Ѕвездите од „Касандра“ повторно заедно: Кораима Торес и Освалдо Риос се обединија во Дубаи
Повеќе од три децении по огромниот успех на легендарната теленовела „Касандра“, главните актери повторно се сретнаа и пробудија доза на носталгија кај сите обожаватели, кои не пропуштаа да ја проследат секоја следна епизода пред малите екрани.
Кораима Торес и Освалдо Риос, кои ги глумеа Касандра и Игнасио се обединија под сјајните светла на Дубаи. Тие беа дел од третото издание на престижните награди Top Humanity Leaders Awards, каде добија специјални признанија.
Актерското дуо позираше заедно и фотографиите инстантно се распространија на интернет.
Серијата, која за првпат беше емитувана во 1992 година, брзо прерасна во светски феномен. Кораима брилијантно ја одигра Касандра, младата и преубава жена израсната во циркус, додека Освалдо остана врежан во меморијата на гледачите со неговата двојна улога на близнаците Игнасио и Луис Давид.