Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Помалку телесна, повеќе духовна љубов
Ловец на приказни

Помалку телесна, повеќе духовна љубов

Чекорев низ скопскиот плоштад кон улица Македонија. Занесена се разминував со луѓе заитани, кои брзаат некаде. И јас сум дел од таа заедница „итачи“. Сѐ немам време. Не знам зошто е тоа така. Интересно е како сите минувачи брзаа некаде. Како во главите да имаа вградени часовници што го мерат времето и одбројуваат тик-так, тик-так... мора брзо да се стигне.

Само еден постар пар, претпоставувам пензионери, можеби беа и брачен пар, полека се движеше по улица Македонија. Само кај овие луѓе се забележуваше некаков спокој, како тие да се движеа по друга временска зона, како да имаа време на претек. Изгледаа како да се сами меѓу толпа луѓе. Околината не ги засегаше. Стариот господин ја прегрнал бабичката и како гулапчиња си гугаа и полека се движеа по улицата со кратки чекори.

Пар

Видлива беше блажената насмевката на нивните лица, а очите им светкаа. Нивниот лик раскажуваше некаква приказна. Не престанав да ги гледам сѐ додека не ми се изгубија од видикот. Тогаш почнав да нагаѓам. Можно ли е љубовта да има ваков жар и на стари години? Можно ли е и по 40 години брак да шетам со избраникот по плоштад и да изгледам толку заљубено? Не знам дали е можно. Таа аура околу нивните глави сепак кажуваше дека станува збор за нова љубов во зародиш. Заљубените луѓе и на 70 години изгледаат боженствено. Се чинеше како да си кажале некаква тајна, нешто што го чувале длабоко во себе и сега наеднаш се ослободиле. Или пак можеби приказната е поинаква. Постои веројатност да се сретнале неодамна. Можеби таа му била стара љубов од школските денови, немале можност да бидат заедно, па по толку време случајно се сретнале и сѐ си признале, сѐ што таеле во себе. Или можеби искрата се родила на стари години. Таа и тој се возеле со автобус во вторник, тој ѝ помогнал со торбите, а таа го поканила на кафе. Овие двајца заљубени пензионери ми отвораат прашања на кои немам одговори.

Искрено се плашам од тоа дека можеби на стари години нема да изгледам како овој пар. Маркес многу убаво ја опишува љубовта во поодминати години. Така на пример главниот лик во книгата „Љубов во време на колера“ целиот живот е заљубен во една жена, но таа е мажена за друг. На крајот, љубовта на неговиот живот ќе дојде во неговите прегратки. Интересно е како тој ја опишува љубовта на стари години без идеализирање. Во моментот кога ќе се бакнат двајцата љубовници, веќе во поодминати години со опаднати тела, тој констатира дека љубовта на стари години има киселкаст вкус.

Дали и кај двајцата стари луѓе што ги видов љубовта има киселкаст вкус, тоа не знам. А не знам и дали мојата љубов на стари години ќе се скисели. Важно е да трае магијата, ако нема магија, вкусот најверојатно нема да се поднесува.

Нема човек кој не се запрашал, а никогаш гласно не поставил прашање до своите родители, на пример дали водат љубов и на 70 години, оние кои можат секако. Љубовта со тек на времето влегува во нови фази. Мислам дека во поодминати години, таа е помалку телесна, повеќе духовна. Важно е да постои и да добива нови облици, затоа што како се менуваме ние, така и таа се менува.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11173 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.