„Болката не се мери со време“: Една година по смртта на Фросина Кулакова, семејството со помен
Помина една година од сообраќајната несреќа во која Фросина Кулакова го загуби животот откако беше удрена на пешачки премин од автомобил управуван од 20-годишен пијан возач.
Семејството, кое не сака сеќавањата за младата дизајнерка да избледнат и ја опишува како „светлина, добрина, чистина, милина, убавина...“, организира помен / парастос и ги повикува сите кои ја носат Фросина во срцето да одат, да запалат свеќа, да кажат молитва и да ѝ оддадат почит.
Таткото на Фросина, Тодор, напиша емотивна објава во која уште еднаш потсети колку многу им недостига на сите неговата ќерка.
Драги пријатели, роднини...
Во Сабота, во 11:00 часот, ќе одржиме помен / парастос – една година од заминувањето на нашето мило дете, АНГЕЛ-Фросина.
Една година помина.
За нас – не помина ништо...
Болката не се мери со време.
Се мери со празнината што останува засекогаш.Фросина воопшто не беше „само млад живот“.
Фросина беше светлина, добрина, чистина, милина, убавина...
И нашата најголема љубов. Центарот на нашето семејство...Ги повикуваме сите роднини пријатели, другари и колеги кои ја носат Фросина во срцето – да дојдат, да запалат свеќа, да кажат молитва и да ѝ оддадат почит.
Да не биде сама во споменот. Да не биде заборавена.
Никогаш.Сабота – 11:00
локација: Неготино / градски гробиштаВечна ти слава, Фросинче наше миличко.
Биди најмила при Бога, како овде нам што ни беше...
Тато, мама, Бато, Дада те сакаат бескрајно - напиша Тодор.
На 29 јануари, со почеток во 19 часот, во Станица 26, ќе се одржи донаторската вечер „Threads of Light“, настан со кој официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“.
Во сржта на работата на Фондацијата е идејата дека животот не е случајност, туку одговорност – лична, институционална и општествена. Културата на грижа, правда и свесност не се гради со декларации, туку со конкретни, доследни и хумани чекори. Токму затоа Фондацијата се поставува како платформа што не реагира само по трагедиите, туку работи на нивна превенција, на поддршка на оние што остануваат зад нив и на создавање јавен притисок за посериозен, поправеден и поодговорен однос кон безбедноста, животот и човечкото достоинство.
Во рамки на настанот ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци, а средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот и културата на одговорност како и поддршка на млади уметници и креативци, како продолжение на љубовта и делото на Фросина.
Посебен и емотивен момент на вечерта ќе биде премиерната изведба на химната „Фросина“, од авторот Александар Митевски со Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева. Баладата, создадена како искрена и длабоко лична почит кон Фросина, е и силна јавна порака за смисла, одговорност и промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот.
„Ние научивме дека болката не исчезнува, но дека со соодветна поддршка може да се носи без да го изгубиме внатрешниот баланс. Психолошката помош ни помогна да останеме прибрани, да ја прифатиме загубата и да продолжиме понатаму со јасна свест, без гнев и без осуда. Токму затоа оваа вечер ја замислуваме не само како настан, туку како почеток на еден поширок и подлабок процес на грижа и одговорност“ – велат од семејството на Кулакова.
Донаторската вечер „Threads of Light“ на 29 јануари во Станица 26 претставува прв чекор во реализацијата на мисијата на Фондацијата – да ја претвори тишината по трагедиите во глас за промена и во повик за колективна одговорност.