„Бракот не е доказ за среќа. Прстенот не е гаранција за љубов“: Ивана Божиновска за предрасудите кон разведените жени
Ивана Божиновска преку Facebook објава отвори тема за која сè уште ретко се зборува без предрасуди. Преку краток текст, таа начна дискусија за притисокот врз жените да останат во брак по секоја цена, само за да ги избегнат осудата и озборувањата од околината.
Таа истакнува дека зад среќните семејни фотографии, насмевките и привидно совршените бракови понекогаш се кријат болка, осаменост и премолчени разочарувања. Не секоја жена без сопруг е несреќна, исто како што не е секоја жена во брак сакана и исполнета.
„Подобро е жена да биде сама и спокојна, отколку да биде во брак и секојдневно да се чувствува осамено“ - порачува Божиновска.
Нејзиниот текст ви го пренесуваме во целост:
ЖЕНА ВО БРАК И РАЗВЕДЕНА ЖЕНА!!!
Не е секоја жена без сопруг несреќна, ниту, пак, секоја жена што има сопруг е сакана.
Некои жени го изгубиле бракот за да се спасат себеси, а некои го чуваат бракот по цена на сопствената среќа, достоинство и мир.
Затоа, не грижете се толку многу за разведените жени. Можеби тие немаат сопруг, но барем не мораат да глумат среќа за да ги задоволат соседите, роднините и општеството.
Знаете, постојат жени кои секојдневно објавуваат насмевки, семејни фотографии и пораки за љубов, а зад затворените врати живеат сосема поинаква реалност. Жени кои молчат за навредите, ги голтаат солзите, ги прикриваат разочарувањата и се преправаат дека сè е совршено, само за да не станат тема на селските муабети.
Зашто, за жал, во нашето општество сè уште е поважно што ќе кажат луѓето отколку како навистина се чувствува една жена.
Некои остануваат во брак затоа што сакаат, а некои затоа што се плашат од осудата, од етикетата ‘разведена’ и од погледите на средината.
Но, да разјасниме една работа: подобро е жена да биде сама и спокојна, отколку да биде во брак и секојдневно да се чувствува осамено.
Бракот не е доказ за среќа. Прстенот не е гаранција за љубов, а заедничката адреса не значи и заеднички живот.
И не, разводот не е секогаш неуспех. Понекогаш е најхрабрата одлука што една жена може да ја донесе за да си го врати сопствениот живот.
Затоа, пред да сожалувате некоја жена затоа што нема сопруг, запрашајте се дали навистина би сакале да живеете живот каков што таа можеби го напуштила.
Не е срамота да немаш брак. Срамота е да мораш да ја жртвуваш сопствената среќа само за да изгледа дека имаш совршен брак.