Почетна » Новости » Актуелно » Македонскиот астролог Ивица Трповски: „Големите животни настани од наталната карта се со прецизност од 90%“

Македонскиот астролог Ивица Трповски: „Големите животни настани од наталната карта се со прецизност од 90%“

„Што си во хороскоп?“ е многу често прашање кога се стремиме кон забавен лежерен разговор, а сакаме да дознаеме малку повеќе за карактерот на соговорникот. Понекогаш се шегуваме со изреката „Меркур е ретрограден“ кога не ни оди сè по план, а и многумина не се имуни на искушението наречено „натална карта“ со цел да се одгатнат себеси и да си ја „видат“ иднината.

Хороскоп, карактеристики на знаците, натална карта, предвидувања за сите сфери од животот... Сето ова е под чадорот на астрологијата која придобива сè поголема и поголема публика.

Обидувајќи се подобро да разбереме зошто астрологијата е толку атрактивна, поразговаравме со Ивица Трповски, кој повеќе од две децении е посветен на анализирање на движењата на небесните тела и нивното влијание врз нас.

Ивица Трповски

Кога и како ја откри твојата страст за астрологијата?

- Со астрологија се занимавам веќе 20 години. Интересно е тоа што астрологијата никогаш не била центар на моето интересирање. Од многу рана возраст нешто што го привлекувало моето внимание беше сè она што не може точно или прецизно да се доживее или искаже со нашите сетила за перцепција, сè она што е скриено, тајно, да не кажам окултно... јасновидци, бајачи, гатачи, религија, медитација... принципите по кои тие функционираат и обредите кои ги вршат. Во целиот тој истражувачки пат, се појави астрологијата, спонтаното запознавање со неа, точноста која ја дава и функционирањето на тој систем во целост раѓа љубов кон астрологијата, нешто кое трае и денес.

Зошто е важна астрологијата? Како може да ни помогне во животот?

Со астрологијата може да се предвидат и очекуваат промени во животот или да се избегнат потенцијални проблеми
Ивица

- Астрологијата е дисциплина која се занимава со проучување на планетарните позиции и нивното влијание врз луѓето и светот околу нив. Астрологијата, како дисциплина, може да ни даде одговор на многу прашања кои секојдневно си ги поставуваме, со цел подобро да го разбереме својот живот и себеси. Зошто баш мене ми се случи тоа? Зошто така, а не поинаку? Зошто баш во оваа година? Личниот хороскоп, или пак повеќе познат како натална карта, ни ги дава склоностите кои ги имаме, каков е нашиот карактер, каква среќа нè чека, каков ќе ни биде љубовниот, спиритуалниот, интелектуалниот и емотивниот живот, во која професија најдобро ќе успееме, колку пари ќе имаме, какви ќе ни бидат пријателите, каде се опасностите и како да се избегнат, каде ќе живееме, какви жени привлекуваат одреден маж, какви мажи ќе одиграат важна улога во животот на една жена, како и кога ќе умреме итн.

Со помош на астрологијата можеме да ги истражиме и дознаеме своите лични особености и животни циклуси, да ги препознаеме нашите силни и слаби страни, како и кои се активностите и релациите кои треба да ги прифатиме. Воедно, астрологијата од друга страна претставува и начин да се предвидат и да се планираат деновите или годините во иднината. Со разбирање на планетарните влијанија, може да се предвидат и очекуваат промени во животот или да се избегнат потенцијални проблеми.

Од досегашното искуство, за кој аспект од животот најмногу се љубопитни луѓето (љубов, кариера, здравје) кога станува збор за астролошки предвидувања? Дали генерално има разлики помеѓу интересите на жените и мажите?

- Астрологијата е област на интерес за многу луѓе поради можностa да ги проучува влијанијата на планетите и други космички фактори врз животот на луѓето. Во целост, не постои еден дефиниран аспект на животот за кој луѓето се најмногу заинтересирани во астрологијата, бидејќи тоа зависи од индивидуалните потреби и интереси.

Некои луѓе се заинтересирани за астрологијата поради желбата да дознаат повеќе за својата личност и карактеристики, вклучувајќи и потенцијалните предизвици со кои може да се сретнат во животот. Други, сакаат да дознаат повеќе за своите односи со другите луѓе, како што се пријателствата и љубовните врски или бизнис партнерствата. Одредени клиенти се интересираат за астрологијата поради нешто што е повеќе практично, како што се финансиите, кариерата или здравјето. Конечно, има и луѓе кои просто уживаат во изучувањето на астрологијата поради нивната љубопитност и дополнителното знаење за космосот и планетите.

Токму затоа она што можам да кажам е дека за овие 20 години колку што се занимавам со астрологија и изработка на натални карти, можат да се видат различни трендови во интересирањето на клиентите. На почетокот на мојата работа, соодносoт на мажи и жени како клиенти пред сè беше во полза на жените, зоната на интерес беше строго поделена, емотивниот живот и љубовните проблеми беа интерес на женската популација, а работата и финансиите кај мажите. Последните години тој тренд е сменет, постои баланс помеѓу мажи и жени клиенти и тоа што ги интересира е скоро идентично – по малку од сè, љубов, работа, кариера итн.

Што сè може да ни открие една натална карта?

- Наталната карта е графички приказ на позициите на планетите во моментот на настанување на животот, т.е. раѓањето на едно лице. Секој елемент на картата претставува различен аспект од животот на лицето, како што се неговата личност, кариера, финансии, врски итн. Позициите на планетите и другите астрономски тела на картата се толкуваат во контекст на зодијачките знаци и аспектите помеѓу нив, што нуди детален поглед на тоа како овие фактори влијаат врз животот на лицето.

Наталната карта може да се користи за да се добие детален поглед во некои аспекти од личноста и животот на едно лице, ги дава сите потенцијали и предиспозиции кои ги има одредена личност за сите области од животот: љубов, работа, здравје, семејство, односи со други луѓе и сл. Со помош на наталната карта можеме да откриеме потенцијални предизвици и прилики во животот и да се истражат начини за да се постигнат најдобрите можни исходи во различни сфери на животот.

Доколку информациите кои може да ги „прочитаме“ во наталната карти би ги поделиле на скалило по нивната важност (примарни, секундарни, терцијални, па сè до тривијални), за примарните информации, или животно значајни информации кои опишуваат „mayor life event“, можам да кажам дека големите животни настани од наталната карта се со прецизност од 90%, додека другите информации кои може да ги видиме во наталната карта во голема мера зависат од знаењето и умешноста на самиот астролог, односно дали и како знае да ги види и интерпретира.

Ивица Трповски

Имаш ли изработено натална карта за некој што отворено ти кажал дека не верува во астрологија? (ако да... Каква му беше реакцијата откако го слушна толкувањето?)

Главно мажите имаат поголема недоверба во астрологијата, меѓутоа најчесто се предомислуваат
Ивица

- Кај голем број на луѓе постои одредена доза на недоверба во однос на астрологијата, бидејќи сметаат дека таа е премногу општа наука и може да се толкува на различни начини и да се примени на која било личност, односно нивната перцепција за астрологијата е дека таа претставува поделба на луѓето на дванаесет зодијачки знаци, онака како што тоа е прикажано во одреден весник, списание...

Меѓутоа, за изработка на лична натална карта, потребно е точното време, час и место на раѓање па оттука јасно е дека наталната претставува еден многу личен приказ на личноста и карактерот на лицето.

Главно, мажите имаат поголема недоверба во астрологијата и генерално во изработка и интерпретација на натална карта, меѓутоа најчесто по направената натална карта, се предомислуваат кога лично ќе се уверат во точноста на астрологијата ги применуваат сите совети кои ќе ги добијат и често се јавуваат повторно за консултации за важни прашања.

Кој хороскопски знак ти е омилен?

- Самата астрологијата како дисциплина не претпочита дека еден зодијачки знак е подобар или погоден во споредба со други знаци, астрологијата е тука да ни помогне да ја разбереме наталната карта и да го искористиме тоа на најдобар начин за нас. Не можам да одвојам еден знак кој ми е омилен или е најдобар, сите хороскопски знаци имаат свои карактеристики, носат одредена убавина во себе и свој начин влијаат врз животот на луѓето.

Со кој хороскопски знак луѓето најмногу се гордеат, а кој едноставно не им е омилен?

- Некои луѓе се гордеат со својот знак затоа што веруваат дека имаат одлики и квалитети кои се поврзани со тој знак, додека други можат да се гордеат со својот знак затоа што имаат лични и успешни искуства и приказни поврзани со тој знак. Во принцип, лицата кои имаат огнена енергија во наталната карта, искажана преку аспектите на огнените знаци, имаат тенденција на гордост на својот знак и обратно, луѓето кои имаат доминантно земјена енергија секогаш би смениле нешто во својот знак, така што многу различни знаци можат да бидат горди на својот знак или да не им е омилен.

Ивица Трповски

Многумина веруваат дека „сè во животот се случува со причина“. Кој е твојот став?

- Концептот „сè се случува со причина“ е познат како принцип на каузалност, односно идејата дека секој настан има причина и секоја акција предизвикува реакција. Овој принцип се однесува на нашето разбирање на светот околу нас и сите духовни традиции зборуваат за поврзаност на сè во универзумот.

Лично јас верувам дека секоја случка и настан има духовно значење и не е чиста случајност, меѓутоа она што и настојувам со наталната карта е наместо да се фокусираме на прашањето дали „сè се случува со причина“, потребно е да се фокусираме на тоа како да се справиме со нашите животни искуства и да одговориме на предизвиците и приликите кои ни се нудат.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11228 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.