Во атмосфера на возбуда, детска љубопитност и натпреварувачки дух, млади генијалци од Македонија викендов се вратија од Дубаи со успех кој долго ќе се памети.
Имено, на 15-тиот Меѓународен „Бреинобреин“ натпревар, нашите претставници од Охрид, Тетово и Скопје, со освоени 6 трофеи и 5 златни медали, се вброија меѓу најдобрите млади умови во светот. Нивниот пат до триумфот покажува дека дисциплината, љубопитноста и правилниот ментален тренинг создаваат резултати што инспирираат.
Од „Бреинобреин“ за Фемина велат дека подготовката за натпреварот во кој учествуваа над 1.800 деца од 16 држави е подолготраен процес:
Нашите 11 претставници кои нè претставуваа на 15-тиот Интернационален „Бреинобреин“ натпревар во Дубаи се наша огромна радост и инспирација. Тие имаат стекната љубов кон учење, љубопитност и секојдневно вежбање – затоа што „Бреинобреин“ не е само програма, туку навика, дисциплина и начин на размислување што децата го градат чекор по чекор.
Нашата програма трае околу три години и опфаќа 10 нивоа, а на овој натпревар учествуваа деца кои се на различни нивоа од програмата – од оние што завршиле трето, четврто ниво, до ученици со завршено осмо и ученици кои што ја имаат завршено целата програма. Секој од нив, без разлика на возраста и нивото, понесе со себе желба да покаже што научил во „Бреинобреин“ и колку далеку може да стигне со својата концентрација и ментална сила.
Во Дубаи, децата се соочија со комплексен тест, кој за многумина претставува вистински ментален предизвик. Сепак, за нив, тоа беше можност да го демонстрираат она што го учат со години:
Тестот на натпреварот е различен за секоја категорија, но генерално се состои од 45 задачи од областите собирање и одземање, решавање на децимални броеви, множење (на пример четирицифрен со двоцифрен број) и делење (шестоцифрен со двоцифрен број). Децата пресметуваа, визуелно. Иако максималното време е 3 минути, дел од нашите учесници го решија целиот тест и побрзо од тоа време… а тоа е момент кој ретко се случува на некој натпревар.
Оваа година освоивме вкупно 11 награди – 6 трофеи, што претставува највисока награда на натпреварот и 5 златни медали. Овие резултати се доказ за посветеноста на децата, нивната дисциплина и редовната практика.
„Бреинобреин“ програмата во светот постои повеќе од 20 години, а кај нас веќе 15 години растат генерации на деца кои ја градат својата самодоверба, концентрација и логика преку оваа методологија.
Успехот во Дубаи природно го отвора и прашањето за емоцијата зад резултатите. Од „Бреинобреин“ признаваат – секое дете е повод за нова гордост:
На прашањето дали сме горди – апсолутно. Горди сме на секое наше дете кое вложува труд, напредува и верува во себе. Овој успех е голем и значаен, но секој чекор во развојот на едно дете ни е подеднакво драгоцен. А дали го очекувавме успехот? Нашите деца секогаш покажуваат дека можат многу. Затоа не би рекле дека очекувавме, туку дека верувавме во нивниот потенцијал. Овој успех само го потврдува тоа што го гледаме секој ден на нашите „Бреинобреин“ часови – нивната упорност, дисциплина и исклучителен фокус.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk