„Буквално ми беше кажано дека тешко ќе останам бремена“: Емилија Мицевска се отвори за бременоста и ги открива полот и името на бебенцето
Емилија Мицевска, актерка со долгогодишно сценско искуство и препознатлив уметнички интегритет, денес се наоѓа во една од најинтимните и најзначајни животни фази.
По соочување со медицински скептицизам, спонтани абортуси и длабоки лични преиспитувања, таа со пораснато трудничко стомаче за последен пат оваа сезона застана на сцената во претставата „Фамилијата Адамс“.
Иако веста за бременоста ја сподели паралелно со најавата дека за извесен период се повлекува од сцената, Мицевска појаснува дека ова не е нејзино збогување со театарот, туку последна изведба на овој наслов. Пред неа се уште две сценски појавувања, по што ќе направи пауза и ќе му се посвети на новото, животно поглавје кое допрва започнува.
„Нешто повеќе од половина пат е изоден“ - споделува актерката од Драмски театар во разговор за Фемина, додавајќи дека бременоста ја поминува исклучително добро и дека се чувствува стабилно и мирно и покрај годините и претходните искуства. Потешките претстави веќе ги има предадено, а сцената полека ѝ отстапува место на најважната улога во животот.
Емилија отворено зборува за моментот кога дознала дека е бремена, за љубовта со вереникот Деан Стојковски која свесно ја чува подалеку од јавноста, за стравовите, смирувањето и зрелоста кои ги носи мајчинството, но и за уникатното искуство да се игра во состојба на длабока животна трансформација на сцената на која со години ги поместувала сопствените уметнички и човечки граници.
Се сеќаваш ли на моментот кога дозна дека си бремена? Што почувствува и која беше твојата прва мисла?
Буквално ми беше кажано дека тешко ќе може да останам бремена.
Јас не верував дека тоа се случува вистински. Поминав низ период кога медицинските прогнози беа скептични во однос на мојата можност да станам мајка. Зад мене стојат неколку спонтани абортуси и хируршка интервенција. Буквално ми беше кажано дека нема шанси и дека тешко ќе може да останам бремена. Тоа искуство не го доживувам како пораз, туку како процес на длабоко созревање.
Ме научи на трпение, на доверба во сопственото тело и на разбирање дека човечката ранливост не е слабост, туку извор на сила. Долго време зборувам за тој период со леснотија, со почит кон патот што го поминав и со надеж која не е наивна, туку свесна и изградена. Жените кои ја проаѓале таа борба би сфатиле.
Очекував уште многу битки на таа тема, не ми се веруваше дека толку лесно се оствари нештото. Таква радост не сум имала. Тоа не беше гласна еуфорија. Беше тивка, длабока благодарност. Ми требаше момент да процесирам што се случува. Но, бев пресреќна, расплакана, радосна, а мирна.
Твојата љубовна приказна со вереникот Деан досега ја држиш релативно приватна. Ќе ни споделиш ли како започна вашата врска и кога почувствува дека тој е човекот со кого сакаш да создадеш семејство?
Го имам најдобриот човек на светот до мене
Сѐ уште би ја држела приватна. Само ќе кажам дека го имам најдобриот човек на светот до мене. Благодарна сум што го сретнав. И да, после сѐ што имав поминато, после многу време сама со себе, некои нешта се знаат и на првата средба. Светот е во дефицит од убави енергии, па лесно е да се препознаат.
Како му ја соопшти веста дека ќе стане татко? Каква беше неговата прва реакција?
Пресреќен беше. Дури беше повозбуден од мене. Јас сѐ уште бев збунета и подисплашена. Оти не верував дека нештото се остварува толку лесно. Во мојата приказна нештата сами се остваруваат кога веќе си го наоѓаш мирот.
Дали веќе знаете дали очекувате девојче или момче, и колку ти е важен полот? Имате ли веќе избрано име што ви е особено блиско до срце?
Очекуваме син и ќе се вика Давид
Секако дека имаме име. Ние очекуваме син и ќе се вика Давид. Таа тема веднаш ја решивме, и двајцата брзо се согласивме, откако го дознавме полот. За нас, Давид е љубов, верба и нов почеток.
Колку бременоста те промени како личност? Имаш ли некои неочекувани желби, можеби специфични барања кон партнерот или необични апетити?
Посталожена во животот не сум била
Сѐ се менува. Се промени начинот на кој го слушам сопственото тело. Од борба преминав во соработка.
Ми се променија рутините, обврските, сепак морав да успорам со целиот начин на функционирање. Некако почна сѐ да се менува и за чудо, во сите промени - психички, физички и емоционални, јас сум во целосен зен. Посталожена во животот не сум била, што ми е исклучително драго. Среќа нашиот однос е одличен и пред и во бременоста, па не е дека имам посебни барања. Освен кога ми се пријадува сладолед, а е зима.
Дали веќе почна да купуваш работи за бебето? Ја подготвувате ли неговата соба и како ја замислуваш?
Постојано добивам и подароци од блиските што ме радува. Јас сѐ уште внимателно разгледувам, таа си е фазата. Сѐ е во процес и веќе знам што сакам. Полека се припремаме за сѐ.
Многу жени отворено зборуваат за стравовите поврзани со породувањето и мајчинството. Дали кај тебе постои страв – и од самиот чин на породување, но и од одговорноста да станеш мајка?
Мајчинството е започнато уште сега. Некако сѐ што правам е со грижа дали е правилно тоа или не. Истото се однесува и на исхраната. Во принцип јас сум човек што не сака да живее во иднината и тотално сум присутна сега, во овој момент. Стравот постои. Но, нема да дозволам тој да ме води.
Стравот постои. Но, нема да дозволам тој да ме води
Ниту сакам да живеам според правила и сценарија замислени. Ќе чувствувам сѐ што ми пружа животов и разумно ќе постапувам за сѐ. Ќе учам сѐ во свое време и ќе се препуштам на случувањата. Одговорноста дека ќе станам мајка ја гледам како предизвик. Признавам, извадена сум од памет. Среќа сум опкружена со убави луѓе, па поддршката што ја добивам ќе резултира сигурно со задоволства, прави и здрави одлуки.
Како актерка, сцената бара целосна физичка и емоционална посветеност. Дали бременоста ти донесе предизвици во работата и дали имаше моменти кога мораше да ги оттурнеш сопствените граници?
Има некои сцени што немаше шанси да се одиграат со стомаче. Кревања, скокања, станување направо, тешки психолошки улоги... но со одлични колеги, сѐ е многу полесно. За некои нешта си ограничен, но она што го открив беше леснотијата на играње комплексни состојби.
Не можам да ви објаснам каква е среќата да играм претстави во оваа состојба
Од она што се плашев дека ќе ме вознемири и ќе ми биде тешко да го одиграм, испадна дека зрелоста и искуството како актер во вакви моменти носат стабилност. Не можам да ви објаснам каква е среќата да играм претстави во оваа состојба. Пресреќна сум што го искусив ова чудо.
Каква мајка чувствуваш дека ќе бидеш – строга, нежна, заштитничка или комбинација од сè? Која е најважната вредност што сакаш да му ја пренесеш на твоето дете?
Сакам да биде благодарно дете за сѐ што ќе има.
Комбинација од сѐ. Најважната вредност што би сакала да ја пренесам е да биде благодарно дете за сѐ што ќе има. Најголема цел ќе ми биде да се чувствува сакано и безбедно. Воспитувањето и дисциплината доаѓа отпосле. Но, знам дека ќе сакам да е чуено, безгрижно, дека не треба да се плаши да се изрази. Да ги препознава вредностите и да си ја знае силата. И да не се плаши од емоциите во животот. Ни од своите, ни од туѓите. Љубовта е најважна секогаш. Таа нé прави безбедни и неверојатно храбри. Секогаш.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk