„Дома сум најобична мама, без шминка, со врзана коса, со хаос и многу смеа“: Катарина Ивановска за растењето на Вања и Кира
Моќна, елегантна и самоуверена... Во светот на високата мода, нејзиното име е синоним за професионализам, безвременска убавина и харизма што ги освои светските метрополи. Сме ја гледале на насловните страници на најпрестижните списанија и на пистите на најголемите дизајнери, но зад целиот тој гламур, Катарина Ивановска го живее своето најзначајно и најкомплексно животно поглавје – мајчинството.
За Фемина, 37-годишната супермоделка не зборува за следниот ангажман или за тајните на модната индустрија. Денес, таа со соголена искреност нè води низ нејзиниот приватен свет, каде главните ѕвезди се 8-годишниот Вања и 6-годишната Кира. Низ овој разговор, откриваме една поинаква Катарина – ранлива, а сепак неверојатно силна... жена која научила дека совршенството не е во беспрекорната фотографија, туку во хаотичното секојдневие исполнето со детска смеа, искрени прегратки и лекции кои се учат во од.
Од првичниот страв пред непознатото, преку предизвиците да се балансира кариерата на врвен модел со мајчинските обврски, па сè до вредностите со кои ги обликува синот и ќерката во приземни и добри луѓе – ова е портрет на една мајка која својата најголема победа ја гледа во среќата на своите деца.
Како се сеќаваш на моментот кога првпат дозна дека ќе станеш мајка? Дали тогаш имаше некои стравови или несигурности како идна мајка?
Никој не е целосно подготвен за бебе, туку растеш заедно со детето
Многу јасно се сеќавам на моментот кога првпат дознав дека ќе станам мајка – беше мешавина од огромна радост и тивка неизвесност. Среќа што не можеш да ја објасниш, но и сосема нормални стравови – дали ќе бидам доволно добра, дали ќе знам како. Со време сфатив дека никој не е целосно подготвен, туку растеш заедно со детето.
Какви беа твоите бремености со Вања и Кира? Дали се разликуваа и по што ќе ги паметиш?
Бременостите со Вања и Кира беа различни, секоја на свој начин посебна. Со едната бременост бев помирна, со другата поемотивна и почувствителна, но двете ги паметам како периоди во кои најмногу се поврзав со себе и со нив уште пред да се родат. Навистина уживав во тие 9 месеци.
Какви деца се Вања и Кира – по карактер, енергија, интереси? Во што се најслични на тебе, а во што се целосно „свои“?
Вања е поинтровертен како татко му, а Кира поотворена – копија моја
Вања и Кира се различни карактерно, но и двајцата имаат силна енергија и своја индивидуалност. Вања е стабилно момче и поинтровертен, ист како татко му 😊, а Кира поотворена и динамична, копија моја 😊 – и токму тоа ми е најубаво, што се свои. Од мене можеби ја имаат упорноста, но во многу работи веќе ме изненадуваат со тоа што се сосема различни од мене.
Како изгледа еден ваш обичен ден кога сте сите заедно?
Еден наш обичен ден е комбинација од динамика и мали ритуали – утринско будење, обврски, игра, смеа и моменти кога едноставно сме заедно. Тие мали моменти ми се највредни.
Каква мајка би рекла дека си – строга, попустлива или некаде помеѓу? Што велат Вања и Кира?
Како мајка сум некаде помеѓу строга и попустлива
Би рекла дека сум некаде помеѓу строга и попустлива. Имам правила, но истовремено се трудам да ги разберам и да им дадам простор да бидат тоа што се. Мислам дека тие би рекле дека сум фер, но и дека знам да бидам строга кога треба.
Која твоја особина најмногу би сакала Вања и Кира да ја наследат?
Најмногу би сакала да ја наследат мојата упорност и вера во себе – да знаат дека можат да постигнат сè ако навистина го сакаат тоа, со труд и љубов.
На кои животни вредности најмногу се трудиш да ги научиш додека растат?
На децата сакам да им пренесам добрина, почит кон другите и кон себе, искреност и самодоверба
Најважните вредности што се трудам да им ги пренесам се добрина, почит кон другите и кон себе, искреност и самодоверба. За мене е важно да пораснат во луѓе кои имаат емпатија и интегритет.
Што за тебе значи твојата мајка денес и по што чувствуваш дека си најмногу „на неа“? Дали има нешто од начинот на кој таа те воспитувала што денес го применуваш и со твоите деца?
Во многу моменти се фаќам себеси како реагирам како мајка ми
Мајка ми денес за мене значи поддршка, сила и безусловна љубов. Во многу моменти се фаќам себеси како реагирам како неа и тоа ми дава чувство на сигурност. Многу од нејзиниот начин на воспитување го носам и јас денес.
Кој бил најтежок период или предизвик што си го поминала како мајка?
Најтешкиот дел од мајчинството за мене се моментите на грижа и страв за нив – тоа е нешто што доаѓа со љубовта. Но, истовремено, тоа те прави посилна.
Дали имало моменти кога си се почувствувала изгубено или преоптоварено и како си се справила со тоа?
Имало моменти кога сум се чувствувала преоптоварено, како и секоја мајка. Во тие моменти си давам време, се потсетувам дека не мора да бидам совршена, туку доволно добра. Поддршката од најблиските и малите паузи, многу значат.
Дали како врвен модел некогаш се плашеше како мајчинството ќе влијае на твојата кариера и на твоето тело? Како се менуваше твојот однос кон изгледот по породувањето?
По породувањето повеќе си го почитувам телото отколку што го критикувам
Искрено – да. Во мојата работа телото е алатка и тоа носи притисок. Но, после породувањето сфатив дека односот кон телото ми се смени – повеќе го почитувам, отколку што го критикувам. Тоа тело донело живот. Кариерата? Не застана – само се трансформираше. Станав пофокусирана, поодлучна и многу поселектирана во изборите.
Како мајчинството те смени како личност? Што се промени и што научи за себе кое претходно не го знаеше?
Научив дека не мора да сум совршена и научив што значи безусловна љубов
Ме направи помека, ама и посилна. Потрпелива, ама и похрабра. Научив дека не мора да сум совршена – доволно е да сум присутна. И најмногу од сè, научив што значи безусловна љубов, нешто што не можеш да го разбереш додека не го почувствуваш.
Којa е Катарина кога не е јавна личност или познат модел, туку само „мама“?
Најобична мама 🙂 Без шминка, со врзана коса, со хаос дома и многу смеа. Таа верзија од мене е најреална – и искрено, најважна.
Дали децата растат „нормално“ или веќе чувствуваат дека имаат позната мајка? Како ги учиш да се носат со вниманието од јавноста?
Во некои моменти да, особено кога некој ќе ме препознае и ќе се слика со мене. Вања порано знаел во лице да им каже „зошто се сликате со мајка ми?“ 🙂. Но, дома тоа не постои. Се трудам да ги учам дека вредноста не доаѓа од внимание, туку од тоа каков човек си. Да бидат приземни, љубезни и свои.
Што сакаш Вања и Кира секогаш да знаат за тебе кога ќе пораснат? Каков однос сакаш да имаш со нив кога ќе станат возрасни луѓе?
Сакам децата да знаат дека секогаш ќе имаат во мене сигурно место – без разлика на сè
Дека сум дала сè што сум можела со срце, не секогаш совршено, ама искрено. И дека секогаш ќе имаат во мене сигурно место – без разлика на сè. А кога ќе пораснат, сакам да имам однос со нив како со луѓе што си веруваат, што зборуваат отворено и што се почитуваат. Не само мајка и деца – туку тим.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk