БРАВО! Нела и Антонио истрчаа од Струга до Св. Наум и назад за храбриот Роман и децата со ретки болести
Приказната за малиот Роман Лескароски, синот-чудо на Ивана и Дејан Лескароски, продолжува да раѓа нови бранови на солидарност, хуманост и чиста љубов. Инспирирани од неговата лавовска борба со низата тешки дијагнози, двајца млади луѓе со огромни срца се одлучија на несекојдневен спортски и хуман подвиг.
Антонио Пандовски и Нела Стојанова ја покажаа својата големина на дело и ја истрчаа екстремно тешката релација Струга - Охрид - Св. Наум и назад, посветувајќи го секој свој чекор, секој здив и секоја капка пот на храбриот Роман и на сите дечиња во Македонија кои се соочуваат со ретки болести.
Овој супермаратон не беше само тест за физичка издржливост, туку моќна порака дека ниту едно дете и ниту едно семејство не треба да се чувствува осамено во својата борба. Низ жешкото сонце, болките и заморот, мотивот на Нела и Антонио беше премногу голем за да застанат. Тие трчаа со ликот на Роман во мислите, претворајќи ги сопствените километри во глас за оние чиј глас честопати не се слуша доволно гласно во општеството.
Роман се роди на крајот од шестиот месец од бременоста и беше борец од самото раѓање. Со само шест месеци, тој ги надмина децата родени во термин. Неговиот живот и здравје беа во најдобар ред сè до пред три години, кога одеднаш му се појавија пет дијагнози кои сами по себе се живото загрозувачки (тумор на хипофиза, дијабетес, епилепсија, инсипиден дијабетес и проблеми со нозете како последица на форма на церебрална парализа).
Но, и покрај сè, храброто момче продолжува лавовски да се бори со сите животни предизвици. За него, лекарите тврдат дека едноставно е медицински феномен, кој и покрај сите дијагнози, не запира со својата вера и енергија да ги изненадува.
Роман минатиот месец повторно застана на нозе откако беше во инвалидска количка поради тешка операција на нозете, како и трансплантација на коскена срж.
Вчера, тој ги пречека Нела и Антонио во Струга по завршувањето на нивниот подвиг.
„Антонио и Нела ова е премногу што го правите за мене. Јако до крај и ве чекам во Струга“ – им порача Роман на неговите херои.
Во интервју за Фемина, мајката Ивана изјави:
„Деновите со Роман се посебни, бидејќи секој поминат нов ден за нас е благослов. Роман е дете со своите години, но со умот е возрасен и позрел од нас. Јас не работам и 24 часа сум посветена на него. Денот го започнуваме со гушкање и подготовка на секојдневната терапија која ја прима поединечно за секоја дијагноза. Секогаш кога не сме во болница, тој е на школо, на тренинзите на пливање, на англиски, германски, математика… Кога е ОК и кога не сме во болница, Роман се однесува како да е најздраво дете на целиот свет. Полн е љубов – тоа е она што ни го полни срцето, дете кое има љубов за цел свет.
Горди сме што е наше дете и горди што ни покажува како се сака животот. Роман е дете на кое често не знаеме да дадеме одговор на неговите прашања, Роман е дете од кое ништо не криеме и Роман е дете со кое болката ја претвораме во радост. Ние во болница играме, се смееме, снимаме видеа, бара сам вени за боцкање. Ако постои навистина чудо, тогаш ова дете е чудо и секој ден позитивно нè изненадува со некој негов новитет и некое ново прашање.“