец на социјалните мрежи го сподели нивниот несекојдневен гест кој ѝ го разубавел денот и објави дел од пораките кои измамиле насмевки кај случајните возачи:
„Твојот автомобил е преубав, како тебе.“
„Изненадување! Само сакав да ти посакам убав ден!“
„Шири добрина каде и да одиш!“
„Твојот автомобил е супер, среќен пат!“
Одушевена од постапката на Галена и Софи, познатата модна дизајнерка за Фемина раскажа:
„Бев на гости кај сестра ми, која со своето семејство живее во една од скопските населби. Кога тргнав кон мојот автомобил, забележав дека на сите автомобили на паркингот има оставени бели ливчиња. Во првиот момент се растревожив и си реков: ‘Пак ли некаква казна?’ Но, кога се приближив и ја прочитав пораката, толку убаво ми дојде што гласно се насмеав. Веднаш ја фотографирав, а потоа заборавив на сите обврски и почнав да се шетам од автомобил до автомобил за да ги прочитам сите пораки. Беа толку интересни, искрени и полни со убави желби. Верувам дека измамиле насмевка и кај многу други сопственици.“
Стефанија ни откри дека зад ова изненадување стојат две девојчиња – Галена и Софи, кои летните денови ги минуваат во маалски игри. Идејата, како и пораките, биле целосно нивно дело.
„Морав да ги објавам на мојот профил, бидејќи ова заслужува внимание. А како одговор на моето стори добив порака од една комшивка дека слична ваква порака девојчињата оставиле и на вратата од домот на нејзината мајка, која живее сама и е тешко подвижна, а за нив е сакана бабичка. Што повеќе деца како Галена и Софи, толку подобра иднина за нашата држава“ - порачува Попадинец.
Двете другарки се вистински пример дека децата се огледало на домашното воспитување. Со својот мал, но искрен гест, тие внесоа зрак светлина и позитивна енергија во секојдневието на нивните сограѓани и докажаа дека добрината не бара многу, односно доволни се неколку убави зборови за некому да му го направите денот поубав. А токму ваквите постапки покажуваат дека најважните животни вредности се учат уште од најрана возраст.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk