Почетна » Новости » Актуелно » „Името ми го даде татко ми, на синовите им ја пренесувам верата преку пример“: Димитар Андоновски за Митровден и побожноста

„Името ми го даде татко ми, на синовите им ја пренесувам верата преку пример“: Димитар Андоновски за Митровден и побожноста

Митровден не е само празник за оние што го носат името на Свети Димитриј – тоа е ден исполнет со спомени, вера и благодарност. За нашиот соговорник Димитар Андоновски, ова име не е само дел од неговиот личен идентитет, туку и најтопла врска со родителите, семејството и духовноста што го води низ животот.

Во искрениот разговор за Фемина, познатиот македонски пејач зборува за значењето на името што го добил по желба на татко му, за детските спомени од Митровден во дом полн со луѓе и љубов, но и за тоа како денес празникот го доживува во кругот на своето семејство.

Со тивка вера и длабока благодарност, битолчанецот сведочи дека духовноста не е само традиција што се негува на празници, туку начин на живот што се пренесува – преку пример, мир и љубов.

Димитар со семејството

Знаеш ли зошто твоите родители ти го дале токму ова име?

Името било желба на татко ми
Димитар

- Името „Димитар“ било желба на татко ми. Тој сакал така да се викам и често на мајка ми ѝ велел: „Слушни колку убаво звучи — Димитар… Димитар.“ Тие зборови ми останале во срцето. Затоа името не ми е само име, туку спомен, љубов и дел од нив што го носам со себе секој ден. Димитар со семејството

Кога ќе се навратиш назад, како изгледаше славењето на Митровден во твоето детство? Дали има некое посебно сеќавање што секогаш ти буди носталгија?

- Митровден во моето детство го паметам како ден кога се собираше целото семејство. Домот беше полн со луѓе и убави моменти. Тоа беше време кога сите беа заедно, без брзање и без многу формалности. Тоа едноставно присуство на најблиските е спомен што секогаш ми останува во сеќавање.

Денес, кога веќе си семеен човек, како го одбележуваш именденот? Имате ли некоја традиција што ја негувате секоја година?

На Митровден наутро посетуваме служба во црква
Димитар

- Денес Митровден го славам тивко и семејно. Наутро посетуваме служба во црква, затоа што верувам дека тоа е вистинското славење на празникот. Не ми е важно да има голема прослава или многу гости. Најважно ми е да сме заедно и да го поминеме денот со почит и благодарност. Ако дојдат блиски луѓе — убаво е, но суштината за мене е времето со моето семејство. Димитар со семејството

Побожен си и не ја криеш својата вера во Бог. Што за тебе значи што го имаш Свети Димитриј како еден вид на твој заштитник?

- За мене Свети Димитриј има големо значење. Го чувствувам како мој заштитник и заштитник на мојот дом. Со тоа што го носам неговото име, секогаш чувствувам и една тивка обврска да бидам подобар човек — во мислите, во делата и во односот кон другите. Не го доживувам тоа само како име или традиција, туку како насока и потсетник да одам по вистинскиот пат, да останам смирен, чесен и благодарен. Димитар со семејството

Дали постојат моменти во твојата кариера или приватен живот кога си почувствувал дека токму верата те спасила или те насочила на вистинскиот пат?

Верата ме научи да имам трпение и смирение
Димитар

- Да, има такви моменти. И во кариерата и во приватниот живот сум се соочувал со ситуации кога не сум знаел што да правам, кога сум бил под притисок или во дилема. Во тие моменти, молитвата и верата ми давале мир и јасност. Не како некое чудо што одеднаш менува сѐ, туку како тивка сила што ти кажува да не брзаш, да останеш смирен и да веруваш дека сѐ ќе дојде во свое време. Верата ме научи да имам трпение и смирение, да гледам пошироко и да не се откажувам, дури и кога е најтешко.

Колку ти е важно твоите синови да растат со чувство за духовност и благодарност? Како им ја пренесуваш верата во секојдневниот живот?

Димитар со семејството
На синовите им ја пренесувам верата преку пример, не преку зборови.
Димитар

- Многу ми е важно моите синови да растат со чувство за вера, почит и благодарност. Сакам да знаат дека сѐ што имаме не е само по наша заслуга, туку и по Божја промисла. Им ја пренесувам верата најмногу преку пример, не преку зборови. Често кога одиме во црква заедно, кога го палам домашното кандило, кога се молам наутро и навечер, кога ќе кажам „Фала Боже“ за нешто добро што се случило – тие го гледаат тоа и го учат природно. Сакам да растат како добри луѓе, со срце, со разбирање и со почит кон другите, како прави христијани. Тоа за мене е најголемото наследство што можам да им го оставам.

Даница Караташова Илиоска / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 24%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 30286 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.