„Без уметност не се живее, а секоја љубов мора да е свесна, не занесна“: Интервју со извонредната Слаѓана Вујошевиќ
Од првите чекори на сцената како дете, до зрела актерка која денес суверено владее со театарот, филмот и едукацијата... Животниот пат на Слаѓана Вујошевиќ е впечатлива приказна за посветеност и искрена љубов кон уметноста. Публиката ја памети уште од детските емисии како „Умни глави“ и како водителка на „Ѕвон“, а зад таа рана телевизиска препознатливост, стои девојче кое уште од мало ја открило магијата на сцената и никогаш не престанало да ѝ се враќа.
Денес, како дел од ансамблот на Турскиот театар во Скопје, таа е актерка со богато искуство чие име сè почесто одекнува и надвор од нашите граници, благодарение на нејзините ангажмани во популарни турски серии. Нејзиниот талент е препознаен и награден со бројни признанија, меѓу кои се издвојува и наградата на „Војдан Чернодрински“.
За најмладата публика, пак, Слаѓана е гласот на омилената хероина Биби од „Светот на Биби“, лик кој стана дел од секојдневието на многу деца и родители, оставајќи силно едукативно и емотивно влијание.
За Фемина, извонредната актерка зборува за улогите, но и за она што се случува зад завесата. Се навраќа на своите почетоци, на безрезервната поддршка од семејството, на предизвиците кои ги носи актерството, но и на моментите кои силно влијаат врз луѓето. Нашата ѕвезда открива како се опстојува во светот на уметноста со посветеност и како се гради еден уметнички и човечки интегритет.
Какво дете беше Слаѓана? Кои се најсилните спомени од твоето детство на кои секогаш се навраќаш со радост и што можеби и денес влијаат врз тебе како личност и актерка?
Имавме скромен живот, но со многу мигови на вистинска среќа
Благодарение на моите родители, баби и дедовци и сите останати роднини и нивни пријатели, имав здраво, весело и детство исполнето со многу љубов. Како и секое просечно семејство и ние имавме скромен живот, без многу материјални добра, но со многу мигови на вистинска среќа. Начинот на кој моите родители се соочуваа со сите кризи кои ги носи секојдневието, направија од мене личност која сѐ повеќе внимание посветува на вистинските вредности, долгите искрени разговори и грижата за луѓето, а не на нештата.
Кога сфати дека актерството е твојата љубов и твојот животен пат? Дали твоите најблиски веднаш се согласија со изборот или пак имаше некои предрасуди?
Возбудата која ја чувствував кога одев на часовите во Детското Драмско Студио при МРТВ, ми беше вистински показател дека оваа уметност е нешто кое сакам подлабоко да го истражувам. Моите родители не се уметници, но се зрели личности кои умешно ја препознаа мојата страст и афинитет кон актерската уметност.
Има предрасуда дека од уметност не се живее, но луѓето забораваат дека и без уметност не се живее
На почетокот, континуирано ја потхрануваа мојата желба со безрезервна поддршка, а денес со почит, но и конструктивна критика кон секое мое дело. Кај останатите луѓе, предрасуди имало и ќе има, веројатно онаа најголемата е дека од уметност не се живее, но луѓето забораваат дека и без уметност не се живее. За оние кои се грижат како преживуваме, само нека дојдат во театар, во кино, на добар концерт или изложба и ете така нека го потхранат уметничкиот живот!
Дел од студентските денови ги помина и во Истанбул, како изгледаше животот таму и колку те промени како личност? Учеше на турски јазик, па колку беше тешко да се прилагодиш и како се избори со јазичната бариера?
Заминувањето од мојот роден град, од моите родители, блиски пријатели, на само дваесет и нешто години, беше клучно за мојот развој како личност. Ме натера многу побрзо да се осамостојам, да научам да се потпирам исклучиво на своите можности. Морав побрзо да ги освестам своите маани и полесно да се ослободам од нив за да не ми бидат пречка во односите со луѓето и остварување на целта.
Во Истанбул научив многу за прифаќањето на различностите
Научив многу за прифаќањето на различностите, се отворив кон другите и си дозволив да бидам поинаква. Си дозволив да пораснам, да созреам. Учев многу, не само за јазикот, културата или уметноста за која првенствено заминав да ја изучувам, туку за животот, за човечките стравови, фрустрации, искрените односи и меѓусебното разбирање или недоразбирање. Научив многу за себе и за другите и дека сме едно! Брзо сфатив дека јазикот е само средство, преку кое може да се размени љубов и знаење, сакав да го усовршам, за размената да е понепосредна!
Актерството бара многу жртви. Што беше најтешкото нешто од кое си морала да се откажеш заради кариерата?
Секоја љубов мора да е свесна, а не занесна, само тогаш ќе биде корисна и ќе трае долго
Колку и да уживам во секој аспект на оваа професија и кога креирам ликови и кога предавам знаење, понекогаш толку несвесно ме обзема што ме оттргнува од секојдневието, од најблиските и сите останати аспекти на животот, кои ме хранат подеднакво како и самата уметност. Ми требаше време да ја забележам оваа подмолна замка. Сега, сѐ почесто сфаќам дека животот е убав кога е доживеан целосно, а секоја љубов мора да е свесна, а не занесна, само тогаш ќе биде корисна и ќе трае долго.
Дали некогаш си помислила за друга професија, односно што би била Слаѓана доколку не би била актерка?
Искрено не. Ама секојдневно размислувам на сите аспекти на оваа професија. Сите медиуми во кои таа може да опстане, како да придонесам во нејзиниот однос со публиката и како да го пренесам сето досегашно знаење со сите кои сакаат да ја изучуваат и истражуваат.
Имаш освоено многу вредни признанија. Која награда ти е најдрага и зошто токму таа има посебно место во твоето срце?
Најзначајно ми е признание кое го немам на рафтот, но засекогаш ќе биде запечатено во моето срце
Еден ден ми се јави една моја пријателка, да ме замоли да снимам аудио порака како Биби (од „Светот на Биби“), за едно детенце кое многу се плаши од игли, а поради тешката операција која му претстои, мора да помине низ низа испитувања на крвта. Со голема тага, но и надеж, смислив кратка аудио порака во која му објаснувам на детето дека со Боби веќе сме минале низ нешто слично, ни било многу страв, но сме си викале: „Мечка страв мене не страв“ и многу полесно сме поминале.
Уште следниот ден другарката ми се јави да ми каже дека боцкањето поминало без проблем, а храбриот мал јунак цел пат до болница си повторувал: „Мечка страв мене не страв“. Ова признание го немам на рафтот, но засекогаш ќе биде запечатено во моето срце. „Светот на Биби“ е проект кој секојдневно ми носи вакви признанија, благодарение на Биби, секојдневно се јадат многу брокули и супи од морков, се оди полесно во градинка, се сака и почитува другарчето и родителот! И сознанието дека мојот глас може да допринесе до сето ова е бесценето!
Кога работиш на нов лик, колку од себе внесуваш во него, а колку се обидуваш да се оттурнеш од личното?
Емотивната меморија може да ми пресуши, но мојата имагинација нема граници
Неизбежно внесувам дел од себе, ги позајмувам телото, гласот, мислите, но веќе подолго време не се хранам од претходно доживеаните искуства, туку си дозволувам преку градењето на лик, да создавам и за мене нови искуства. Сметам дека мојата емотивна меморија може да пресуши, но мојата имагинација нема граници... Имагинацијата може да го стави телото во разни состојби и така да станам канал за нови, претходно нераскажани, недоживеани приказни.
Што би рекла дека е полесно за подготовка, театарски или филмски лик?
Процесот кој го минувам сама со ликот, било да е театарски или филмски е сличен, но неговото оживување во простор, во однос на другите ликови и воопшто неговата изведба во зависност од медиумот во кој се создава, се многу различни.
Пробите за театарска претстава траат околу четириесетина дена, на кои секојдневно сите заедно ја градиме приказната. Процесот е исполнет со импровизации и испробување, на што е можно повеќе варијанти на скоро секоја зададена сцена. Дури и по премиерата, театарскиот лик останува жив и подложен на промени. Во секоја нова изведба, ликот доаѓа во допир со нова публика и тоа неизбежно го бои во нови нијанси.
Филмскиот процес пак е поинаков. Уште на кастингот, режисерот веќе има некоја слика за ликот, пробите траат многу пократко, а некогаш и самото снимање е пократко од четириесет дена. Подготовката за филмски лик, понекогаш знае да биде самотнички процес, со целата екипа се гледате всушност само при крајната изведба. Камерата го лови делото на ликот, го одвојува од актерот и оваа изведба може да биде променета, надополнета или скратена во монтажата, во отсуство на актерот.
Што е полесно? Не знам! Но, знам дека секој лик е нов предизвик, а јас уживам во предизвици!
Какво е чувството да бидеш гласот на омилената хероина на децата, неуморната и паметна Биби? На што те научи оваа детска анимирана серија?
Успехот сам по себе не треба да биде цел
Кога го започнувавме проектот „Светот на Биби“ никој од нас не беше свесен во што може да прерасне и какво влијание може да има врз цели генерации на деца, но и родители. Секој од нас кои сме дел од тимот, само влеговме со многу љубов и желба да создадеме содржина на литературен македонскиот јазик, која промовира добро однесување и прави вредности. И полека, но сигурно ова прерасна во проект кој стана десна рака во воспитниот и едукативниот процес. Како уметник, овој проект ме научи дека успехот сам по себе не треба да биде цел. Човек не може да се стреми кон успех или среќа, тие мора да бидат резултат на посветеност и кауза поважна од нас самите!
Што сè уште сонуваш да оствариш? Постои ли улога или проект што ти е неисполнета желба?
Сакам во Македонија да донесам техника од која имаат бенефит врвни актерски имиња како Ал Пачино и Мерил Стрип
Изминатава година остварувам еден свој долгогодишен сон, а тоа е да ги донесам во Македонија луѓето од кои јас учев и сѐ уште учам и се развивам како актерка. Тоа е предавачкиот тим на „Михаил Чехов Европа“, составен од актери и режисери од Германија, Данска, Хрватска, Португалија, Израел, Полска, Турција, САД... Оваа организација, од 2008 година, па сѐ до денес, неуморно ја шири мисијата на Михаил Чехов - извонреден актер, режисер и основач на истоимената техника. Ова е техника која го негува менталното здравје на уметникот и му овозможува да осознае дека тој не нужно е изворот, туку каналот преку кој се раскажуваат приказни. Ова е техника од која имаат бенефит врвни актерски имиња како Ал Пачино, Мерил Стрип, Клинт Иствуд, Џек Николсон. Истовремено е техника која е дел од едукативните програми на скоро сите светски академии. Но, за жал не се предава на нашите факултети за драмски уметности. Токму поради таа причина, преку организацијата „Ветра Арт“, се обидуваме да ја доближиме до сите млади актери, режисери и воопшто уметници во земјава. Се надевам дека ние ќе ја продолжиме благородната мисија на Михаил Чехов во Македонија, но и на Балканот. Во март го реализиравме првиот официјален модул од тренинг програмата, имавме учесници од Македонија, Србија, Хрватска и Турција и силно веруваме дека ова е само почеток на едно континуирано заедничко растење!
Како изгледа еден твој ден кога не си на сцена или пред камера? Што те исполнува надвор од глумата?
Со нетрпение ја дочекав пролетта за да си ги пресадам цвеќињата и да си посадам јадливи билки на балконот. Го чекам сонцето и топењето на планинскиот снег, за да се пуштам кон нашите магични врвови, а уште малку кога ќе затопли, одиме на нуркање, активност која од неодамна ме восхитува и ми овозможува да откривам нови убавини во морските длабочини.
И за крај, кое е твоето животно мото, мисла што те води и кога е најтешко?
„Тешко“ и „лесно“ се само уште еден концепт на умот
Во моментов ја читам „Човековата потрага по смисла“ на Виктор Франкл - психијатар кој успеал да ги преживее тешките денови во концентрационен логор. Истовремено, секоја сабота го посетувам курсот за медитација на Сергеј Георгиев - филмски режисер и инструктор по јога и медитација, но и мој драг пријател, кој љубопитно ги истражува слоевите на своето постоење и несебично споделува алатки за и ние тоа полесно да го практикуваме.
Тешко е да се издвои една мисла-водилка од оваа книга или од инспиративните сесии со Сергеј. Но, во еден момент содржините се поклопија, а јас не верувам во случајности. Она што доминира во моментов од овие два извори на знаење е следново: „Да се живее значи да се страда, да се преживее значи да се најде смисла во страдањето!“ Прочитајте ја книгава и/или посетете го курсот со Сергеј, мене ме освестија дека „тешко“ и „лесно“ се само уште еден концепт на умот.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk