19-годишно момче со аутизам и челична волја од Србија истрча полумаратон и постави свој личен рекорд
Границите постојат само за да се поместуваат.
Доказ за тоа е Павле Мирoвиќ кој не дозволува аутизмот да му застане на патот да ги реализира своите најголеми атлетски соништа.
19-годишниот Србин успешно го истрча полумаратонот во Белград, поминувајќи ја патеката од 21 километар за 1 час, 59 минути и 45 секунди, резултат со кој го подобри својот личен рекорд.
Трката не била воопшто лесна, а тоа што имало голем број учесници дополнително го отежнало темпото на Павле, кој е невербален и лесно може да му се одвлече вниманието. Затоа, покрај него цело време трчал и придружник, кој внимавал да остане фокусиран и на вистинската патека.
И покрај сите пречки, Павле успеа да стигне до целта со извонреден резултат. Неговата мајка вели дека токму ваквите услови го прават успехот уште поголем, бидејќи во поинакви околности тој може да постигне и уште подобро време.
Она што најмногу оставило впечаток е неговата реакција по финишот. Додека повеќето тркачи биле исцрпени, Павле зрачел со радост. Неговото лице, како што опишува мајка му, било исполнето со среќа.
„Тој чувствува дека постигнал успех, тоа се гледаше на неговото лице, во очите, целиот блескаше по трката. Се гледаше дека е задоволен, свесен е дека направил нешто добро. Како се чувствувал најдобро се гледа на фотографијата направена по финишот на трката, каде што сите околу него се изнемоштени и уморни, а тој, со насмевка на лицето, како да сака веднаш да продолжи да трча“ – рекла низ насмевка мајката.
Павле тренира редовно и е дел од атлетски клуб каде работи рамо до рамо со други млади спортисти без некаков посебен третман, само со многу труд и дисциплина.
Тој е единственото лице со аутизам во Европа кое трча маратони и полумаратони и освојува медали во регуларна конкуренција.
Симптомите на аутизам кај Павле станале очигледни уште кога тој имал 2-3 години, но официјална дијагноза добил на 8-годишна возраст.
„Многу е тешко кога имате наизглед, и во однос на здравјето, совршено дете и кога ќе сфатите дека неговиот живот нема да оди по текот што сте го очекувале. Во периодот кога се открива дека постои проблем, родителите обично посегнуваат по алтернативни методи и решенија и се надеваат дека тоа не е она што навистина е. Сè додека родителите живеат во исчекување дека нешто ќе се промени, тоа е многу стресно“ – раскажала Драгана во интервју минатата година.
Пресвртница за неа било прифаќањето дека Павле не е како другите деца и дека секој мал чекор за него всушност е голем.
„Кога ќе се прифати дијагнозата, животот се менува“ – рекла таа и споделила дека уште од мали нозе Павле покажувал атлетски вештини.
„Татко му не можеше да го стигне на трката на 5 километри“ – споделила таа.
Сепак, Драгана е категорична дека најважни за неговиот успех се челичната волја, силата и трудот.