„Два часа по промоцијата, Леон го изгуби најдобриот пријател – неговиот дедо“: Амела за објавувањето на две нови книги за аутизмот
На 3 декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост, беше претставено најновото творештво на Амела Мемиш Апостоловска. Промоцијата на книгите „Светот на аутизмот (Патувањето на Леон)“ и „Ангелот по име Аутизам“ беше искрен обид да се отвори простор за разбирање на светот во кој живеат децата од аутистичниот спектар.
Проф. д-р Мирослав Пендароски, преку својата длабинска рецензија, му даде силен научен, но и човечки печат на настанот. Со речиси терапевтска прецизност, тој ги претстави двете дела како духовно, психолошко и семејно патување – патека која е истовремено тешка, но и осветлена од љубов и надеж.
Публиката беше составена од луѓе кои го поддржуваат Леон, детето кое смело проговори во име на сите деца, родители и семејства кои секојдневно се борат со предизвиците на аутизмот. Иако бројот на присутни беше помал од очекуваното, за Леон тие лица беа сосема доволни. На крајот, со детска искреност и несопирлива сила, тој им упати кратка, но моќна порака:
„Не сум сам. Благословени бидете.“
Но, непосредно по тоа… животот го покажа своето најболно лице.
Само два часа по промоцијата, Леон го загуби својот дедо, човекот кој му беше најблизок пријател, најголема поддршка и тивка сила зад секој негов чекор.
„Денот започна со гласот на Леон, а заврши со тивката болка на едно големо заминување. Но, љубовта на дедото ќе остане врежана во секоја страница, во секој збор и во секој збор на Леон ‘не сум сам’“ – вели Амела за Фемина.
Двете книги остануваат како сведоштво дека аутизмот е патување исполнето со борба, светлина, стравови, љубов и најважно: со човечки глас кој мора да биде слушнат.
Секој што ќе ја нарача книгата ќе добие примерок лично потпишан од Леон, а со купување на двата наслови, читателите добиваат и бесплатен прирачник „Од тишина до глас“, мал водич за подобро разбирање и поддршка на лицата со попреченост.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk