„Човек воден од највисоките вредности“: Д-р Сашко Кедев одликуван со орден од Гордана Сиљановска-Давкова
Сашко Кедев беше одликуван со орден од страна на Гордана Сиљановска-Давкова за неговите заслуги во областа на медицината и достигнувањата во алпинизмот.
Македонската претседателка му го врачи Орденот „8 Септември“ на кардиологот и алпинист, кој не само што помага да се спасат животи, туку и ја промовира нашата земја низ светот искачувајќи се на највисоките врвови.
63-годишниот доктор во јули оваа година го искачи Гашербрум I и стана првиот Македонец кој ги има освоено сите 14 врвови над 8.000 метри.
Сиљановска-Давкова објави фотографии од овој момент на социјалните мрежи и напиша:
Синоќешниот настан беше ретка можност да му оддадеме признание на човекот, чиј живот е воден од стремеж кон највисоките вредности, академик Сашко Кедев.
Верувам дека неговите успеси не се случајност, туку резултат на енормно знаење и сизифовски напори, потпрени на цврст морален темел и чиста и длабока духовност.
Храброста и неуморноста што ги учел и вежбал во салите за операции, го поттикнуваат и водат на највисоките планински врвови, а вербата во правдата и моралот, го инспирираат и придружуваат во општествената битка за подобро, поправедно, демократско општество.
Со особена привилегија му го врачив Орденот „8 Септември“, како израз на длабока благодарност на македонската држава и на македонските граѓани.
Неговата биографија е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации!