• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Занимливости

„Божиќни маркети, светлечки трамваи, преубави лизгалишта“: Празничната магија на Будимпешта низ очите на Неда Маретиќ

1 декември 2025, 22:22
  • cподели

Неда Маретиќ живее и работи во градот кој во секој период од годината плени со својата елеганција. А на зима, добива посебна магија: станува сцена на едни од најубавите божиќни маркети во срцето на Европа каде мирисот на печени костени, варено вино и ароматни колачи ја носат топлината што ја бара секој патник.

Имено, Будимпешта во овој дел од годината е како вистинска бајка со светлечки трамваи, раскошни елки, божиќни концерти и безброј ситни ракотворби што ја раскажуваат унгарската традиција. Позната македонска новинарка, која веќе неколку години го живее секојдневието на оваа метропола, ја гледа празничната магија одблизу, со очи на човек што знае да ја препознае нејзината душа.

Во разговор за Фемина, битолчанката која е дел од тимот на Хрватската амбасада во главниот град на Унгарија, нè води низ празничната Будимпешта – каде се најубавите маркети, зошто овој град е магнет за туристите токму во декември, кои места мора да се посетат и каде ја наоѓа сопствената празнична инспирација.

Каква е празничната атмосфера во Будимпешта?

Божиќните маркети се прогласени за најдобри во Европа

Тоа што веќе неколку години по ред токму овие места, божиќните маркети, се прогласени за најдобри во Европа на веб-страницата „European Best Destination“, зборува за тоа каква е атмосферата овде. Сѐ е украсено со неколку големи божиќни елки, започнувајќи од онаа кај Парламентот, па до онаа на „Vorosmarty“ плоштадот, па до онаа изработена само од светла на „Fashion street“. Главниот град на Унгарија, од година во година, токму во овој период бележи пораст на бројот на туристи, а со одличната понуда стана една од најпосакуваните туристички дестинации.

Привлекува внимание и светлечкиот трамвај бр.2, Панорамското тркало во центарот на градот, осветлените и украсени мостови. Некако, луѓето овде се подготвуваат да го дочекаат Божиќ и Новата година и се во тоа новогодишно расположение, многу порано од останатите низ светот.

Што мора да се види доколку се посетува Будимпешта во овој период од годината?

Токму и пред сѐ - Божиќните маркети, пазари. Будимпешта има помали и поголеми божиќни пазари, кои обично се отвораат околу средината на ноември и се затвораат кон крајот на декември секоја година. Двата централни кај базиликата „Св.Стефан“ и оној на плоштадот „Vorosmarty“ привлекуваат стотици илјади посетители и се најспектакуларни. Оваа година се отворени малку порано од претходната, па така посетителите веќе од 14 ноември уживаат во Божиќната понуда. Она што ги прави многу од божиќните пазари навистина привлечни и извонредни е тоа што постои вистински фокус во обидот да се зачува автентичната унгарска народна уметност, традиции и да се понудат навистина квалитетни ракотворби, но исто така и препознатливи божиќни украси.

Тука може да се купат мали рачно изработени подароци, да се ужива вареното вино, вкусните унгарски колачи (како цилиндричните „Kurtos kalach“ во облик на оџак), традиционалната улична храна (колбаси, грицки, печен костен итн.) и секако тука е забава со средбите, дружење, разговор и слушање на убавите божиќни концерти на сцените на пазарите.

Кај маркетот кај базиликата, секоја година има големо лизгалиште, каде може да уживаат сите генерации. Освен тоа и 20 изложувачи на занаетчиски производи, богата гастрономска понуда, како и светлосно шоу кое секоја вечер се проектира на фасадата на базиликата „Св. Стефан“. Цела Будимпешта е обвиена со мирис на колачи, печени костени, штрудла од афион, а сѐ што ви треба е шолја популарно варено вино за да ве загрее.

Кое е твое омилено место таму?

Уште едно големо лизгалиште, токму во периодот кој следи, е она кај плоштадот на Хероите, едно од моите омилени места за посета, каде исто така, после лизгањето може да се загреете со пунч или варено вино.

Препорака за посета се бањите кои работат во текот на целата година

Дефинитивно препорака за посета се бањите кои работат во текот на целата година, од препознатливите „Шечени“ до „Рудаш“, со прекрасен поглед од џакузито на терасата кон градот, а доколку сакате да посетите бањи кои сѐ уште го задржале традиционалниот изглед и стил, ги препорачувам „Гелерт“ и „Lukacs“.

По сето ова, препорачувам посета на „руф топ“ баровите кои во овој период од годината имаат игло на своите тераси, каде е топло да се седи надвор и да се ужива во прекрасниот поглед. Еден од нив е и „360“ со поглед на базиликата, „The duchess“ и сл. За уживање во центарот на градот во слатките специјалитети препорачувам посета на кафе барот и ресторан „Gerbeaud“, токму на плоштадот „Vorosmarty“.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
 

Tags
Нова година 2025
Божиќ 2025
Неда Маретиќ

Најнови

  • Неда Маретиќ во Будимпешта за Божиќ

    „Божиќни маркети, светлечки трамваи, преубави лизгалишта“: Празничната магија на Будимпешта низ очите на Неда Маретиќ

    Mon, 12/01/2025 - 22:22
  • Месечен хороскоп – ДЕКЕМВРИ, 2025

    Mon, 12/01/2025 - 14:22
  • По Аца Лукас, во Македонија е приведена и Џејла Рамовиќ зашто настапувала без работна дозвола

    Mon, 12/01/2025 - 12:16
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2025 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.