Една кикирика за мало дете може да биде опасна по живот: Д-р Чадиковски со важно предупредување до родителите
Една кикирика можеби изгледа како сосема безопасна храна, но кај малите деца може да биде причина за животозагрозувачка состојба.
На ова предупредува д-р Владимир Чадиковски, кој сподели апел до родителите откако едногодишно дете проголтало кикирика која му завршила во дишните патишта.
За среќа, благодарение на брзата реакција и координираната работа на медицинските тимови од Скопје, страното тело било успешно отстрането, а детето е добро и без последици. Случајот, сепак, е сериозно предупредување за сите родители на мали деца за ризикот од давање цели кикирики и други јаткасти плодови.
Чадиковски сподели видео од интервенцијата кај детето и напиша:
АПЕЛ ДО СЕКОЈ РОДИТЕЛ КОЈ ИМА МАЛО ДЕТЕ
Кај деца под 5-годишна возраст потребна е максимална внимателност со цели кикирики и други јаткасти плодови, поради сериозниот ризик од задушување.
Денес, едногодишно дете проголта кикирика, која заврши во дишните патишта, со реална опасност по неговиот живот.
Благодарение на брзата реакција, координацијата и мултидисциплинарниот пристап на тимовите од Одделот за детска кардиохирургија, Одделот за педијатрија и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, страното тело беше успешно извадено. Детето е добро и без последици.
Ова не е само приказна со среќен крај. Ова е предупредување.
Внимавајте што им давате на малите деца да јадат. Една кикирика може за неколку секунди да стане животозагрозувачка.