Битолчанка трета година по ред на Водици скока по Светиот Крст: „Кога ќе ја допрам водата, сè друго исчезнува“
Трета година по ред Нора Мемедова со храброст и вера скока во студените води по Светиот Крст на Водици.
25-годишната битолчанка претходните две години скокаше во водите во село Трново, а годинава и во храмот „Света Недела“ во Битола.
За Фемина, Нора сподели дека одлуката да биде дел од оваа традиција била нејзин личен предизвик и длабоко лично и духовно искуство.
„Ме мотивира чувството дека правам нешто што има длабока смисла за мене. Не е само традиција, туку и личен предизвик. Секоја година повторно си докажувам дека имам вера, сила и истрајност. Тоа чувство ме влече да се враќам повторно“ – вели младата спортистка, која работи и како кошаркарски тренер.
Поддршката најмногу ја добива од најблиските. Семејството и пријателите се оние што најдобро знаат колку овој чин значи за неа.
„Имало и предрасуди, и коментари, но со текот на времето научив дека тие немаат тежина. Поддршката од луѓето што ме разбираат е многу посилна од каква било негативност“ – искрено споделува Нора.
Моментот на скокот тешко може да се опише со зборови.
„Во тој момент има сè: и адреналин, и малку страв, но најмногу вера и мир. Кога ќе ја допрам водата, како сè друго да исчезнува. Останува само моментот и силното чувство дека сум таму каде што треба да бидам“ – вели Нора.
По три години учество, промената е голема, но не надворешно, туку длабоко во неа. Нора вели дека станала посмирена, посигурна и посвесна за сопствената сила.
„Духовно се чувствувам поблиску до верата и до себе. А животно научив да не се плашам од предизвици.“
Да се биде дел од вековна традиција во Битола, за Нора е чест и одговорност.
„Тоа е голема чест и одговорност. Битола има дух, историја и посебна енергија, а да се биде дел од една ваква традиција токму тука значи да се чувствуваш поврзан со минатото, со луѓето и со градот на еден многу посебен начин“ – вели таа.