Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Јагне или грабливец
Ловец на приказни

Јагне или грабливец

Може ли човек да се смени, да се претвори во нешто сосема друго?! Според мене, можно е, а најчестите причини за тоа се љубовта или работата. Сретнав еден човек кој во минатото беше многу друштвен, разговорлив, мек како јагне. Иако ме предупредуваа дека многу се изменил, јас не верував сè додека лично не се соочив со него. Човеков навистина беше како друга личност. Се пофали дека добро заработува. Додека разговаравме на неговото лице се гледаше некоја нота на надменост, ја немаше таа мекост во изразот на лицето како порано. Тогаш си помислив ете како од јагне се станува грабливец.

Жена

Отсекогаш сум се прашувала дали тие особини треба да ги поседуваш или животот те учи како да ги практикуваш. Најверојатно треба да имаш и таква карактерна црта. И во љубовта има јагниња и грабливци. Некому оддалеку му се гледа канџичето, а некои вешто го прикриваат, трпеливо чекаат, а потоа напаѓаат во погоден момент. Има и машки и женски кои сакаат да ловат, а има и такви кои сакаат да бидат уловени.

Паметам една девојка која раскажуваше како го „ловела“ својот сопруг, како вистинска грабливка. „Ми се бендиса, му побарав број, а потоа му се јавив. Секогаш јас му се јавував и инсистирав да се гледаме“. А интересна беше констатацијата на типот кој не беше свесен дека е всушност јагнето во приказнава. Па, малку мангупски се пофали ете како таа го барала, му вртела на телефон, па не можел да ја откачи. А најсмешно од сè е што е оженет со неа. Сега видете кој е поголем фраер, тој или таа.

Факт е дека животот знае да не измени, еве како во случајот со пријателов на почетокот на текстот. Но, тој не е единствениот кој од јагне станал грабливец. Мислам дека најмногу се менуваме откако ќе застанеме на свои нозе.

Со првото вработување се среќаваш со вистински проблеми, од колеги кои се лактаат за подобра позиција, до колеги кои газат сè пред себе за да дојдат до посакуваната цел. За да не бидеш колатерална штета, мораш да научиш да се штитиш, или да се претвориш во машина, или ќе мелеш или ќе те мелат. Некои соработници навистина ќе те доживуваат како уште едно парче месо кое треба да го здробат, без многу емоции.

Сум видела дека тие што се многу вредни не секогаш го добиваат заслуженото, но за жал тоа е така кога се однесуваат како јагниња. Затоа, треба да се бориме и тоа што ни припаѓа да си го земеме. Некогаш животот ќе те натера од јагне да станеш грабливец.

Кога ќе се вратам наназад, само колку солзи исплакував по секој работен ден, на почетокот на мојот работен ангажман. Доаѓав дома и плачев како будала. Но, по извесно време човек отрпнува. А дали сум станала грабливка, тоа не знам, но сигурна сум дека барем не сум веќе јагне.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11130 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.