„Апелирам да се пишува на кирилица, изговорите се 'немам македонска тастатура'“: Марија Лозаноска за Денот на македонскиот јазик
„Јазикот е единствената наша комплетна татковина.“
Блаже Конески
На 5 мај, кога го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, се потсетуваме на 1945 година и на моментот кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Но, ако пред осум децении визијата на големиот лингвист Блаже Конески била да го постави јазикот како темел на идентитетот, денес, во 2026 година, се соочуваме со поинаква, дигитална борба.
Во ера кога алгоритмите го диктираат темпото, а вештачката интелигенција сè почесто „пишува“ наместо нас, прашањето за јазичната култура е поактуелно од кога било.
Колку навистина се грижиме за правилната употреба на македонскиот јазик? Дали го негуваме доволно или несвесно го нарушуваме? Како да најдеме баланс меѓу современите трендови и зачувувањето на јазичната автентичност?
Лекторката и професорка Марија Лозаноска за Фемина дава стручен увид на овие прашања, нудејќи совети како македонскиот јазик може да се унапреди и пренесе на идните генерации.
Модерен јазик за модерни генерации
Лозаноска верува дека клучот за зачувување на јазикот кај младите е во создавањето привлечни лекторирани содржини:
„Со читање книги, гледање емисии, серии, содржини на македонски јазик, направени според последните трендови, но сите да бидат излекторирани од соодветни јазичари. Мора да им прикажеме дека македонскиот јазик може да биде модерен само ако им го приближиме според нивното време. И ова не е само за младите, туку и за сите генерации, сите сме желни за нешто ново и писмено.“
Маркетингот како „прв фронт“ на јазична чистка
Еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонскиот јазик денес е неговото несвесно нарушување, честопати поради брзината на информациите. Марија посочува дека маркетингот е теренот каде најитно треба да се направи „чистка“.
„Не се прашуваат лекторите за многу проекти. Маркетингот е тој што стигнува најбрзо до нас, тој прво треба да биде ‘исчистен’. Секоја информација споделена на јавноста мора да биде јазично искоригирана, без разлика дали е од поединец или фирма. Мора да има ред на нештата“ – вели таа.
Сленгот е „кул“, но кирилицата е незаменлива
Поради доминацијата на содржини на странски јазици, децата сè почесто ги заменуваат македонските зборови со туѓи. Сепак, лекторката смета дека сленгот има свое место, сè додека не стане доминантен.
„Младите сакаат да бидат ‘кул’ и тоа е сосема во ред. Ќе бидат писмени онолку колку што ќе им се посочи. Кај нив најголемиот проблем е што гледаат многу содржина на странски јазик и им се мешаат јазиците, па знаат многу термини да им се измешаат. Немам против сленгот и странцизмите, но и за нив има време и место и не смеат да доминираат.“
Во однос на дигиталната комуникација, таа неуморно апелира на користење на нашето писмо:
„Постојано апелирам да се пишува на кирилица затоа што е ретко писмо во светот. Македонската кирилица ја користиме само ние, а сме малку на број. Изговорите за непишување се ‘немам македонска тастатура', ‘мали ми се буквите на македонската тастатура’ итн. Странцизмите може да се намалат со постојано апелирање, потсетување кој е македонскиот поим и токму тоа го правам со мојот профил „Лекторката“.
Не можеме да се избориме со оваа глобализација, затоа што истото се случува и во другите јазици, но може да се потрудиме и да им укажеме на младите, па и на сите Македонци, што е македонско, а што не. Понатаму секој сам нека си одлучува.“
Внимателно со вештачката интелигенција
Нови предизвици за македонскиот јазик носи и вештачката интелигенција. Иако алатките како Chat GPT можат да бидат корисни, тие често претставуваат „олеснителна околност“ или „кратенка“ за учениците, која води кон онеписменување.
На прашањето колку оваа технологија го изобличува јазикот, Лозаноска предупредува на внимателност:
„Вештачката интелигенција служи само како алатка, но не и како вршител на целата работа. Кога се работи конкретно за македонскиот јазик, апелирам да не се користи Chat GPT затоа што пренесува многу често погрешни информации, посебно во граматиката.“
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk