Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Почетокот или – зошто губам време на глупави статии?
Мирисање оригами

Почетокот или – зошто губам време на глупави статии?

Да разјасниме веднаш – ова нема да биде колумна која ќе плива во правописни и граматички грешки, ќе се дави во неправилна употреба на наставки за членување или ќе бележи отсуство на правилни наводници, надреден знак или нов ред.

Идејата е да се обликува писмен текст, кој ќе има задача да ве расположи, насмее, подучи и да отвори здрава дискусија.

Ако барате тон сарказам, по теркот на почитуваниот и страшно експлоатираниот доктор Хаус, нема да го добиете тука. Барем не во таа количина.

Хејтеризмот, жаргонски кажано, и бичи однесувањето станаа секојдневие; го окупираат нашето внимание, го обликуваат начинот на кој размислуваме, и ни ги грицкаат сопствените мисли.

Луѓето почнаа да се плашат да изговорат реченици кои не содржат иронија или сарказам, затоа што едноставно – не е кул, не си токму во паметот, досаден си, неинспиративен, глупав и многу веројатно – добродушно наивен.

Не паметам од кога не сум прочитала убав текст за душа (со исклучок на неколку од Синоличка Трпкова), кој ќе ме освои, ќе ме натера да размислувам, или едноставно – ќе ме насмее, без да ми остави некое горчливо пелин чувство на јазикот.

Или статија во која предмет на исмејување, по стоти пат, нема да е дотичната Лебетка, бракот на Вили Аждаја со малолетничката или дупките во англискиот јазик на домашните пејачи.

Преплавени сме со вести за задникот на Ким Кардашијан, навиките за мачкање на лепчето со маргарин на Ријана или гаќите на Бијонсе - дали се синтетички или 100% памук?

Површноста и плиткоста завладеаја со нацијата, упорно продолжуваме да го силуваме левото копче на глувчето, да ги впиваме информациите кои апсолутно не ни прават никаква разлика во животот, и подоцна да си ги прераскажуваме со најблиските.

Ако пресметам колку време во денот губам на читање глупости на интернет (не можам да дадам одговор на прашањето зошто кликнувам на такви статии, како што не можат да го сторат тоа ни поголемиот дел од вас), досега ќе беше минимум двапати прочитана целата едиција од Достоевски која ми фаќа прав и сите грижливо купени и заборавени книги на полиците, кои чекаат подобри времиња, во кои јас нема да бидам затрупана со обврски, а екранот нема да ме мами сочно со новата боја на Хурем Султан.

Признавам – грешник сум. Алчно кликнувам на сите информации кои ми се сервираат, за да неколку минути подоцна се изнервирам и се прекорам колку сум глупава. И продолжувам, и пак се прекорувам... се вртам во круг, додека часовникот не ми ги одброил минутите посветени на шунд литература.

Љубовта кон читањето книги се всадува во најраното детство. Или ја имаш, или ја немаш.

Книжулето со неодолив и карактеристичен мирис претставува свет сам за себе, кој нуди ментални авантури, и се држи подалеку од гнилежот на интернет фасцинацијата и сервилните информации за појадокот на старлетите, односно дали истиот вклучува цитрон или можеби половина јаболко.

Во состојба сум дури и да речам ДА, за 50 нијанси сиво, за чик-литературата, па дури и за оние самопомагачки будалаштини, доколку тоа значи дека луѓето ќе читаат.

Во состојба сум да заборавам на мојата најчесто употребувана – „не е до вкусот, до тебе е“, и да им пружам раче на сите кои решиле денес да го прескокнат излегувањето или да се лишат од ново парче облека, за да си ја купат омилената книга. Онаа, за која би го исклучиле мобилниот или би го дочекале изгрејсонцето со будно ококорени очи, побогати за уште една квалитетна приказна.

Додека го завршувам нашето запознавање, го поземам Зафон и го кројам планот – кои епизоди од кои серии ќе ги чкртнам од списокот вечерва.

Не знам само дали ќе ми успее да се спасам од неподносливи портокали кои зборуваат или шишки кои напаѓаат во 2013, но ветувам дека ќе дадам сè од себе…

Ваша, своја и ничија,
Трендафилка

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9485 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.