Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Да ми шепнеш „те сакам“
Ловец на приказни

Да ми шепнеш „те сакам“

Ти си владетел на моето срце, тиранин и жртва. И заповедник и слуга. Сакам со прстите да поминуваш по мојата коса, допирајќи ме нежно. Да ме набљудуваш со восхит, да насетиш што ми треба. Да владееш со себе. Секогаш да бидеш на моја страна иако не сум во право, а потоа кога ќе останеме сами, да ми кажеш што мислиш. Да не ми кажуваш работи кои се очигледни. Без задршка да ме земеш... Да ме оставиш кога треба. Да направиме таков сојуз, за никој да не може да нѐ раздели. Да молчиме заедно, да зборуваме до полноќ. Со поглед да ми кажуваш, да ми шепнеш „те сакам“. Некогаш да ми зготвиш ручек, да ги спростреш алиштата на жица, и да се правиш како тоа да не ти претставува голем напор. Да се погрижиш за децата, да ги нахраниш, преоблечеш, избањаш, а при тоа да не бараш помош од мене. Знаеш дека многу се нервирам кога им облекуваш различни чорапи на децата оти тие ти биле на дофат, и пижами наместо тренерки, оти според твојата логика, биле слични. Сакам да не пламнуваш за глупости, оти знаеш дека е залудно потрошена енергија. Знам дека те нервира хаосот кој го создаваат децата, но замисли да немаше кој да ни прави хаос. Сакам еден ден кога ќе се вратиш од работа да ја премолчиш реченицата „Уморен сум“.

Заљубен пар

Депресивна сум на зелената боја на телевизорот, поради тоа што освен Спорт клуб не се гледа друг канал на телевизорот. Интересен е феноменот кога децата трчаат како Индијанци и скокаат на кревети, а ти си загледан во телевизорот и не ги приметуваш. Проектил да ни падне во соба, нема да забележиш. Убаво ми е да те гледам кога ги скокоткаш, а тие се смеат гласно и сакаат уште.

Не сакам да ме менуваш, како што не сакам и јас тебе. Ако ме смениш, нема да бидам таа во која се вљуби, туку некоја друга. Таа другата, верувај, нема да ја сакаш, оти и јас ќе ја мразам.

Сакам кога наутро ќе ме разбудиш со зборовите „Хотел Хилтон повелете кафенце“, а верувам дека и тебе ти прави ќеф кога ти го возвраќам истото и секогаш се смееме на овие зборови. Сакам наутро да читам книга со кафенцето, а ти да ме оставиш да самувам некое време. Го сакам гестот кога ми носиш торта од некоја роденденска забава, и знам дека не е идеја на славеникот туку тебе ти текнало, оти знаеш дека сум по благото.

Лани кога се разболев, а ти бдееше над мене, цела ноќ, си помислив со каква посветеност го правиш тоа, ти не знаеш колку ми значеше таа грижа што ја покажа кон мене. Не успеав да ти се заблагодарам што ме сакаш, но да знаеш дека ти ме оздраве со твојата исцелителна моќ.

Сега кога ја прочита колумнава време е да направиш нешто од горекажанато, а и да не направиш, знаеш дека не би те менувала. Купи две карти за Париз, знаеш дека ми е желба одамна, да избегаме некаде малку сами, мајка ми ќе ги чува децата, без грижа на совест дека не сме со нив!

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 25%
  • 63%
Се испраќа...

(Вкупно: 10615 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.