Креативна мајка, тату-уметник и жена што докажува дека стилот не се купува, туку се создава
Во време на брза мода, консумеризам и наметната естетика, сè повеќе луѓе избираат да се вратат кон автентичноста – кон стил што не ја следи масата, туку ја раскажува сопствената приказна. Ирина Атанаскова, позната како Ина Нејмлес, е мајка на две деца и жена која отсекогаш знаела дека личниот стил не се купува во бутици, туку се гради од емоција и храброст да бидеш свој.
Нејзината љубов кон облеката од втора рака започнала уште во детството, како мал домашен ритуал што го претворила во личен стил и животна филозофија. Денес, Ина е пример дека модата може да биде истовремено економична, одржлива и длабоко лична. Во ова искрено интервју за Фемина, една од најпрепознатливите тату мајстори во Скопје, ја споделува својата приказна – од првите „старо-нови“ парчиња, до тоа како second-hand културата ја обликува нејзината креативност, мајчинството и погледот кон светот.
Како започна вашата љубов кон облеката од втора рака? Дали беше случајно откритие или свесен избор?
Ина
- Кога бев мала, многу блиску до каде што живеевме имаше продавница за облека од втора рака, каде што мајка ми често одеше и ни ги носеше дома на мене и на сестра ми најинтересни парчиња облека. Се сеќавам како бев возбудена кога ќе се дотерав за во училиште во старо-новите облеки и се чувствував многу самоуверено и како себеси. Можеби сме го носеле тоа затоа што сме пробувале да заштедиме како фамилија од средна класа, меѓутоа сѐ е во тоа како ќе го презентираш тоа што го правиш пред своите деца. Нам таа облека ни била нова, возбудлива и презентирана како пронајдок и уникат и затоа сѐ уште ми влева една доза серотонин, секогаш кога ќе најдам старо-ново уникатно парче кое било веќе носено од некој друг.
Колку долго практикувате да купувате облека на овој начин и како тоа влијаеше на вашето чувство за мода и креативност?
- Практикувам уште од мала и сигурна сум дека влијаело на тоа како се изразувам себеси преку својата облека. Јас се сметам за прилично креативен човек, односно сум зависна од тоа да создавам нешто со рацете секој ден, а тоа што ќе облечам многу зависи од тоа како се чувствувам дента, а може и да го диктира целиот наратив на мојот ден. Факт е дека тоа што сум носела од мала облека од втора рака влијаело на тоа да не се замарам за трендови и трендовски парчиња и бои, туку своеволно и со своја глава да ги одбирам боите на моите дневни комбинации, како и самите форми на парчињата. Сметам дека тоа ме прави искрена и со себе и пред другите луѓе, затоа што како изгледам е навистина огледало на тоа што сум.
Какво е вашето искуство со second-hand продавниците во Македонија? Дали имаме добра понуда и култура на купување од втора рака?
Ина
- Дефинитивно во последно време купувањето и носењето на облека којашто е втора рака е во подем, како некоја суб-култура во „street“ стајлингот и „underground“ сцената во Скопје, но сè уште знае да биде и табу тема. Тоа го имам заклучено според коментарите кои ги имам добиено на Тик Ток како: „има пари да си направи тетоважи, а нема пари да им купи на децата нова облека”, или страв на луѓето дека облеката е нечиста.
Но, во ред е да се има поделени мислења на одредена тема, сѐ додека се почитуваме. Кога се коментира за одредена тема, потребно е да се биде информиран, па факт е дека на планетата Земја, доколку сега се стопира целото производство на облека, ќе има облека за уште минимум 6 генерации и дека тонеме во ѓубре од материјали. Во однос на продавници, физички, каде што можеш да одиш и да купиш нешто, мислам дека во Скопје, а и во цела Македонија има многу многу малце, додека онлајн шоповите се во подем, правопропорционално растечки со развојот на брза достава на нивото на нашата земја.
Како реагираат луѓето кога ќе дознаат дека облеката што ја носите не е нова, туку second-hand парче?
Ина
- Би рекла дека во живо ако некој ми даде комплимент за облеката и му кажам „фала, ова го најдов во продавница за втора рака облека”, ќе биде изненаден и фасциниран. Но, како што кажав има и загрижени коментари за дали тоа е чисто. Факт е дека облеката којашто се произведува во фабрика всушност е понечиста. Облеката од втора рака често се смета за почиста од новата затоа што новата облека е полна со фабрички хемикалии – фиксативи за боја, омекнувачи, антистатички препарати и некои други препарати што не знам како се изговараат, кои остануваат на ткаенината и можат да предизвикаат иритации. Плус, новата облека поминува низ транспорт, складирање и продавници без да биде испрана, а ја допираат многу луѓе и машини. Од друга страна, облеката од втора рака веќе е перена повеќе пати, со што се отстранети најголем дел од хемикалиите, а дополнително многу second-hand центри прават дезинфекција, парење или индустриско перење. Ткаенината веќе е „исчистена“, стабилна и без токсини, па затоа често може да биде и побезбедна за кожата од новата.
Зошто мислите дека кај нас сè уште има отпор кон ваквиот начин на купување и што би ги охрабрило луѓето да размислуваат поинаку?
- Мислам дека луѓето се многу исплашени за тоа како ќе бидат перцепирани од околината и дека многу се носи облека за да се импресионира некој друг. Се носат скапи чанти, облеки со огромни логоа на брендови, се коментира на Тик Ток на кој колку му чини аутфиот... Треба да се запрашаме кого пробуваме да импресионираме? И сѐ додека одговорот не е – нашата помлада верзија од себе која имала некои сонови и цели, тогаш, можеби тоа што го правиме е грешно.
Купувате second-hand облека и за вашите деца. Колку, според вас, second-hand шопингот помага семејно – економски, но и едукативно, особено во време кога модната индустрија е сè побрза?
Ина
- За моите деца, најчесто кога станува збор за облека од втора рака, добивам од моите пријатели кои имаат постари деца, па потоа кога ќе ја израснат, ни ја даваат и потоа јас го правам истото. Сѐ што е сочувано и ново (а најчесто тоа е многу, затоа што децата брзо растат и повеќе од една сезона не се носи скоро ништо) го давам и јас на други мајки кои имаат помали деца од нашите и навистина, навистина ми е многу драго кога ќе видам како некое друго дете го носи тоа што го носела Надиа пример. Децата не знаат што е важно, дали некоја марка или што значи скапа или евтина или нова облека, сѐ додека ние тоа не им го кажеме, а според мене, највредно е да се биде хуман и солидарен и да се почитуваат другите околу себе, без разлика на тоа што носат.
Дали купувате и во second-hand продавници кога патувате? Кој град ве импресионирал најмногу со својата „thrift“ култура?
- Вистина е дека во некои други држави има многу поголем избор на облека од втора рака и многу фанатици за мода што и патуваат за тоа – особено во поголемите градови како Париз, Берлин, Лондон... Најмногу до сега имам трифтано во Берлин, секоја недела во „Mauer park“ се одржува огромен пазар со тезги каде што се продаваат секакви работи (не само облека) што се од втора рака и имам најдено многу добри пронајдоци. А за оваа една година додека живеев во Лондон, бев опседната да влегувам во „charity“ продавници што ги има на секој чекор, како и да купувам и продавам на апликацијата „Vinted“, што многу ми фали сега.
Дали имате некое омилено парче со приказна зад себе – нешто што сте го нашле случајно, но има голема емоционална вредност?
- Пред некое време на Марин му купија еден џемпер во црно бели риги, многу ми се допадна и барав ист таков за мене. Влегов во една продавница за втора рака и најдов ист таков! Само голем, мислам дека го манифестирав.
Што би им порачале на мајките кои можеби се срамат да купуваат во second-hand продавници, иако тоа би им помогнало и финансиски и креативно?
Ина
- Набавувањето облека од second-hand значи дека не создаваш дополнителна побарувачка за ново производство, а модната индустрија е една од најзагадувачките во светот. Покрај тоа, со купување од втора рака често поддржуваш локални бизниси, мали продавачи, па дури и хуманитарни организации кои живеат од тие продажби. Тоа поттикнува циркуларна економија – модел во кој работите се користат повторно, а не се фрлаат. Ако нашата цел во животот е да израснеме свесни и добри нови луѓе на планетата, како и барем малку да ѝ се заблагодариме на планетата за нејзините добрини, можеме да почнеме од себе и да оставиме добар пример. Потешко е да се одучи нешто, отколку да се научи нешто ново. Па, да ги научиме новите генерации за вредностите на работите, за трајноста на квалитетот и нивниот животен век, и да се одучиме самите себеси да сме зависни од тој инстант-серотонин кога ќе си купиш нешто ново.
Даница Караташова Илиоска / Femina.mk
