17-годишна девојка од Битола загина во сообраќајка, училиштата во кои учеше се збогуваат со неа со трогателни објави
Битола тагува по Ивана Недановска, која во саботата го загуби својот живот во сообраќајна несреќа на само 17-годишна возраст.
Ивана беше ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“, а претходно основно училиште заврши во „Даме Груев“. Двете училишта со емотивни објави се простија од младата девојка, испраќајќи сочувство до нејзиното семејство и најблиските.
Во објавата на Горната гимназија стои:
Смртта го прекинува животот, не и присуството!
Има несреќи по кои човек долго не може да поверува во она што веќе го знае.
Веста е кажана, зборовите се разбрани, а сепак нешто во нас се противи и бара да не е така. Особено кога смртта ќе дојде по млад човек. Зашто сè што знаеме за младоста нè учи на спротивното: дека пред неа има време, дека патишта се многу, дека животот е голем и неиспишан и дека најважното допрва треба да дојде.
Од денес, Ивана Недановска ја нема.
И пред таа проста и страшна вистина стоиме немоќни сите ние од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“- Битола.
Чудно е и тешко да се мисли за смртта таму каде што сè е создадено за живот, зашто училиштето е една од ретките куќи во кои човекот постојано се подготвува за она што уште не дошло. Во него сè си има некое утре. Се учи за утре, се прават планови за утре, се расте за утре. Низ неговите ходници младоста минува брзо, понекогаш бучно и нестрпливо, уверена во она во што само младоста има право да биде уверена - дека има време.
И токму затоа е толку страшно кога едно утре нема да дојде.
Не знаеме што да правиме со таа мисла. Човекот низ вековите научил да поднесува многу нешта, но не научил лесно да го прифаќа она што му изгледа спротивно на самиот ред на животот: старите да останат, а младите да заминат; оние што веќе имаат спомени да продолжат да ги создаваат, а оние што требало допрва да ги создаваат, самите да станат спомен.
Тука секоја утеха станува мала.
И секој голем збор е недостоен.
Останува само тагата.А таа, колку и да е тешка, кажува нешто што зборовите не умеат. Човекот не се мери само со годините што ги проживеал, туку и со празнината што останува кога ќе го нема.
По Ивана останува таква празнина во нејзиниот клас, меѓу нејзините другари, кај наставниците што ја учеле, во секојдневието во кое до вчера нејзиното присуство било нешто природно и обично, како што ни се природни сите драги нешта додека ги имаме.
А потоа, во еден миг, токму обичното станува бесценето.
Едно место.
Еден глас.
Едно име во дневникот.
Едно лице меѓу многу млади лица.И дури кога едно од нив ќе исчезне, разбираме дека никогаш не било само едно меѓу многуте.
Било свое. Единствено. Незаменливо.Ќе дојде утро кога вратите на училиштето повторно ќе се отворат. Ќе дојдат учениците. Ќе продолжат часовите, разговорите, плановите, малите радости и грижи од кои е составен еден училиштен ден. Животот ја има таа сурова сила да продолжува и тогаш кога нам ни се чини дека би требало да застане.
Но тоа што животот продолжува, не значи дека споменот и тагата поминале.
И тоа што едно место е празно не значи дека во него нема ништо.
Понекогаш токму празното место во себе најдолго го чува човекот.
Такво место отсега ќе има Ивана во нашето училиште.Никој нема да го пополни со друго име. Не затоа што животот треба да застане пред смртта, туку затоа што животот има смисла само ако умее да го сочува она што таа му го одзела.
Во овие исклучително тешки мигови, учениците, наставниците, стручните служби, раководството и сите вработени во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола изразуваат најдлабоко и најискрено сочувство до семејството и најблиските на нашата ученичка Ивана Недановска.
Со длабока почит кон нивната болка и со неизмерна жал поради загубата, мислите на целата наша училишна заедница се со семејството на Ивана.
Пред таквата болка зборовите мора да бидат тивки. Нема реченица што може неа да ја намали и нема утеха што може да го врати она што е изгубено.
Но има сеќавање.
Има траги што човекот ги остава во другите, а кои не заминуваат тогаш кога заминува тој.
Нашето училиште ќе продолжи да ја слави младоста, како што ја славело секогаш.Отсега ќе знае нешто повеќе за нејзината бесценетост.
И ќе има едно празно место повеќе.А во него ќе сјае едно име што нема да биде празнина: Ивана Недановска.
Од ОУ „Даме Груев“ напишаа:
🕊️ Со голема тага и неверување ја примивме веста за прераната и трагична смрт на Ивана Недановска, наша поранешна ученичка, која својот живот го загуби во сообраќајна несреќа на само 17-годишна возраст.
Ивана беше дел од нашето училиште, а своето образование потоа го продолжи во битолската гимназија. Ќе остане во сеќавањето на сите кои ја познаваа како млада личност пред која стоеше целиот живот.
Во овие тешки моменти, ОУ „Даме Груев“ – Битола упатува искрено и длабоко сочувство до семејството, најблиските, пријателите и сите кои ја сакаа Ивана.
Почивај во мир, Ивана. 🕊️
Претешко е да се прифати една толку млада душа да замине, оставајќи зад себе неизживеана младост, неиссонувани соништа и иднина која требаше допрва да се гради.Нека споменот на Ивана засекогаш остане жив во срцата на сите што ја познаваа и сакаа.
Ивана го загуби животот во несреќата која се случи на патот Битола–Прилеп, кај местото викано „Туланата“. Според информациите на МВР, во несреќата учествувале две возила, а покрај 17-годишната девојка, која била сопатничка во едното возило, повредени биле уште четири лица.