Црвен тепих и аплаузи: Њујоршка премиера на македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“
Македонската кинематографија испиша нова историја, а во главните улоги се две неверојатни и инспиративни жени. На реномираниот филмски фестивал Tribeca во Њујорк, основан од легендарниот Роберт де Ниро, се одржа светската премиера на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“.
За првпат македонско филмско остварување е селектирано на престижниот фестивал, а режисерката Дина Дума и продуцентката Лабина Митевска блеснаа на црвениот тепих, носејќи го урбаниот дух на Скопје директно во срцето на Менхетен.
Заедно со Дина и Лабина, позираа актерката Симонида Селимовиќ, копродуценката од Хрватска Вања Сремац, директорот на Агенцијата Сашко Мицевски и советникот на директорот Стефан Ѓиноски.
Пред преполна сала и во атмосфера исполнета со силни емоции, американската публика со громогласен аплауз го пречека најновиот филмски проект на режисерката Дума. По завршувањето на проекцијата, следувала сесија на прашања и одговори, каде публиката и критичарите не штеделе комплименти за автентичноста, храброста и начинот на кој Дума успеала да извлече натурална и моќна глума од младата актерска екипа.
Талентираното женско дуо Дина (за која ова е втор долгометражен филм по успешниот „Сестри“) и Лабина покажа дека македонските приказни заслужуваат и можат да стојат рамо до рамо со најголемите светски филмски остварувања.
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е искрена, силна и урбана приказна, зад која стои исклучителна екипа. Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а сценариото е заедничко дело на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска.
За визуелната магија и прекрасните кадри е заслужен директорот на фотографија Фредерик Ноаром, додека главните улоги ги толкуваат талентираните Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Новото филмско остварување е голема меѓународна копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а е поддржано од Агенцијата за филм, престижниот фонд „Еуримаж“ (Eurimages), како и од „Creative Europe MEDIA“.