Дав Камерон и Дамијано Давид стапија во брак на интимна свадбена прослава во срцето на Тоскана.
30-годишната ѕвезда на Дизни и 27-годишниот фронтмен на Måneskin си го кажаа судбоносното „ДА“ на историскиот имот Castiglion del Bosco сместен во тосканските ридови во близина на Монталчино.
Свадбениот викенд започнал со интимна граѓанска церемонија во Монталчино, на која присуствувале само нивните најблиски. Двојката пристигнала со винтиџ бел Lancia кабриолет, а по церемонијата прославата продолжила во тајната визба на ресортот.
Следниот ден гостите уживале во вечера среде лозјата, со долга свечена маса украсена со винско-црвени сатенски ткаенини, сребрени свеќници и грозје, атмосфера која совршено ја доловила романтичната и малку готска естетика на целата свадба.
Но, најмагичниот момент следувал во саботата.
Главната церемонија се одржала во урнатините на оригиналниот замок од XII век во рамките на Castiglion del Bosco. Камените тераси и скали биле украсени со каскади од проѕирна бела ткаенина, зелени гранки, бели хортензии и кали, создавајќи сцена која изгледала како да е излезена од филм.
Дав кон олтарот ја придружувала нејзината мајка Бони, додека таму ја чекал емотивниот Дамијано.
Елегантната венчаница од Valentino, Дав ја надополни со четириметарски превез кој бил богато украсен со кристали и ситни мониста, распоредени така што формирале соѕвездија. Тој бил посвета на нејзиното средно име – Селест (Celeste).
„Сакав нешто небесно што ќе се вклопи со дел од темата на свадбата. Сакав нешто што ќе заблеска кога сонцето ќе го допре, создавајќи чувство на надреалност додека одам кон олтарот. Целиот изглед е толку романтичен и посебен“ - изјавила невестата.
Погледнете ги нивните свадбени фотографии објавени за британскиот „Вог“: