• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Интимно

„Ако чекате симптоми за преглед, ризикувате веќе да имате болест“: Д-р Спироска со моќен апел за ХПВ кај жените

12 јуни 2026, 10:14
  • cподели
Д-р Борислава Спироска

„Заблудите за хуман папилома вирусот можат да се решат само со едукација. Децата треба да бидат вакцинирани. Ако пациентките на онкологија кои се лекуваат од ХПВ предизвикани карциноми ги прашате дали би се вакцинирале на млади години, за да не се разболат сега, што мислите кој одговор би го дале?“ - вели за Фемина, д-р Борислава Спироска.

Препознатлива по својата позитивна енергија, посветеност и професионален пристап, д-р Спироска повеќе од една деценија работи како специјалист по гинекологија и акушерство и матичен гинеколог во својата ординација во Тетово.

Хуман папилома вирусот (ХПВ) е еден од најраспространетите вируси кои се пренесуваат по сексуален пат, а одредени негови типови, директно се поврзуваат со појавата на рак на грлото на матката. Иако статистиките се загрижувачки, добрата вест е дека овој тип на карцином е меѓу ретките кои во голема мера може да се спречат преку редовни ПАП тестови, навремени контроли и вакцинација против ХПВ.

За Фемина, д-р Спироска зборува за најчестите заблуди поврзани со ХПВ, колку вирусот е распространет кај жените и мажите, кога инфекцијата станува опасна, но и зошто вакцината не треба да биде тема на страв.

Д-р Борислава Спироска

Што точно претставува ХПВ и колку е распространет кај жените и мажите?

Ако промените 3 сексуални партнери, шансите да се здобиете со ХПВ стигаат до 80%

ХПВ e кратенка за група на вируси означена како хуман папилома вирус. Тоа се група на вируси кои се пренесуваат меѓу луѓето. Оваа голема група на вируси е поделена на група на т.н. нискоризични типови и група на високоризични типови на ХПВ. Истите се означени со броеви.

Ниско ризичните типови на ХПВ се предизвикувачи на гениталните брадавици или кондиломи и тоа во 95% од случаите се тип 6 и тип 11. Кондиломите се лекуваат со примена на разни техники – од криотерапија до ласерска терапија на засегнатото место со паралелна орална, но и локална терапија за подигање на имунитетот.

Високо ризичните типови на ХПВ се со т.н. онкоген потенцијал, т.е. имаат моќ да предизвикаат малигно заболување, најчесто на грлото на матката кај жените, но и на вагината, вулвата, анусот, потоа на орофарингеалната регија (грло, задна третина на јазик) и пенисот.

Највисок онкоген потенцијал имаат ХПВ тип 16 и 18. И двата типа на ХПВ (и ниско и високо ризичните типови) ги напаѓаат и мажите, иако инциденцата на малигни заболувања кај мажите е пониска отколку кај жените.

ХПВ се пренесува по сексуален пат во 98% од случаите. 2% се случаи на т.н. парасексуален пат, на пример во услови на ниска хигиена и употреба на јавни тоалети (но и при употреба на тоалет после користење на ХПВ позитивна личност која може да биде во домот), заедничко користење на прибор за лична интимна хигиена (брич, вагинални пумпи за вагинална тоалета и слично) кога истите не се дезинфицирани по употреба, а спротивно на даден совет, се делат.

Раширеноста на ХПВ во популацијата е многу голема. Се смета дека доколку една личност промени три сексуални партнери во својот живот, шансите да се здобие со ХПВ стигаат до 80%, што е навистина многу висока можност.

Каква е врската помеѓу ХПВ и рак на грлото на матката? Дали секоја инфекција води кон рак?

ХПВ од групата на високоризични се именувани така заради нивниот онкоген, т.е. малиген потенцијал. Тие имаат моќ да го излажат нашиот имунолошки систем, да ги прескокнат вообичаените бариери и да предизвикаат рак на грлото на матката, на вагината, на пенисот, на орофарингеалната регија. Но, за среќа не секоја ХПВ инфекција значи и болест. Нашето тело има јаки одбранбени механизми кои секојдневно работат да нè одржат во здрава состојба. Па така, не значи дека секоја инфекција со ХПВ ќе резултира со рак на грлото на матката или некој од гореспоменатите органи. Дури се знае дека најголемиот дел од пациентките носители на високоризичен тип на ХПВ ќе го исфрлат од своето тело во рок од една година без истиот да остави последици по нивното здравје. Но, за тоа треба да му се помогне на имунитетот и треба тој процес на очекувано негативизирање на ХПВ статусот кај жената будно да се прати од лекар гинеколог.

Кои се најчестите симптоми или ХПВ најчесто поминува без знаци?

Има жени кои забележуваат први симптоми дури во фаза на карцином на грлото на матката

Тука лежи зајакот. ХПВ инфекцијата со високоризичен тип во времето на борба со нашиот имунитет е асимптоматска. Кога ќе го „победи” нашиот имунитет, прво предизвикува лезија, оштетување на слузницата на грлото на матката која многу често е толку суптилна што со голо око гинекологот не може да ја види. А пациентката во ова време нема никакви симптоми, иако веќе зборуваме за преканцерозни лезии.

Во следните фази, тие лезии се зголемуваат, растат и во површина и во длабочина. И конечно, во оваа фаза можно е да се јават први симптоми, но не кај сите жени. Има жени кои забележуваат први симптоми дури во фаза на развиена болест, т.е. карцином на грлото на матката. Тие симптоми се многу неспецифични и затоа многу често не палат црвено светло кај пациентките за итен преглед. Зборуваме за симптоми како меѓу менструално крварење и крварење после однос.

Д-р Борислава Спироска

По колку време инфекцијата може да премине во посериозна состојба, како пред-канцер или рак?

„Зависи” е краткиот одговор.

Во минатото се сметаше дека се потребни 7 години од првичен контакт со ХПВ од висок ризик до развој на инвазивен карцином на грлото на матката. Но, во денешно време медицината не може со прецизност да го одговори ова прашање заради многуте варијабли во секој од случаите. Имено, разгледуваме два ентитети, тоа е домаќинот (жената) и напаѓачот (вирусот). Теоретски при контакт на ниска количина (т.н. „viral load”) за краток временски интервал (различно е дали контактот со партнер преносител се случил само еднаш или пак се случува секојдневно, во времетраење од неколку месеци), на вирус со низок степен на онкогеност и репликација со домаќин со висока имунокомпетентност (пациентка со здрави животни навики, која не пуши цигари/вејп, на дневно ниво зема препорачани дози на витамини и пробиотици преку балансирана исхрана и дополнително преку суплементација), која не менува често сексуални партнери и користи заштита при однос, вирусот нема да направи оштетување, т.е. таквата пациентка ќе го исфрли вирусот од себе, најчесто во рок од една година. Но, ако ја разгледаме целосно обратната ситуација, на висок „viral load“, во долг временски интервал, на вирус со висока онкогеност и репликација во контакт со домаќин со ниска имунокомпетентост, речиси сигурно е дека ќе настане болест! Освен ако жената не посетува редовно гинеколог, чија задача би била покрај ПАП тестот да го провери и ХПВ статусот на жената и така да се надеваме на откривање или само на ХПВ позитивни пациентки или само на преканцерози кои се лечливи, а не на развиена инвазивна болест.

Колку се важни редовните гинеколошки прегледи и ПАП тест во раното откривање?

Ако се чека развој на симптоми за да се направи преглед, тогаш се ризикува на прегледот да се дијагностицира и болест

Заради сѐ што досега кажавме, најважни се редовни гинеколошки прегледи, додека се пациентките асимптоматски, бидејќи ако се чека развој на симптоми за да се направи преглед, тогаш се ризикува на тој прв преглед да се дијагностицира и болест.

Кога е потребно да се направи ХПВ типизација и што точно покажува овој тест? Дали се препорачува рутински или само во одредени случаи?

Типот на прегледи и испитувања во врска со ХПВ се ПАП тест, ХПВ типизација, колпоскопија, биопсија. Протоколите за работа се подложни на промени во зависност од медицинските откритија, но и од здравствената политика на државата.

Во минатото, на пример, за да се направи ХПВ типизација, потребно беше да се види „испад” на ПАП-от во форма на патолошки одговор или на самото ткиво на грлото. „See and test.” Сега, за среќа, ХПВ тестирањата се многу подостапни во Центрите за јавно здравје, истите се прилично евтини и сега тестираме многу поголем број на пациентки по принципот „Test and see”. На овој вториот начин, опфаќаме огромен број на пациентки. Ги опфаќаме и пациентките кои да, се позитивни на ХПВ од висок ризик, но кои се имунокомпетенти да во една година го исфрлат тој вирус од себе без да развијат болест. Значи, тие пациентки по стариот модел на работа, никогаш немало да бидат тестирани и немало да знаат дека се носители на вирус кој предизвикува болест, но не се болни. Тоа мора да го имаме на ум, за да не ги исплашиме пациентките при соопштување на резултатите. Секоја ХПВ позитивна пациентка мора да направи колпоскопија, од која зависи понатамошниот алгоритам за третман или превенција на болест.

Кој треба да се вакцинира против ХПВ и на која возраст е најдобро да се прими вакцината?

Во Македонија, вакцината за ХПВ е бесплатна до 14-годишна возраст

Од ХПВ треба да се вакцинираат сите момчиња и девојчиња од 9 до 14-годишна возраст, со две дози на растојание од 6-12 месеци. Во нашата држава, за нив вакцината е бесплатна. Исто така и повозрасни адолесценти, но и возрасни мажи и жени може да се вакцинираат, со три дози кои се плаќаат. Се смета дека дури и на поголема возраст, дури и во тек на лекување од преканцероза или развиен карцином, вакцината може да придонесе за подобар исход од терапијата и излекување од болест во пократок рок и со помалку последици од невакцинираните.

Децата треба да бидат вакцинирани. Ако пациентките на онкологија кои се лекуваат од ХПВ предизвикани карциноми ги прашате дали би се вакцинирале на млади години, за да не се разболат сега, што мислите кој одговор би го дале?

Колку е ефикасна ХПВ вакцина и дали штити од сите типови на вирусот?

Во нашата земја достапна е деветвалентна вакцина - „Gardasil“, која штити од 9 типови на ХПВ. Тоа се типови 16 и 18, кои се најозлогласени и предизвикувачи на 90% од сите карциноми на грлото на матката, потоа типови 31, 33, 45, 52 и 58 – кои се на второ место по онкогеност и предизвикувачи на останатите 10% од карциномите. Како и типовите 6 и 11 кои од групата на ниско ризични типови, но се најчести предизвикувачи на кондиломите, т.е. гениталните брадавици.

Се смета и на т.н. вкрстена имуногеност, која би значела дека вакцината ќе ја пружи поддршката на имунитетот дури и при заразување со друг тип на ХПВ.

Родителите често не дозволуваат нивните деца да бидат вакцинирани со оваа вакцина, од страв. Постојат ли реални ризици или несакани ефекти од вакцината кои навистина треба да ги загрижуваат или баш напротив треба да се загрижат доколку не ги вакцинираат децата?

Во најголем дел од случаите, нема никакви несакани ефекти. Кога се појавуваат несаканите ефекти, како и за сите останати вакцини и лекови, се делат на чести, ретки и многу ретки. Така што, најчесто се локални реакции на болка, оток, црвенило на местото на апликација, потоа може да дадат главоболка, треска, вртоглавица кои за неколку дена се повлекуваат. Пациенти алергични на некоја од компонентите на вакцината не треба да ја примат истата.

Дали и лица кои веќе се сексуално активни или имаат ХПВ треба да се вакцинираат?

Да, и лица кои се сексуално активни може да примат вакцината. Таа тогаш се прима во три дози, на 6 месеци и на една година.

Кои се најголемите заблуди кои луѓето ги имаат за ХПВ, ракот на грлото на матката и вакцинацијата? Како сметате дека може да се решат?

Заблуда е дека ако имале само еден партнер не се во ризик за ХПВ

Заблудите се бројни. Од тоа дека ако имале само еден партнер не се во ризик, до тоа дека честото менување партнери и тоа без заштита, ама ако бил само еден однос во прашање, исто така се на сигурно. Дека ако немаат симптоми не им е ништо, дека ако имаат 18 или 55 години не се во ризична група, дека ако мајка ѝ и нејзините сестри се здрави, не е можно таа да има нешто, дека ХПВ вакцината предизвикува неплодност... повеќе е од незнаење или неинформираност. Истите можат да се решат само со едукација, едукација и едукација.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Tags
хпв
д-р Борислава Спироска

Најнови

  • Зошто сè повеќе луѓе го вклучуваат кефирот во своето секојдневие?

    Fri, 06/12/2026 - 20:05
  • Спектакуларно отворање на СП: Шакира со енергична изведба на химната „Dai Dai“

    Fri, 06/12/2026 - 10:54
  • Д-р Борислава Спироска

    „Ако чекате симптоми за преглед, ризикувате веќе да имате болест“: Д-р Спироска со моќен апел за ХПВ кај жените

    Fri, 06/12/2026 - 10:14
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.