Нема веќе нарачување на ситници од странски онлајн продавници без да платите и данок. Досега, за производи до 22 евра (околу 1.300 денари) бевте ослободени од данок, но од следната недела, вкалкулирајте си и дополнителен трошок.
Собранието вчера ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност со кои се укинува даночното ослободување за пратките со мала вредност. Пратениците со 59 гласа „за“ и 12 „против“ изгласаа граѓаните да плаќаат 18% ДДВ и за нарачките до 22 евра. Најзасегнати од новата мерка ќе бидат корисниците на популарните платформи како „Тему“ и „Али Експрес“.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи: „Основна причина за оваа измена е создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби и обезбедување пофер и порамноправна положба на малите бизниси во Република Македонија со оние во странство при плаќање на ДДВ“.
Сепак, се задржува можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство (од физичко до физичко лице) до 22 евра без плаќање ДДВ. „Се пропишува ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добра пратени како мали пратки од некомерцијална вредност, од физичко лице на физичко лице, чија вредност не надминува 22 евра. Ослободувањето не се применува за алкохол и алкохолни пијалоци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун“ – стои во Законот.
Законот стапува на сила 8 дена по објавата во Службен весник, што значи дека веќе од наредната недела ќе се започне со оданочување и на ситните нарачки.
