Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Што има врска љубовта со џвакањето?
Ловец на приказни

Што има врска љубовта со џвакањето?

Седевме во ресторанот, двајцата загледани во телефоните, јас на Фејсбук, тој проверуваше електронска пошта... Иако ми беше вклучен телефонот, мислите ми одлетаа, си помислив колку ни беше убаво порано кога немаше паметни телефони.

Ми текна на нашето прво одење во ресторан. Тогаш ми рече: „за да знаеш дали сакаш некого, види го како јаде, ако ти се допаѓа начинот на кој ја консумира храната, тогаш тоа е љубов!“ Паметам дека тогаш, на моите први состаноци со него, сакав да му се допаднам, па со виљувчето и ножот сецкав мали парчиња од храната, за да не бутам големи залаци во устата, за случајно да не помисли дека јадам несмасно, а со тоа да оставам лош впечаток, нели! Паметам дека бев одмерена, но некако не бев своја, не бев комотна. Фала богу што брзо увидов дека тие реченички, каде и да ги научил или слушнал, се тотално бесмислени. А во суштина, што има врска љубовта со џвакањето?

Пар на вечера

Паметам дека по неколку излегувања намерно купив пица и ја јадев со раце, цела замачкана, со голем залак во устата, без да се грижам каков впечаток ќе оставам. И така со полна уста едвај го прашав „Ме сакаш?“. А тој почна да се смее, а потоа ме бакна и ми рече „Да“, си зема од пицата, а и тој се замачка околу устата. Но тој не попушташе, јас сум јадела „слатко“, барем тој така велеше, не дека правилото со џвакањето и љубовта било погрешно.

Интересно е како месеците и годините поминуваа, неговите љубовни прописи, наметнати или прочитани од некаде, јас ги кршев збор по збор, буква по буква, само да му покажам дека љубовта нема правила. Така на пример еднаш ми раскажа дека излегол со една девојка во театар, и никогаш повеќе не ја видел, оти многу лошо „мљацкала“ мастика. Јас многу сакам мастики. Точка. Џвакам секој ден. И сега по јадењето ќе си лапнам една.

Со годините станував посигурна и поубедлива во тоа што го кажувам. А и тој веќе несвесно ги повторуваше моите реплики, а моите ставови ги кажуваше како да се негови. Премолчував, го оставав да биде свој, барем да мисли дека е свој. Мислата ми ја прекина келнерот со „Што ќе нарачате?“. „Пица“, велам, а тој продолжи да гледа во телефонот, читаше мејлови од неговите соработници оти е непоправлив „workaholic“. Не е свесен колку го сакам, со сите негови маани.

Седнат спроти мене го набљудувам, но во неговите очи го нема тој жар како кога во истиот ресторан пред многу години тој ме пиеше со поглед, истражувајќи ме небаре сум некој редок примерок. Тогаш имав чувство дека за него постојам само јас. Сега откако сум истражена зона, нема возбуда за нешто ново и непредвидено... само расеано зјапаше во телефонот. А и јас веќе не го гледам со таков восхит, сѐ е видено и сѐ е слушнато, секоја реченица, секоја досетка, можеби затоа кога сме заедно, сме на познат терен и затоа се чувствуваме убаво. Си размислувам... што се случи? Кога згасна тој жар, кога 100% ми беше посветен само мене? Но тоа е тоа, љубовта се менува, добива нови фази... Келнерот во ресторанот ни ја носеше пицата. Ммм, вкусно изгледа.

Каква иронија, сега тој ја сецка храната на мали парчиња, а јас јадам и со раце и со прибор, лапам големи залаци. Одамна не ми е гајле што ќе помисли, оти мислам дека ако ме сака, ме сака заради мене, а не заради тоа што џвакам убаво. За оној што го сакаш, ќе наоѓаш причини да го сакаш, а за оној кого не го сакаш, секогаш ќе наоѓаш маани за да не го сакаш. Јас навистина имав среќа. Ем јадам несмасно, ем ме сака. А и тој веќе не е сигурен во врска со приказната за џвакањето и за љубовта.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11126 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.