Гордана Сиљановска-Давкова покажа како вистински изгледа инклузивноста во практика.
Македонската претседателка го прими во својот кабинет 12-годишниот Леон, кој има аутизам, дијагноза поради која честопати се соочува со неправди, осаменост, насилство и тага. Неговата мајка, Амела Мемиш Апостоловска, сподели дека Леон бил пресреќен кога бил пречекан со почит и искреност од Претседателката.
Фотографиите од средбата меѓу него и Сиљановска-Давкова несомнено го потврдуваат тоа.
Во својата порака, Амела испраќа моќна порака – дека „инклузивноста не е само збор во стратегија, туку практика која се живее и чувствува“.
Денешниот ден во кабинетот на Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, беше повеќе од посета тоа беше потврда на суштинското човеково достоинство. На покана од Претседателката денеска Леон не беше пречекан како гостин, туку како свое дете. Во атмосфера исполнета со спокој, достоинство и искреност, тој беше третиран со мајчинска топлина и почит што ги надминува сите протоколи. Немаше официјални говори, туку искрени зборови и тивки насмевки. Леон и Претседателката споделија моменти поминати со благост и човечност.
Овој гест е психолошки моќен чин со кој највисоката институција праќа јасна порака: Секое дете заслужува да биде видено, слушнато и почитувано, без исклучок. Различностите не се пречка, туку вредност и одраз на богатството.
Тој присуствуваше и на церемонијата на менување на државното знаме на Македонија чин кој остави длабок впечаток. Од Леон блескаше чиста, детска радост која зборува погласно од која било дипломатска изјава.
Ваквите моменти се темел за иднината. Инклузивноста не е само збор во стратегија, туку практика која се живее и чувствува.
Денеска, Леон ја почувствува. И со тоа, нашата заедница стана побогата.
Амела е неуморен поборник за рушење на стереотипите и за создавање подобри услови за лицата со аутизам.
