• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Децата ги причестуваме, а божиќното утро е најубавото и прво одиме во црква“: Нина за Бадник и Божиќ во семејството Ристовски

6 јануари 2026, 16:00
  • cподели
Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски

Семејната радост која ја носат Бадник и Божиќ е повод за отворено да говориме за домот, вредностите и животот зад функциите и титулите. Во таков дух разговараме со Нина Ристовска, сопруга на министерот за спорт и поранешен ракометен голман и репрезентативец Борко Ристовски.

Поранешната манекенка и мајка на Душан и Анастасија, за Фемина со искреност и топлина ја отвора вратата кон семејната традиција, детската радост и духовната страна. Потсетувајќи се и на детството, таа ни открива како овие големи христијански празници во семејството Ристовски се повеќе од обичај – тие се потсетник на скромноста, заедништвото и силата на семејството.

Бадник и Божиќ се празници што носат посебна енергија и радост во домот. Како изгледаат овие денови кај вас и како започнува празничната атмосфера во семејството Ристовски?

Бадник и Божиќ се најсаканите празници во нашето семејство. Тоа се денови што ги чекаме со голема радост, како период исполнет со семејна блискост, традиција и празнична магија. Целиот декември кај нас поминува во празнични подготовки – украсување на домот, создавање топла атмосфера и нетрпеливо исчекување на Нова година, Бадник и Божиќ.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Како се подготвувате за Бадник? Дали имате свои семејни ритуали, посна трпеза или традиции што секоја година ги повторувате? Дали можеби сама замесувате лепче со паричка или пак правите сарми?

Бадник секогаш го поминуваме дома

Бадник секогаш го поминуваме во нашиот дом. Спремаме посна трпеза и лепче со паричка. Сармите се обавезни 😀, како и гравче, риба, црвено винце… Секогаш на трпеза бадникови букови гранчиња и голема свеќа која гори за време на вечерата. Вечерата не се собира до следниот ден.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Колку се вклучени децата во подготовките и што за нив е највозбудливо во пресрет на Божиќ?

Децата не се вклучени, тие се главни и одговорни 🙂. Сѐ уште веруваат дека Дедо Мраз им носи подароци под елка, така што за нив целата атмосфера тие денови е посебна и различна. Среќни сме што сме заедно со фамилијата за овие празници, сите се собираме, а тоа не е секогаш изводливо преку година.

Мојата сестра иако живее во Швајцарија, за Бадник доаѓа, се комплетираме. За најубавите два празнични дена, децата се заедно со бабите, со дедо, со тетките, со братучедите… ние како семејство, сето тоа е мотивирачко и радосно за нив.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Како ги доживуваат децата коледарските песни и обичајот Коледе. Дали ги учите за значењето на овој обичај и дали тие активно учествуваат?

Јас посебно ги сакам коледарските песни и тоа со радост го пренесувам на своите деца. Душан активно учествува со години, а годинава Анастасија ќе му се придружи сигурно. Коледарските песни се важен дел од празничната атмосфера кај нас и секогаш ме навраќаат во детството мое.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Колку за вас лично, како мајка и сопруга, е важно посетувањето на црква за време на Бадник и Божиќ и каква порака сакате децата да понесат од тие моменти?

Децата сакам да разберат дека празниците не се само подароци и веселба, туку време за да се биде благодарен и поврзан со семејството и со верата. Со децата одиме често во црква и уште почесто разговараме за верата и традицијата, нормално со Душан повеќе, бидејќи Анастасија сега е многу малечка.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Постите ли за време на Божиќните пости и дали ги причестувате децата?

Децата ги причестуваме, сметаме дека тоа е важен дел од нивното духовно растење

Божиќните пости ги почитуваме според можностите, со свесност и со мера. За мене постот не е само во храната, туку и во однесувањето, во зборовите и во односот кон другите. Се трудам тој период да биде време на смирување.

Децата ги причестуваме, затоа што сметаме дека тоа е важен дел од нивното духовно растење. Им објаснувам што значи причестувањето на начин разбирлив за нивната возраст, со почит и љубов кон верата и традицијата.

Како изгледа Божиќното утро кај вас и како децата ја доживуваат таа празнична радост?

За мене Божиќното утро е најубавото утро во годината. Тоа така го чувствувам од моето детство. Мислам дека тоа се пренесува и во домот и кон децата. На Божиќ одиме заедно во црква прво, па потоа одиме на ручек кај моите родители, децата се дружат со братучедите, јас и Борко со сестрите наши, со брат ми, нашите баби… фамилијарно. Сакаме тој ден сите да се видиме и така секогаш откако сме во Скопје.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Во време на брзо секојдневие и многу обврски, како успевате празниците да ги задржите како време за мир, семејна блискост и духовност?

Празниците свесно ги издвојуваме од секојдневниот ритам. Тие денови ги резервираме за домот и семејството, без дополнителни обврски и без непотребно брзање. Се трудиме ритамот да биде поспор, а времето поминато заедно повредно од сѐ друго.

Што би сакале вашите деца да понесат како вредност од овие празници кога ќе пораснат? Што сакате да го паметат од Бадник и Божиќ во вашиот дом?

Сакам моите деца да паметат дека празниците не се мерат по раскошот, туку по заедништвото

Би сакала моите деца да понесат чувство дека Бадник и Божиќ биле празници на блискост и семејна топлина. Да паметат дека тие денови домот секогаш бил полн со радост и дека празниците не се мерат по раскошот, туку по заедништвото. Да знаат дека семејството е место каде секогаш се враќаат, а вредностите како вера и благодарност се нешта што остануваат со нив и кога празниците ќе поминат.

Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски
Што си посакувате за вашето семејство во новата 2026 година?

Во 2026 бидете присутни и тука за своите блиски луѓе, бидејќи животот не ни дава нова шанса да го надоместиме времето што брзото секојдневие ни го одзема

Најпрво си посакувам децата да бидат здрави, среќни, безгрижни и да растат во сигурна и љубовна средина. За себе, си посакувам здравје, мир и внатрешна рамнотежа што ќе ми дозволи да бидам присутна, смирена и целосно тука за луѓето што ги сакам.

Тоа си го посакувам себе си, на моето семејство и на сите други, во 2026 да бидат присутни и тука за своите блиски луѓе, бидејќи животот не ни дава нова шанса да го надоместиме времето што брзото секојдневие ни го одзема.

2025 беше брза и многу предизвикувачка 😂. Во 2026 решив да успорам. Среќна Нова 2026! Ви посакувам многу спори, мирни и благословени денови.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Нина Ристовска

Најнови

  • Емакуате Вандера Блажески

    „Во Кенија се слави Божиќ со заеднички собири на многу сонце, во Македонија е поинтимен и семеен“: Празнично со Ем Вандера Блажески

    Wed, 01/07/2026 - 17:22
  • Отец Михаил

    „Божиќ нè потсетува дека домот е храм на љубовта… Добрината носи радост, а простувањето ја обновува душата“: Отец Михаил за духовната смисла на Божиќ

    Wed, 01/07/2026 - 00:30
  • Бадник и Божиќ во семејството на Нина и Борко Ристовски

    „Децата ги причестуваме, а божиќното утро е најубавото и прво одиме во црква“: Нина за Бадник и Божиќ во семејството Ристовски

    Tue, 01/06/2026 - 16:00
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.