Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Одиме на одмор!
Ловец на приказни

Одиме на одмор!

Станавме наутро, го запаливме сонцето и тргнавме многу рано. Кога го поминуваме мостот Гоце Делчев и кога ќе го видам сонцето некаде во далечината како ги пушта првите зраци, ме потсетува на раните утра кога јас бев дете и кога со моите родители одевме на одмор. Возбудата е иста, се радувам како тогаш.

Летен одмор

По два часа, стигнавме на наша граница. Нашите граничари љубезно ни ги прегледаа пасошите и ни посакаа среќен пат. Веднаш по минувањето на границата има селекција на автомобилите – едните се редат во колоната за земјите кои се во ЕУ, а другите во онаа за земјите кои не се. И секогаш го имам она чувство дека ние сме оние кои не припаѓаат никаде – отпадниците. Оваа грда емоција ми се зголемува само кога ќе ја здогледам колоната пред граница. Редици возила чекаат за да влезат во Грција. Сонце пече, деца плачат не можат да издржат, нервозни шофери се караат кој има предност. И мене ми врие во душава, ми се расипува ќефот.

По двочасовно малтретирање, дојдовме до границата. Грчкиот граничар распашан седнал на една столица, а рацете ги потпрел на една мала масичка. „Аде, аде“ – вика нервозно, мафтајќи за да му ги дадеме листовите. Изнервиран зошто не биле отворени, почна да гестикулира со големите раце и да вика нешто на грчки како да му прави муабет на носот. Веќе отрпнати од горештината, сеедно ни беше што ни кажува. Да ни речеше магарето лета, ние ќе му одговоревме лета само да нѐ пушти. На какви сѐ понижувања сме подложни и интересно е како нашата потчинетост веќе ни станува нормална. Сѐ додека не се најде јунак да збумбари некој граничар и да бидеме раат еднаш засекогаш.

Овој период не е „сезона“, нема метеж, а тек кога е шпицот, можам да замислам како е на граница. Интересно е што на македонскиот дел од границата не се чека, но на грчката страна така е со години и ништо не се превзема околу тоа. Ги паметам овие редови уште кога бев дете. Чекавме со часови на граница. Тогаш бевме Југославија, а замислете како беше без клима во колата. Сакам да кажам дека грчката администрација е мрзлива за сите, било да се Македонци, Срби или Германци, тоа е односот кон сите.

Само што пристигнавме, отидов да купам столица за на плажа. Колку сме полни со предрасуди. Истиот ден констатиравме дека пластиката е поткршена. И почнавме да се нервираме: „Грк ако не ти подметне нешто, бла бла...“ На жената од која ја купив столицата ѝ кажав дека сум од Македонија, а таа ми рече дека нема проблем со тоа. Веднаш помисливме дека ете ме измамила, ми подметнала искршена столица. Отидов да ја заменам столицата и очекував проблеми. Наместо тоа, таа љубезно ми се извини и ми ја сменија пластиката. Иако не отидов со тенденција да се расправам, некако во себе се засрамив од помислата дека жената сака да ме измами. Така е кога гледаме со недоверба кон некого.

Но има и убава страна во приказната. Ќе се бањаме во морето, јеее. Избриши ги лошите емоции за да направиш место за добрите. Местото е прекрасно, плажата блиску. Убавина. Седам и набљудувам. Мажи со пуштени стомаци, олабавено си пијат пиво, а жените постојано зујат околу децата. Една „маџарица“ со пикнати купачи во задникот цело време кокетно шета наоколу, интересна е. Трешти музика од околното кафуле. За мене одмор е помалку муабет, повеќе тишина. Книгичка во соба, никако на плажа. Може ќе ви биде чудно, но имам посебен култ кон книгите, никогаш не ги носам на плажа за да не ги извалкам. Во последно време размислувам да го прекинам тоа правило. Можеби постои начин да останат читави.

И за крај, само да кажам, на светов луѓето не се делат по националности, туку се делат на лоши и добри, љубезни и арогантни, вредни и мрзеливи.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10600 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.