Во знак на солидарност со семејствата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, движењето „Кој е Следен?“ денес изведе герила-акција пред споменикот на Олимпија во центарот на Скопје. Со овој чин, активистите симболично ги претставија црнината и болката кои мајките ги носат веќе осум месеци.
На социјалните мрежи беше споделено видео од акцијата, придружено со стихови од Ванчо Николески:
„Плачат мајки в црно преврзани,
бели градој лежат ограбени,
чадат села в оган запалени...“
„Мајките завиени во црно се огледало на нашата тишина“, „Нема вода што ќе ви ја измие вината“, „Правда за Кочани“, „Кога мајките се завиени во црно, совеста нема изговор“... се пораките кои ги привлекоа погледите на минувачите.
Видео
Од организацијата упатија повик до граѓаните да се приклучат на „Маршот на ангелите“, кој ќе се одржи на 15 ноември во 12:05 часот. Собирното место ќе биде Плоштад Македонија, од каде што маршот ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд, местото каде што учесниците ќе побараат правично судење и одговорност за загубените животи.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 63 лица. Судското рочиште за случајот е закажано за 19 ноември, а семејствата на жртвите и активистите предупредуваат дека општеството не смее да молчи пред трагедија што можела и требала да биде спречена.
