„Аурора Бореалис е најубавиот танц, бургер е 33 евра, Исланѓаните се приземни“: Елена Марковска за патувањето на Исланд
Кога ќе се спомене Исланд, најчесто помислуваме на земја што личи на митолошка сцена – сурова, магична, недопирлива. Токму таму, на островот каде вулканите дишат, гејзерите пулсираат, а северната светлина го бои небото во нијанси што човек ретко ги гледа, Елена Марковска го доживеа најневеројатното патување.
Нејзината професија ја научила да гледа подлабоко, но Исланд првпат ја оставил без зборови уште пред да ги види водопадите, гејзерите или црните плажи. „Воздухот таму мириса поинаку. Како да вдишуваш нов свет“ – ќе рече познатата македонска новинарка и ТВ-презентерка, која отсекогаш ја носела во себе љубопитноста за „местата што изгледаат како од друга планета“.
За Фемина, ја пренесува не само географијата, туку и душата на Исланд – остров каде времето тече споро, а природата диктира ритам и каде секој патник открива нешто важно за себе. Во продолжение, ќе нè прошета низ најубавите моменти, најсилните впечатоци и сите мали откритија што само Исланд може да ги подари.
Од каде идејата за патување токму на Исланд? Дали беше тешко да се организира вакво патување од Македонија?
Исланд одамна ми беше прв на листата од местата што сакам, односно морам да ги посетам, а кои изгледаат како да се на друга планета. Секогаш ме фасцинирало тоа што на еден остров можеш да видиш и да доживееш вулкани, глечери, гејзери, водопади, кањони, океан, посебни животни, фасцинантна природа. Јас многу ја сакам природата, па оттука се роди желба да ја видам чистата, сурова природа – онаа што ја има единствено на Исланд и на ниту едно друго место на светот.
Со оглед на тоа дека јас на островот бев на гости, не беше тешко да се организира патувањето, единствено се пуштив во потрага по авиобилети, а патував Скопје-Варшава-Рејкјавик. Ако одите во сопствена режија, организацијата од Македонија е предизвик, но не и невозможна, во однос на сместувањето, изнајмувањето автомобил, плановите за прошетка. Со добра организација, патувањето е чиста магија.
Што прво те остави без зборови кога слета на Исланд?
Исланд има специфичен мирис
Првото нешто што го почувствував беше неверојатната чистота на воздухот – како да дишеш сосема нов свет. Исланд има еден специфичен мирис што не сум го почувствувала никаде претходно, мирис на океан и вулкански камења. Уште на аеродромот знаев дека сум на вистинското место што секогаш сакав да го посетам - сурова природа, неверојатно чиста земја. И уште пред да ги видам пејзажите, знаев дека сум слетала на островот што живее со своја посебна енергија.
Кој момент од патувањето ти е најврежан во меморијата, нешто што и ден-денес ти се појавува пред очи?
Поубав танц, поубава претстава од Аурора Бореалис немам гледано никогаш
Една од најголемите желби ми беше да ја видам Аурора Бореалис, или северната светлина, затоа и го одбрав овој период од годината за патување на Исланд. Бев сместена во Рејкјавик, а на околу 8 км од центарот на градот се наоѓа плажата Грота (Grótta) каде не допираат светлата од градот и условите за да се види овој природен спектакл се одлични. Во моментот кога ќе се појави зелената светлина која танцува во чудни облици па небото, кои пак се пресликуваат долу на океанот – огромни воздишки и восхит се шират наоколу од присутните туристи. Поубав танц, поубава претстава немам гледано никогаш. Тоа е моментот што ќе го носам со себе цел живот, како потсетник колку природата е величествена и колку сме мали пред нејзината моќ.
Дали ги искуси нереалните „бајковити“ пејзажи за кои сите зборуваат? Кој од нив ти остави најсилен впечаток?
Дијамантската плажа со светлосини ледени блокови на црниот песок изгледа како човек да правел сценографија за филм
Апсолутно, Исланд ги надмина сите мои очекувања. Црната плажа со своите драматични базалтни столбови е место што остава чувство дека си на друга планета, а само неколку километри подалеку, Дијамантската плажа со светлосини ледени блокови на црниот песок изгледа како човек да правел сценографија за филм, а не како да е дело на природата. Гејзерите, особено Строкур, експлодираат со неверојатна моќ, фасцинантно е да се види тоа. Потоа водопадите како Гулфос и Селјаландсфос се уште еден спектакл на природата – силата на водата, звукот, водената магла што се создава во воздухот те остава без здив.
Националниот парк Тингвелир те потсетува дека овде не само природата, туку и историјата е величествена – карпи, ридови, лава што се формирале со текот на милиони години. Топлите термални води со огромен природен базен под отворено небо, среде вулкански предел - Blue Lagoon е посебно доживување и уживање. Секоја локација е уникатна и го одзема здивот. Сè е прекрасно и посебно убаво, па тешко е да се избере нешто што ми оставило најсилен впечаток.
Кои градови/места ги посети? Како би ја опишала атмосферата во нив?
Рејкјавик е жив, полн со туристи, пабовите се преполни, клубовите работат до доцна во ноќта
Седум дена престојував во Рејкјавик, главниот град на Исланд. Островот по површина е голем околу 103.000 км², земјата е многу слабо населена — околу 4 луѓе на км². Бројот на жители е околу 390.000, а во Рејкјавик живеат околу 139.000 жители. Рејкјавик е невообичаено шармантен, мал град, но културно полн. Сите куќи изгледаат како дел од некоја уметничка изложба. Градот е жив, полн со туристи, живее од понеделник до недела, пабовите се преполни, клубовите работат до доцна во ноќта, Исланѓаните се многу опуштени, ко да немаат буквално никакви грижи. Посетив и неколку помали градчиња - Селфос, Хверагерди, Хетла, Хволстводлур, Вик, Вогар. Во нив се живее споро, мирно, семејно. Атмосферата генерално е мирна, чиста, хармонична... како секој да има свој внатрешен ритам, синхронизиран со природата.
Kултурата и луѓето таму се приказна сама за себе. Како ти делуваа Исланѓаните?
Исланѓаните многу читаат, но и многу пишуваат
Исланѓаните ми делуваа исклучително љубезни, мирни и многу организирани. Како народ се навикнати на тивок, спокоен начин на живот, со голема почит кон природата и заедницата. Многу читаат, но и многу пишуваат. Постојат податоци дека Исланѓаните издвојуваат многу време за читање, а државата има една од највисоките стапки на издадени книги по глава на жител во светот, а во Европа се први на оваа листа. Често се вели дека на секои 10 луѓе, еден има напишано книга, што не е ни чудно, бидејќи книжарници има на секој чекор, а книга може да си одберете и да читате дури и во паб. Во контакт со нив ќе забележите дека се отворени, искрени и приземни, и оставаат впечаток на луѓе со кои лесно се воспоставува пријатна, нормална комуникација. Добро готват и се добри домаќини.
Имаше ли некој авантуристички момент во патувањето кој би сакала да го споделиш – можеби непредвидливо време, долг пат до некоја природна атракција?
Па, би рекла дека целото патување беше една голема авантура. На Исланд, буквално сè се претвора во авантуристички момент – не затоа што бараш адреналин, туку затоа што самата земја нуди такви можности. Дури и најобичното возење од Рејкјавик до јужниот брег кај црните плажи, е авантура само по себе. Патот е долг, но интересен, бидејќи се возиш низ цел спектар пејзажи – лава полиња, па бескрајни ливади, гледаш прекрасни исландски коњи, па големи стада овци, потоа водопади, геотермални области, бесконечна водена шир и прекрасни океански плажи.
Променливо време ги предизвикува и најшарените виножита кои некогаш сум ги видела, па така секој километар изгледа како да си влегол во сосема нов свет. Ноќите се магични со северната светлина, што значи дека на Исланд дури и кога ништо „специјално“ не се случува, чувството е дека постојано си во средина на некаква природна приказна што сама се пишува додека патуваш.
Исланд важи за скапа дестинација. Што ти остави впечаток во однос на цените?
Едно кафе е околу 5 €, точено пиво 9 €, чаша вино 12 €
Да, Исланд е генерално скапa дестинација, но многу зависи како патуваш. Ако користиш хотели, јадеш по ресторани и изнајмуваш автомобил, трошоците се поголеми, а ако, како јас, одиш на гости или пак паметно планираш, може да се помине поразумно. Едно кафе е околу 5 €, точено пиво 9 €, чаша вино 12 €. Во ресторани, порција лосос е 45 €, телешки бифтек 68 €, а бургер 33 €. Да, цените се „папрени“ според нашиот стандард, но изборот е голем, а храната во маркетите е многу поевтина во споредба со рестораните. Познатиот „Хот Док“ го има на секој чекор и чини околу 5 евра. Исланд е земја што вреди за секое евро, а ако паметно се организираш, можеш да уживаш во авантурата, природата и храната.
Што беше највкусното нешто што го проба таму? Нешто традиционално или модерно?
Посебен вкус има рибата треска, исландскиот компир е прекрасен
На Исланд многу јадат риба и месо, и навистина добро знаат да ги подготват. Со оглед на тоа дека обожавам риба и морска храна, оваа земја е идеална за мој вкус и по храната. Посебен вкус има рибата треска - бела морска риба, многу популарна на северните предели, вклучувајќи го и Исланд. Има бело и благо месо, со малку масти, па е одлична за печење, готвење или правење традиционални јадења. На англиски се вика „cod“. Бевме на гости кај Исланѓани, па пријателите оваа риба ја зготвиле на традиционален начин со познатиот скир (исландски млечен производ) зеленчук и прекрасни зачини. Рибата беше совршена - вкусот посебен. Морам да го спомнам и исландскиот компир - прекрасен е!
Која локација би ја препорачала како „must see“ за некој што првпат оди таму?
Исланд е навистина голем остров и за само седум дена не може да се посети сè. Јас видов само една четвртина од островот, но тоа што го видов беше неверојатно. Од местата што ги посетив, особено би ја препорачала Дијамантската плажа со нејзините светкави ледени блокови на црниот песок и секако, црната плажа, која е спектакуларна со базалтните столбови и моќните океански бранови. Задолжително да се посетат водопадите и гејзерите, кој може да си дозволи и пештерата во мраз и глечерите. Исланд нуди многу природни убавини, и иако не може сè да се види за една недела, овие места ја доловуваат магијата на островот и се апсолутен „must see“ за секој посетител.
Има ли нешто што би го направила поинаку доколку повторно патуваш на Исланд?
Навистина, ништо не би направила поинаку. Сè што искусив беше совршено, создадов незаборавни спомени. И.. не постои „ако“ - сигурно ќе се вратам, овојпат во летниот период, за да го доживеам островот во целата неговата магија, со долги денови, зелени пејзажи и сите природни чуда што Исланд ги нуди.
Кога би требало да го опишеш Исланд со една реченица – која би била таа?
Исланд - земја што те потсетува колку човекот е мал пред величествените сили на природата, каде таа тивко те учи на смиреност и почит.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk