Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Шест мудрости со кои ме израсна мајка ми
Ловец на приказни

Шест мудрости со кои ме израсна мајка ми

Кога бев дете, имав страв од мајка ми. Вистински ви велам, таа беше една студена личност која не знаеше да покаже љубов, барем така ја доживував тогаш. Откако знам за себе, целото мое детство го поминав обесена на вратот на татко ми. Го гушкав и го бакнував, чекав со нетрпение да се врати од пат, затоа што само тој ми ги правеше ќефовите. Постојано се договаравме што ќе ми купи или каква желба ќе ми исполни. За разлика од него, мојата мајка не даваше ништо, туку само бараше, да се напишат задачите, да бидам дисциплинирана итн. Бидејќи работеше умствена работа, ќе се вратеше од работа и постојано беше закопана во книгите. Често гледав умор на нејзиното лице.

Мајка

Кога пораснав малку, сфатив дека таа всушност и нема никаква помош од мојот татко. Таа се грижеше околу обврските со мене и мојот брат, се подготвуваше за наредниот ден, правеше ручек и ги завршуваше сите други обврски во домот. Едноставно целиот товар на семејството го носеше на нејзиниот грб. Еднаш ја затекнав во спалната соба како плаче, ја прашав зошто плаче, но таа само се сврти на другата страна, за да не ми покаже слабост. Вечерта ѝ напишав писмо и ѝ го оставив во спалната соба. Претпоставувам дека го прочитала писмото, но никогаш не ми изусти ниту збор во врска со напишаното.

Драга мамо!

Бидејќи во последно време гледам дека нешто те тишти, те молам, сподели го тоа со мене, и тебе ќе ти биде полесно. Знам оти мислиш дека сум мала да ги споделуваш твоите проблеми со мене, но знај дека ако ништо друго, внимателно ќе те ислушам. Те мислам и ми тежи што си несреќна, а не знам како да ти помогнам!

Откако помина оваа случка, си ветив дека кога јас ќе имам деца, никогаш нема да ги штедам и нема да се срамам да споделам нешто со нив. Барем ќе разговараме. Оти верувајте, не само што не ме поштеди од нејзиниот проблем, туку уште повеќе ме загрижи, а јас многу ѝ бев лута.

Децата чувствуваат кога нешто не е во ред, веднаш ги фаќаат сигналите, затоа треба да им се објасни. Тогаш мислев така, но сега, од оваа дистанца, размислувам поинаку. Се прашувам што ако мојата мајка тогаш проценила дека на таа возраст не можам да се носам со тој проблем, a познавајќи ја, сигурно било така.

Вистински ми дозволи да ја запознам кога созреав. Еднаш со грижа на совест дека можеби грешела во нашето воспитување ми вели: „Постојано стравував да не фатите лош пат, но мислам дека згрешив што никогаш не застанав на ваша страна, премногу бев строга!“

Престанав да ѝ се лутам кога сфатив дека таа всушност цело време била на „наша страна“, но во тие моменти мислела дека е правилно да биде строга и изигрува лошиот полицаец, наспроти добриот – татко ми. Сега кога сум родител, знам дека мајчинството бара многу жртви, особено кога се вложува во иднината на детето. Нешто ќе му ускратиш, за таквата постапка во иднина да му донесе бенефит. Дали ќе згрешиш во тој момент со некоја постапка е работа на моментална проценка. Затоа што нема родител што му мисли лошо на своето дете.

Особено ја ценам заради тоа што ме остави да бидам „јас“ и никогаш не си го пикаше носот во моите работи. Сама носев одлуки, некогаш погрешни, но најважно е што беа мои. Кога пораснав, сфатив каква личност е таа. Претерано скромна, дискретна, длабока како бунар, и човек на кого можеш да се потпреш. Човек што малку зборува, а многу кажува. Ќе споделам со вас неколку мудрости со кои ме израсна оваа жена, а верувам дека дел од вас сте ги слушнале од вашите мајки.

  1. Што е твое, ќе си дојде.
  2. Од тебе да не е! (Не ги гледај другите што ти прават лоши работи, ти да не направиш некому лошо.)
  3. Не се секирај, ќе дојдат твоите пет минути! (Ги чекам цела вечност.)
  4. Немој да се фалиш, делата нека те фалат! (За кога ќе постигнам некаков успех.)
  5. На оние што чинат зло, сè ќе им се врати! (Верува дека има некој космички баланс. На ова мојот сопруг редовно се смее.)
  6. Знаеш да се радуваш на туѓата среќа, и кај тебе ќе наврти среќа.

P.S. Мамо те сакам!

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10622 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.