Црногорец со големо срце четврта година по ред им подари летување на деца со Даунов синдром, со бакнежи го дочека секое од нив
Четврта година по ред, хуманитарецот Балша Митровиќ им овозможи незаборавно летување на деца со Даунов синдром и нивните родители, подарувајќи им денови исполнети со дружење, радост и моменти кои долго ќе ги паметат.
Добродушниот Црногорец ги пречека децата од здружението „Ljubav za ljubav”, ги смести во хотел во Будва и го плати нивниот престој.
„Четири години по ред тој не прашува што треба да се направи – едноставно го прави тоа“ – стои во описот на објавеното видео на Instagram.
На снимката, Балша ги пречекува децата со прегратки, бакнежи и широки насмевки. За родителите, неговата поддршка одамна е многу повеќе од хуманитарен гест. Тие велат дека со текот на годините станале едно големо семејство.
Сите денови биле со посебна агенда. Во една прилика, Митровиќ ги одвел децата во трговски центар, каде што на секое дете му купил патики и тренерки, а како изненадување им подарил и таблет. Тој не ги заборавил ниту мајките, за кои подготвил посебни подароци.
А летувањето заврши со уште едно посебно изненадување. Последниот ден, како подарок од нивниот домаќин, децата и родителите уживаа во возење со брод низ прекрасните заливи.