Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Главата горе, животот оди понатаму
Ловец на приказни

Главата горе, животот оди понатаму

Зошто некои жени изгледаат истрошено и безживотно, а некои и на 60 години изгледаат одлично и полни се со живот во себе? Мислам дека пресудна улога играат гените, духот на личноста и начинот на живот. На жените кои се несреќни и живеат со болка, тоа им се рефлектира и на надворешниот изглед.

Тажна жена

Една пријателка 10 години го трпеше нејзиниот сопруг. Во тој период немаше волја за ништо, некако како да остаре пред време. Во тие моменти си мислев, зарем може некој да те отепа до толку? Ја среќавам пред некое време на улица, светкаше со очите, некако ми се виде поинаква, разубавена, стокмена, зрачеше со живот. Прашувам: „Што се случило што светиш вака?“. „Се разведов“, ми вели. Кај некои жени разводот прави чуда, а некои пак се посреќни во брак. Некои сопругот го доживуваат како бреме. Кога ќе го отфрлат, слободни се и среќни.

Но има и животни судбини кои тешко се пребродуваат и оставаат трајни последици на личноста. На пример, минатата година запознав една млада жена која често доаѓаше на детското игралиште каде ги носев моите деца. Жената беше слабичка, изгледаше многу истрошено, најмалку 10 години постара. Запуштена, несредена коса, забите ѝ паднале, се гледаше дека животот не ја милувал баш многу! Не знам, но и во очите им се забележува на луѓето кога имаат бреме. Кога зборувавме, не ме гледаше в очи, туку со наведната глава, како да ѝ беше срам дека нема заби, па цело време некако ја држеше раката на уста. Знаев дека нешто ѝ се случило, за некој толку да се запусти, мора да носи голема болка во себе. Бидејќи често се среќававме на игралиште, еднаш жената се отвори и ми кажа дека имала поголемо дете кое се разболело и починало. Детето имало 11 години.

Се вознемирив кога ми го кажа ова, иако знаев оти има нешто со таа жена, дека нешто лошо ѝ се случило. Во моментот занемев, не знаев што да ѝ кажам. Посакав да ја гушнам и да ѝ речам нешто за утеха, иако не знаев што. За да го прекинам молкот, бидејќи таа цело време главата ја држеше наведнато, јас како од пушка ѝ реков: „Главата горе, животот мора да се живее, имате и друго дете. Ако не заради себе, заради него“. Таа само благо ми се насмевна.

Знам дека се случил силен земјотрес во нејзината душа, па урнатините внатре се гледаат и однадвор. Си велам, како оваа жена да направи фризура или да ги налакира ноктите, кога не ѝ е важно. Тоа е како на урната куќа да ставаш нов прозор, никој и ништо не може да ја пополни празнината и болката. Како да ѝ се врати сјајот во очите, кога духот ѝ е скршен.

Затоа, секогаш кога ќе видите истрошена жена, да знаете дека сигурно има некоја болка. Има и луѓе кои знаат да се носат со болката, или пак ја имало помалку во нивните животи. Секако, не треба да се предаваме, и кога ќе не удри ваква дамла, и кога ќе изгубиме некој близок, мора да научиме да живееме без него. Најважно е да имаме мотив за живот, а ако го немаме, да го најдеме, да мислиме на себе, а со тоа и на нашите блиски. Мора повеќе да гледаме напред и да ја живееме сегашноста, а помалку да се вртиме назад во минатото.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11129 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.