„Децата не бараат совршенство, туку заедничко време и нови искуства“: Андријана Јаневска за семејното патување во Франција
Пејачка со раскошен вокал, универзитетска професорка на Факултетот за музичка уметност, прва виолина, но пред сè – мајка на Димитар и Кристијан и сопруга на музичарот Драган Гиновски – Гино, со кого веќе 15 години чекори низ животот во ист ритам. Андријана Јаневска е од оние жени кај кои титулите не звучат само како набројување, туку како природно продолжение на нејзината личност.
Зад сценската сигурност и академската дисциплина стои жена со авантуристички дух, која подеднакво уверено држи микрофон или виолина и управува мотор на долги релации низ светот. Новата 2026 година талентираната музичарка и нејзиното семејство ја започнаа на едно несекојдневно патување – во подножјето на Мон Блан, на величествените Алпи, каде највисокиот врв во Западна Европа, со своите 4.808 метри надморска височина, потсетува колку човекот е мал пред природата, а колку се големи спомените што ги создава.
Андријана за Фемина открива како изгледа кога едно уметничко семејство ќе ја замени секојдневната динамика со снежните пејзажи на Шамони, што значи да се доживее Мон Блан низ детските очи и зошто посетата на CERN им стана едно од највпечатливите искуства.
На социјалните мрежи споделивте моменти од едно навистина посебно семејно патување во Франција. Од каде се роди идејата токму оваа дестинација да биде ваш избор?
Обожавам да патувам и речиси секогаш однапред правам планови за одмори и тури, па така и ова патување ми беше испланирано речиси една година однапред. За мене патувањата се вистински здив помеѓу две интензивни работни фази – момент кога го менуваш амбиентот, а со тоа и начинот на кој размислуваш.
Шамони го избравме затоа што се наоѓа на самото подножје на Мон Блан. Сакавме да бидеме што поблиску до таа величественост и да ја почувствуваме планината од непосредна близина, а не само да ја гледаме од далечина.
Франција е земја со силна културна и уметничка традиција. Како уметник, професор и мајка, што најмногу ве привлече кон ова патување?
Ние сме семејство кое искрено ја сака природата. Пред да ги родам децата, со Гино речиси секој викенд искачувавме некој планински врв. Планината ни беше начин на живот, а не само хоби. Среќна сум што таа љубов успеавме да им ја пренесеме и на децата. За време на зимскиот распуст имаат подолг одмор, па јануари ни се виде како идеален период – повеќе автентично зимско доживување и можност вистински да се поврземе со природата.
Мон Блан важи за импресивен, но и предизвикувачки предел. Дали наидовте на некакви потешкотии – временски услови, надморска височина, замор?
Мон Блан навистина остава силен впечаток – и визуелно и емотивно. Се чувствува надморската височина, времето беше студено, дуваше силен ветар, но сè беше супер организирано. Се наоѓаш во прегратките на сурова, моќна природа, која ти буди восхит и длабока почит.
Како изгледа самиот пат до Мон Блан од перспектива на едно семејство со деца, дали беше напорно или авантура што сите ја доживеавте со возбуда?
Од перспектива на семејство со деца, патот беше вистинска авантура. Самото приближување до планините, кои оддолу изгледаат како шилести џинови, како и промената на времето во период од неколку часа – од сонце до обилни снежни врнежи – го направија искуството динамично и возбудливо. А кога ќе стигнеш горе, сфаќаш дека секој чекор вредел. Иако бевме во јануари, времето нè послужи.
За оние што не биле таму, како всушност се стигнува до Мон Блан и Шамони?
Главното сместување ни беше во Женева, во Швајцарија, па оттаму рано утрината се качивме во директен автобус до Шамони, со кој се стигнува релативно брзо – за околу еден час. Шамони е одлично организиран – за љубителите на скијање има одлични терени, за планинарите има означени стази, а за оние што не сакаат или не можат да се искачуваат пеш, постои жичара која ве носи до одредена височина. Секој може да го доживее Мон Блан на начин што му одговара.
Што најсилно ви остана во сеќавање од Шамони?
Шамони е живо гратче со типична француска архитектура и посебен шарм. Каде и да застанеш, околу тебе се издигнува импозантната планина. Има многу ресторани за љубителите на гастрономијата, но можеш и едноставно да седнеш на клупа покрај бистрата река и да уживаш во глетката. Мене лично најмногу ме допре тој спој – живост и спокој во исто време.
Децата често ги доживуваат патувањата поинаку од возрасните. Што нив најмногу ги воодушеви?
Самото патување и тоа што сме сите заедно ги прави најсреќни. Конкретно од ова патување, најмногу ги воодушеви чувството како да се наоѓаат над облаците.
Посетата на CERN – Европската организација за нуклеарни истражувања е навистина несекојдневно искуство. Како дојдовте до одлуката токму ова место да биде дел од патувањето?
На Инстаграм го следам професорот Ивица Пулјак, кој во едно видео спомена дека во CERN постои интерактивен музеј за деца. Тоа веднаш ми го привлече вниманието. Секако планиравме да спиеме во Женева, па, Церн одлично се вклопи во распоредот и уште неколку месеци однапред резервирав влезници. И јас и сопругот сме љубители на науката и сакавме децата да ја почувствуваат одблизу – не како сувопарна теорија, туку како нешто живо и возбудливо.
Како реагираа вашите синови на светот на науката, експериментите и приказната за вселената, честичките и иднината?
Со искрено воодушевување. Поминавме повеќе од четири часа таму, а времето буквално летна. Поставуваа прашања без крај и интересот продолжи и по враќањето дома. Токму тоа ми беше најважно – да го разбудиме интересот, а не само да „поминеме“ низ едно место. Нема учење дефиниции на памет, туку разбирање на суштината на многу поедноставен и достапен начин.
Како семејство што доаѓа од уметнички и креативен дом, колку ви е важно децата да ги изложувате на различни светови – уметност, наука, природа?
Тоа ми е исклучително важно. Сакам да растат со чувство дека светот е широк и дека нема строги граници меѓу уметноста, науката и природата. Сè е дел од истата приказна за човековото истражување, креативност и изразување.
Во денешното брзо темпо, колку ваквите патувања ви значат како време за поврзување и „ресетирање“ на семејството?
Откако помина периодот со короната, си ветив дека ќе шетаме со семејството колку што можеме повеќе, затоа што кога ќе остариме, нема да се сеќаваме на работните обврски, туку на убавите моменти и споделените искуства.
Дали имаше момент на ова патување кога си рековте: „Ова ќе го паметиме засекогаш“?
Често ни се случува на секое патување да имаме повеќе такви моменти, но овојпат дефинитивно тоа ќе биде импозантниот Мон Блан. Таа слика, таа тишина и таа моќ на природата остануваат длабоко врежани.
Што научивте едни за други на ова патување, можеби нешто што во секојдневието останува незабележано?
Научив дека децата се многу поиздржливи и поотворени отколку што често мислиме. А ние, возрасните, треба понекогаш само да им веруваме и да им дозволиме да нè водат. Понекогаш токму тие нè учат како вистински да уживаме во моментот.
По враќањето дома, што најчесто се споменува во разговорите: Мон Блан, Шамони или CERN?
Од сè по малку, но CERN најчесто се враќа во разговорите – поради силниот впечаток што го остави кај сите нас.
Што би им порачале на родителите кои се двоумат дали да тргнат со децата на вакви „поголеми“ и посериозни патувања?
Вистинско време никогаш нема да дојде ако чекаме идеални услови. Децата не бараат совршенство, туку заедничко време и нови искуства. За мене семејните патувања се инвестиција во спомени и во семејната блискост – нешта што траат многу подолго од кој било сувенир.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk