„Еден мој сон стана реалност“: Кристијан ја запроси Деспина од Штип на приватен брод на Езерото Комо
Магичните пејзажи на Италија се сведоци на многу љубовни приказни.
Езерото Комо, кое важи за едно од најромантичните места во светот, стана сцена за еден од најважните моменти во животот на Деспина Соколова и Кристијан Антонов од Штип.
Додека уживаа на приватен брод опкружени со прекрасната природа, 27-годишниот Македонец клекна на едно колено и ѝ предложи брак на саканата со елегантен прстен од брендот Cartier.
За Фемина, Деспина ги пренесе своите впечатоци и радоста од запросувањето:
„Постојат моменти што долго ги замислуваме, но кога навистина ќе се случат, се чувствуваат уште поубаво од она што сме го сонувале. За мене, еден таков сон отсекогаш бил Езерото Комо. Никогаш, сепак, не можев да замислам дека токму таму ќе го доживеам моментот што ќе го паметам целиот живот.
Тој ден бевме само ние двајца, на приватен брод на езерото. Сè изгледаше совршено. Првично не ни сфатив што се случува. Следуваа неверување, огромна среќа, солзи и најубавото „да“.
Најубаво ми е што моментот беше толку интимен, момент во кој почувствував дека еден мој сон станува реалност. Lake Como за мене отсега нема да биде само едно прекрасно место во Италија. Тоа ќе биде местото каде што реков „да“ на човекот што сакам да го имам покрај мене до крајот на животот.
Посакувам секоја девојка тоа да го почувствува – љубов, изненадување, среќа и чувство дека токму во тој момент живееш еден од своите најголеми соништа.“