• Маркетинг
  • 🔥 Новости
  • ♏ Хороскоп
  • 🌙 Соновник
  • 💬 Форум
  • Новости
  • Категории
    • Убавина и мода
    • Љубов и секс
    • Диети и фитнес
    • Рецепти
    • Здравје
    • Семејство
    • Дом и градина
    • Кариера
    • Забава
    • Колумни
  • Хороскоп
  • Соновник
  • Форум
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS
Актуелно

„Ако мораш да одиш ‘на прсти’ во сопствениот живот – тоа не е нормален конфликт“: Елена Џебр за токсичните врски

3 април 2026, 13:10
  • cподели

Денес, кога менталното здравје веќе не е табу тема, сѐ погласно зборуваме за односите кои нè градат, но и за оние кои невидливо нè разградуваат. Границата каде што љубовта станува контрола, а грижата се претвора во манипулација е често замаглена. Токму таа линија ја дешифрираме со Елена Џебр, психолог, магистер по клиничка психологија и психотерапевт, една од најпознатите и најбарани стручни лица во земјава.

Елена Џебр, психолог
Елена Џебр, психолог

Како основач на „Трансформација“ и автор на првиот стручен подкаст за ментално здравје, Елена со години ја преведува психологијата на јазикот на секојдневието. Нејзиниот фокус е поддршка на жените во градењето личен интегритет и свесност дека вистинскиот раст се постигнува низ самоприфаќање.

Во интервју за Фемина, Џебр отворено зборува за токсичните врски кои не секогаш се препознаваат на прв поглед, но оставаат длабоки траги, за „црвените знаменца“ кои избираме да не ги видиме, за љубомората преправена во љубов и за најтешката лекција: како повторно да си веруваме себеси кога тлото под нозете ќе стане несигурно.

Разговор кој отвора важни прашања, но и нуди јасна насока кон односи во кои слободно растеме, наместо да се губиме себеси.

Како психолог, како ја дефинирате „токсичната врска“? Каде е границата меѓу нормални конфликти и штетна динамика?

Искрено, луѓето често мислат дека токсична врска значи некој да е очигледно лош, агресивен, да има драми. Ама многу почесто, не изгледа така. Како кога ќе седиш со некого и ќе сакаш нешто да кажеш, па застануваш на пола реченица, затоа што веќе знаеш каква реакција ќе добиеш. Или кога ќе направиш нешто најобично, па после во глава вртиш и се прашуваш „Дали претерував?“, „Дали требаше вака да кажам?“.

Најчесто, тоа се релации во кои нема огромен проблем, туку има многу мали моменти во кои почнуваш да се собираш, постојано да внимаваш, да филтрираш што и како ќе кажеш, да се намалуваш. Во секоја врска има караници, тоа е нормално, па дури и пожелно. Ама во здрава врска, после караницата, не се губиш себе, не се губи ни партнерот. Кога релацијата е токсична, почнуваш повеќе да мислиш како да не го налутиш партнерот, отколку што ти е тебе навистина, како се чувствуваш и што ти е важно. И ако треба со месеци да одиш „на прсти“ во сопствениот живот, тоа веќе не е само нормален конфликт.

Кои се најчестите рани „црвени знамиња“ кои луѓето ги игнорираат на почетокот од една врска?

Најинтересно е што „црвените знамиња“ ретко изгледаат црвено на почеток. Повеќе личат на нешто слатко, или барем објасниво.

„Само е малку љубоморен, значи му е грижа.“
„Многу сака да сме заедно, затоа се лути кога излегувам.“
„Имал тешко минато, затоа реагира така.“

Ова често прави да се чувствуваш посебно. Ама ако застанеш и се слушнеш малку подобро, телото често знае пред нас. Тоа мало стегање во стомак кога ќе ти каже нешто. Пеперутките во стомакот. Да, тие не треба да се присутни во здрава релација, но филмот, музиката, книгите... ние сме бомбардирани со примери за токсична релација каде баш ти си таа/тој што ќе го/ја промени и ќе биде избрана (тука постои многу длабока причина од каде доаѓа ова, но мислам дека е важно да поттикнуваме почесто критичко размислување и што точно значи љубов). Постои едно чувство дека мораш да објаснуваш повеќе отколку што сакаш или дека треба да се прилагодиш за да не настане проблем и тоа често е големо црвено знаме.

Црвеното знаме не е секогаш во однесувањето, често е во тоа како ти се чувствуваш покрај некого. И уште нешто што луѓето многу го игнорираат е конзистентноста. Еден ден е прекрасен, внимателен, присутен, па следниот ден ладен, оттурнувачки или критичен. Ти остануваш фокусирана на „добриот ден“, се надеваш дека тој е вистинскиот ама однос не се гради на моменти. Ако нешто те збунува повеќе отколку што те смирува, вреди да застанеш и да се запрашаш зошто.

Друго нешто што се заборава е контекстот. Кој било човек пред нас, не е важно каков е само со нас (овде зборувам и за пријателства и други односи во животот, не само партнерски), важно е да му го гледаме контекстот, од каде доаѓа, што прави, како се однесува со другите, дали има историја на насилство, булинг, кражби, злоупотреба на психоактивни супстанци, токсични релации во минатото, лоши семејни односи итн. Најголемиот проблем е што често, особено помлади девојки, се „вадат“ на тоа, ама тој е многу нежен со мене. Не го гледаат поширокиот контекст или го доживуваат како силен и храбар, па некој кој ќе ги чува. (И за жените и за мажите исто важи, се служам само со пример).

Токсична врска
Дали прекумерната љубомора може да се маскира како грижа и љубов? Како да ја препознаеме разликата?

Проблем е кога љубомората ќе престане да биде чувство и ќе стане однесување

Љубомората е нормална емоција, најчесто поврзана со страв од губење или несигурност во односот. Но, станува проблем кога престанува да биде чувство и почнува да станува однесување. Односно, кога од „се чувствувам несигурно“ преминува во проверување, испрашување, ограничување, контрола. Здравата љубомора се кажува и се регулира, додека претераната се наметнува и го стеснува просторот на другиот. Ако едната страна постојано мора да се прилагодува за да избегне реакција, тогаш веќе не зборуваме за љубомора, туку за контрола.

Колку е опасно кога партнерот постепено почнува да нè изолира од пријатели и семејство?

Здрава врска не те одвојува од светот, те поддржува да го имаш

Постепената изолација е форма на психолошка контрола која ја намалува социјалната поддршка и ја зголемува зависноста од партнерот. Здрава врска не те одвојува од светот, те поддржува да го имаш. Секако, не секое оддалечување од луѓе значи насилство, понекогаш одредени односи навистина не ни одговараат. Клучно е дали изборот доаѓа од тебе или од притисок, вина или страв да не предизвикаш реакција кај партнерот.

Кои суптилни форми на непочитување најчесто остануваат незабележани, а всушност се сериозен проблем?

Најчесто не се работи за очигледна навреда, туку за мали, повторливи моменти што полека ја подриваат вредноста. Како, на пример, кога ќе кажеш нешто важно, а тоа се игнорира или минимизира, кога твоите чувства се претставуваат како „претерување“, кога шегите одат на твоја сметка, ама некако не ти се смешни, кога партнерот те „коригира“ пред други луѓе, итн. Секој од овие моменти сам за себе може да изгледа мал и лесно се оправдува. Кога почнуваш да се сомневаш во сопственото чувство, наместо да му веруваш, е тоа веќе не е ситница. И повторно ќе нагласам, важно е да не гледаме изолирано.

Ако непочитувањето станува начин на комуникација, тогаш тоа веќе не е „лош ден“

Сите понекогаш грешиме, знаеме да кажеме нешто несоодветно. Но, ако непочитувањето станува начин на комуникација, тогаш тоа веќе не е „лош ден“, туку динамика што влијае на самодовербата и сигурноста во односот. И пак ќе кажам, гледаме и контекст на партнерот, каков е и со другите. Порано, па и сега, се прашува некое дете, „Ти чие си?“ – да се види кои се мајка и татко, баби и дедовци, чичковци, тетки, итн. тоа е тој семеен контекст што е многу важен, бидејќи неретко, крушата под круша паѓа. И ова секако дека не е правило, но подобро да се провери, отколку да се влезе во однос со розови очила и маска на преголема емпатија и добрина. За сѐ во животот е важно да се имаат граници и мера. Мораме критички да размислуваме.

Дали постојаното критикување и омаловажување може да се смета за форма на психолошко насилство?

Кога некој систематски ја намалува твојата вредност, тоа веќе спаѓа во форма на психолошко насилство. Нормално е во еден однос да има и критика, да побараш што ти е важно, да прекориш некое однесување, да се „местите“. Но, тоа е насочено кон однесувањето, а не кон личноста. Кога критиката преовладува и е насочена кон самата личност, тоа веќе ја преминува границата.

Кога контролата (на телефон, движење, облека) станува знак за аларм?

Контролата станува проблем во моментот кога престанува да биде договор и почнува да биде услов. Во секоја врска постојат договори и грижа. Но, ако тие договори доаѓаат од страв, притисок или вина, тогаш веќе не зборуваме за грижа, туку за контрола. Во пракса, работите не се секогаш црно-бели.

Понекогаш зголемената потреба за проверување, прашања „каде си“, гледање телефон може да доаѓа од повреда и претходно искуство. Од момент кога довербата е нарушена, а другата страна не презема одговорност, па личноста почнува да се сомнева и во себе. Телото често знае дека нешто не е во ред, дури и кога не можеме јасно да го објасниме. Во такви динамики, лесно е двете страни да ги изгубат границите. Но, важно е да направиме разлика, едно е некој да каже „ми е тешко да верувам, ми треба време и сигурност“, а сосема друго е тоа да премине во навреди, притисок или физичка агресија. Тоа НИКОГАШ не е оправдано.

Контролата, притисокот и насилството, не се форма на љубов, без разлика од каде доаѓаат

Во некои случаи, ваквите реакции може да доаѓаат и од лични трауми, несигурност или подлабоки психолошки потешкотии, но разбирањето на причината не значи оправдување на однесувањето. Свесноста е клучна разлика. Дали некој го препознава својот модел и работи на него или го наметнува на другиот. Затоа е важно да не судиме само по едно однесување изолирано, туку да го гледаме контекстот и шаблонот. Но, исто така, важно е јасно да се каже, контролата, притисокот и насилството, не се форма на љубов, без разлика од каде доаѓаат.

Како влијае ниската самодоверба врз толерирањето на токсично однесување?

Ниската самодоверба може да влијае на тоа колку некој ќе толерира, затоа што ја намалува сигурноста во сопственото чувство и граници. Но, ова е многу индивидуално прашање, не секој што останува во ваква врска има ниска самодоверба, често има многу подлабок контекст и причини што треба да се разберат.

Токсична врска
Како да препознаеме емоционална манипулација, како „gaslighting“?

Прв знак на gaslighting е да се чувствуваш како да полудуваш

Емоционалната манипулација најчесто, за жал, не се препознава веднаш, туку се чувствува. Како да се сомневаш во сопственото чувство, да мислиш „можеби јас претерувам“ , да се извинуваш за нешто што не ти е јасно и слично. „Gaslighting“ е кога некој систематски ја негира твојата реалност, те прави да се сомневаш во тоа што си го видела, почувствувала или доживеала. Полека почнуваш повеќе да му веруваш на неговото објаснување, отколку на сопственото искуство и тоа е сигнал за аларм.

Техника која им ја давам на клиенти кога почнуваат да се сомневаат дека нешто едноставно не е во ред е да пишуваат дневник со сите настани што се случиле, зборови, пораки, итн. Нема после вака било, така било, ќе си имаат доказ, бидејќи при ваква манипулација, жртвата мисли дека полудела. Можеби ете, прв знак е токму тоа, чувство како да полудуваш.

Дали честото извинување без промена е знак за токсичен циклус?

Искреното извинување се гледа во однесувањето, не во зборовите.

Како да направиме разлика меѓу партнер кој има лош ден и партнер кој систематски не нè почитува?

Секој може да има лош ден. Разликата е во тоа дали после тоа има свесност и одговорност. Не гледај го најдобриот ден, гледај го просекот.

Кои се првите чекори кои некој треба да ги преземе кога ќе сфати дека е во токсична или насилна врска?

Прво е важно да се разговара со некој на кого му веруваш. Полека да почнеш да ги враќаш сопствените граници, чекор по чекор. Многу е индивидуално ова, бидејќи не секоја токсична релација е насилна и опасна по живот. Затоа, не можам конкретно да кажам чекор по чекор, бидејќи некои релации бараат добра подготовка, па дури и штедење на пари, подготовка за бегство, барање на стручна помош или конкретна заштита. Најважното е прво да си поверуваш себеси. Да си доволно свесна за она што се случува, да признаеш колку ова не е во ред и зошто сакаш да заминеш. Постојат секакви ситуации, некогаш, навистина не е лесно, затоа е опасна и таа изолација која претходно ја споменавме, кога имаш поддршка околу себе е полесно.

Колку е важно да се постават граници и како да го направиме тоа без страв?

Ако за да има мир, мораш да молчиш, тогаш тој мир е на твоја сметка

Границите се основа на секој здрав однос, токму тие покажуваат каде завршувам јас, а почнува другиот. Стравот е нормален, особено ако претходно не си ги поставувала. Но, границите не се поставуваат без страв, туку и покрај стравот. Ако за да има мир, мораш да молчиш, тогаш тој мир е на твоја сметка. Здравиот однос ги почитува границите, а во токсичен ретко ги има. Секако, ова не е тема што може целосно да се објасни во неколку реченици, затоа што поставувањето граници е процес што се учи и се гради со време.

Кои се долгорочните последици од останување во ваква врска врз менталното здравје?

Секое искуство е индивидуално и не остава ист траг кај сите. Но, колку подолго трае ваквата динамика, толку подлабоко влијае на внатрешната стабилност и чувство на сигурност. Може да се појават анксиозност, панични напади, депресија, намалена самодоверба, хроничен стрес, исцрпеност, итн. Во суштина, оддалечување од себе и длабоко незадоволство.

Кој е вашиот најважен совет за младите луѓе кога станува збор за избор на партнер и самопочит?

Љубовта не треба да те прави анксиозна, да се преиспитуваш, да плачеш повеќе отколку што се смееш

Не верувај во сè што си научила дека е љубов. Филмови, серии, книги, песни, често ни продаваат приказни каде љубовта е драма, љубомора, трпење, спасување некој. Тоа изгледа интензивно, па мислиме дека тоа е „вистинско“, ама во реалноста љубовта не треба да те прави анксиозна, да се преиспитуваш, да плачеш повеќе отколку што се смееш. Гледај како се чувствуваш покрај некој. Дали си опуштена, дали можеш да бидеш своја, дали имаш простор да растеш, да имаш и други релации, да имаш спокој. И уште нешто многу важно, ако нешто ти делува чудно, не го игнорирај само затоа што „така треба“ или „сите така прават“ или зошто мислиш дека си добар човек кој никого не осудува. Верувај си на тоа што го чувствуваш, повеќе отколку на тоа што ти кажуваат дека треба да биде.

Даница Караташова Илиоска/ Femina.mk

Tags
Елена Џебр

Најнови

  • Хенри Кавил за Longines

    HydroConquest 2026 пристигна во Македонија: Longines со најголема промена досега

    Fri, 04/03/2026 - 14:33
  • Токсични врски

    „Ако мораш да одиш ‘на прсти’ во сопствениот живот – тоа не е нормален конфликт“: Елена Џебр за токсичните врски

    Fri, 04/03/2026 - 13:10
  • Извонредно: НАСА ја објави првата фотографија од Земјата од „Артимис II“

    Fri, 04/03/2026 - 11:43
  • Маркетинг
  • Импресум
  • Услови за користење
  • Приватност
  • RSS

© 2026 Femina.mk. Сите права задржани

Содржините на Femina.mk се заштитени со Законот за авторски права.
За секоја форма на користење на делови од овој веб сајт или цели статии за комерцијални цели, потребна е писмена согласност од Femina.mk.